Груевски за српски „Телеграф“:

Македонија е на нозе, ако Заев не ја отфрли платформата, никој не може да предвиди како народот ќе реагира

Протестите во Македонија влегоа во својата втора недела, а земјата веќе две години е во тешка политичка криза. Во интервју за Телеграф.рс, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека македонскиот народ е на нозе и дека нема да се повлече. Груевски во интервјуто за Телеграф.рс говореше за можните излези од кризата, односите со Албанците и ситуацијата во регионот.

Груевски ситуацијата ја опишува како тензична и неизвесна. Објаснува дека тешко може да се очекува било што друго освен протести на граѓаните, кога како што вели, одите спротивно од нивната волја, спроведувајќи сценарио за потполно редифинирање на државата и комплетна промена на нејзиниот концепт и минато, но и со изборни измами.

За жал, минативе месеци тоа се случува во континуитет. Граѓаните својата поддршка на предвремените избори ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, составена од 25 партии од сите етнички заедници – Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и останати. Граѓаните се одлучија за нашата програма и проектите кои ги нудевме. Тие му го свртеа грбот на Зоран Заев и СДСМ, иако тој најавуваше убедлива победа на изборите, вели Никола Груевски.

Тој кажа дека народот застанал на страна на неговата партија и коалицијата и покрај огромната финансиска и логистичка помош која Зоран Заев ја добивал од организацијата и логистиката на Сорос и странските центри.

Сега повеќето граѓани кои гласаа за нас се чувствуваат изневерени. Поради одлуката на ДУИ да оди во коалиција со СДСМ, граѓаните се револтирани затоа што не се почитува волјата на повеќето Македонци. Партијата која победила во условно кажаниот македонски блок, партијата која има поддрка од мнозинството за реализација на програмата која беше понудена на изборите, сега е оневозможена во тоа поради одлуката на партијата победник во албанскиот блок, напоменува Груевски.

Смета дека со тоа создава еден опасен преседан, чиј главен столб би бил продажба и непринципиелна трговија со интересите на државата.

Заев им ветуваше мед и млеко на изборите, од ракав вадеше ветувања за се и сешто, за да сега после изборите им соопшти дека прифаќа платформа креирана во соседна држава со која треба да се направи комплетно редефинирање на земјата. Од мултиетничка и граѓанска држава да стане бинационална, двојазична и од унитарна да се приближи на федерална. Круна на сето тоа треба да е промена на името и идентитетот по пример на нашиот јужен сосед, вели Груевски.

На прашањето на дали протестите на улица може да ескалираат, Груевски вели дека гневот во народот е огромен.

Кога имате стотина илјади луѓе на улиците секој ден, значи дека проблемот е сериозен и треба да се лоцира во кого е и зошто е тој револт и проблем. Единствено решение со кое би се смирил гневот на измамените граѓани е да се слушне нивниот глас. Заев и СДСМ треба да сфатат дека народот се противи на тоа што тие на преговорите ги ставија државните и националните интереси, додава Груевски.

Груевски вели дека срамно и недостоинствено кога се тргува со нешто за што се бореле и гинеле предците.

Јас се надевам дека раководството на СДСМ ќе сфати пораката и ќе го послуша народот. Доколку тие тоа го одбијат исплашени поради уцени и ако се одлучат за Тиранска влада наместо одбивање на платформата, тогаш никој не може да каже како ќе се развива ситуацијата, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичките противници Груевски го обвинуваат дека стои позади граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и протестите. Тој вели дека со тоа му прават чест, но дека тие тврдења не се точни.

Се работи за една лага на СДСМ, која секогаш имала да проблем сфати дека народот е мудар и дека не можеш да го излажеш. За нив постојат само луѓе кои за пари би одработиле протести како што се случуваше во т.н. Шарена револуција. Затоа не можат да сфатат и да видат кога имаме автохтон револт на граѓаните. Во Македонија се раѓа една нова светлост на автентично делување на народот соочен со предизвикот на својата генерација, и тука не се потребни партии или поединци, затоа што идејата е главна водилка помоќна од партијата и лидерот. Ова што од ден во ден го гледаме е јасен сигнал дека народот ја отфрла политиката на Заев и се ова што се случува во Македонија, вели Груевски.

10 март, 2017 - 13:06