Николоски:

Лошите економски политики на Владата ќе доведат до зголемување на невработеноста

Интервју на Потпретседателот на ВМРО-ДПМЕ Александар Николоски за порталот Макпрес

По потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски разговараме за економијата, нешто што најмногу ги засега граѓаните. Тој вели дека лошата економска политика на владата предводена од СДСМ граѓаните ќе ја почувствуваат особено во втората половина на годинава. Николоски во интервјуто за Makpress.mk се осврнува и на прашањето за името и за тоа дали и кога е можно да се очекува решение.

Како стои државата економски? Често велите поминат е прагот на јавниот долг или е над 5 милијарди евра...Ваш коментар, каква е состојбата во економијата.

Економски, минатата 2017 година имаше стагнација, оваа година за жал економијата ќе оди во минус. 2017-та година беше прва година кога немаше раст на бруто домашниот производ. Јас тоа го објаснувам многу едноставно и народски и велам се уште негативните ефекти не се чувствуваат од овие лоши економски политики на владата, бидејќи се уште има зимница за трошење како резултат на претходните добри економски години и се уште има пари пари кај народот и во стопанството кои се трошат. Но, имајќи во предвид дека 2018-та година ќе биде втора година во континуитет во која што економијата ќе е лоша, веќе зимница ќе нема и граѓаните ќе ги чувствуваат лошите економски политики врз својот џеб. Значи веќе во втората половина од оваа година и целата 2019 година за жал граѓаните ќе ги почуствуваат последиците, ќе се види што носи лошата економска политика.

Сите бројки се лоши почнувајќи од проектираниот раст, преку реализацијата на буџетот, капиталните расходи итн. И мислам дека тоа се должи на две работи.

Прво, многу слаб човечки капацитет кај оваа влада, така што нема луѓе кои ќе ги направат добрите економски политики и истите да ги реализираат. Ние имаме министер за финансиии кој што е статистичар по образование, имаме потпретседател на влада за економски прашања кој е од реалниот сектор.

Тоа не е доволно, потребно е планирање пред се во макроекономијата, а нема некој кој што е експерт во макроекономијата и ќе го спои реалниот сектор со финансиите. Дополнително, информациите се дека имаме прилично мрзлива влада. Јас тоа би го кажал фигуративно. Министрите работат од 10 до 14 часот, директорите од 12 до 14 часот. Со толку работа нема успех.

Второ, владата нема концепт за економијата од проста причина што секој си тера на своја страна. Министерот за финансии има една левичарска филозофија, потпретседателот има друга филозофија, подесничарска, поблиска до бизнисот и тука доаѓа проблемот. Не се реализира ниту првата, ниту втората што несомнено доведува до катастрофални бројки во економијата.

За што се користат средствата од задолжувањето?

Задолжувањето беше една многу пополуларна тема, многу се зборуваше за задолжувања во минатото. Само, откако е оваа влада дојдена на власт до сега вкупно имаат подигнато 650 милиони евра кредити, со тоа што дел од кредитите стојат неискористени. Имено обврзницата која се подигна дел од средствата се потрошија, но околу 225 милиони евра стојат на сметката на Народна банка на Република Македонија. Тоа е директна штета за македонските граѓани затоа што за тие средства државата плаќа камата, а од друга страна ги чува на посебна сметка на НБРМ и не ги користи за развој на стопанството како би создала додадена вредност и би се раздвижила економијата.

Велите се чуваат дел од средствата од задолжувањето. Зошто?

Ние не добивме образложение. Ние ја отворивме темата пред два месеци, и два месеци никој од владата не дава одговор зошто ги чуваат на наменска сметка. Има некоја логика да ги чувате заради ликвидност, непредвидени трошоци итн. Но тоа е во ограничен временски период, но во вака долг временски период логиката е само една, а тоа е не знаат што треба да прават со парите, односно позајмиле повеќе од што можат да потрошат зошто немаат концепт каде треба да ги потрошат. Потврда за ова е состојбата со Буџетот, реализацијата на капитални инвестиции за првите три месеци е само 4 проценти. Логиката е да биде 25 проценти или дваесеттина проценти зошто на почеток на годината се прават планови за јавни набавки, програми се усвојуваат во институциите итн. Но, овде нема ниту 25 и 20 проценти, туку само 4 проценти искористеност на средствата во капитални инвестиции. Значи дека министрите и директорите од оваа влада не можат да ги потрошат парите што сами ги собираат.

Поедноставно кажано, економијата е замрзната зошто овие не знаат што да прават. За илустрација бројот на издадени градежни дозволи за оваа и минатата година ако ги споредиме има драстична разлика. Разликата е некаде околу 50 проценти помалку издадени одобренија за градба годинава споредено со истиот период лани. Да не заборавиме истиот период лани беше многу проблематичен поради тоа што беше период кога кризата кулминираше. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, почнаа протести против платформата во Тирана, тие најлоши три месеци сепак биле дупло подобри во градежништвото од овие три годинава. Што значи за граѓаните, најмалку 50 проценти од луѓето кои се во градежнит сектор во втората половина на оваа година или ќе останат без работа или ќе имаат намалени плати.

Градежништвото беше еден од двигателите на економијата а сега бележи голем пад. Какви се бројките во оваа сфера од економијата?

Во првите два месеци од 2018 година вкупно се издадени 366 одобренија, споредено со првите два месеци од 2017 година кои беа најлошите лани, тогаш се издадени 731 одобренија. Значи повеќе од дупло помалку издадени одобренија сега.

Вкупната вредност е 4,7 милиони евра за годинава, а минатата година биле 11,6 милиони евра. Тука исто така имаме дупка од 7 милиони евра споредено 2018 година со 2017 година.

Зошто одиме на градежништво? Затоа што најмногу вработува ниско квалификувана работна сила која тешко може да најде работа, а во исто време е трудоинтензивна и врзува околу 25 други сектори околу себе.

Намалувањата годинава се должат на тоа што администрацијата е слаба, градежништвото е уште послабо на централно и локално ниво. На локално ниво ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите во повеќе општини, а кадрите на СДСМ се тотално неподготвени да ги развијат општините, не носат детални урбанистички планови, не се прилагодуваат на потребите на локалното стопанство да им излезат во пресрет да донесат планови за развој, дали се тоа станбени згради, хотели, така што има целосно замрзнати активности за издавање на дозволи за градба и на економска активност. Администрацијата која што за време на ВМРО-ДПМНЕ позади себе запиша успеси при реализација на големи проекти и капитални инвестиции сега е целосно тргната на страна.

На централно ниво сакајќи од една страна да покажат дека ВМРО-ДПМНЕ не направило ништо, ја запреа градбата на патиштата Скопје - Штип и Кичево - Охрид, нови патишта не почнуваат да градат, неколку експресни патишта ги запреа, а градбата на пругата кон Бугарија оди исклучително со забавено темпо.

Да не зборувам за реконструкции во болниците. Кога ние заминуваме од власт оставивме неколку започнати а недовршени реконструкции на здравствени објекти. Сегашната власт ги запре целосно а што е најтрагично со нови не започнува. Сите овие параметри, несомнено го водат градежништвото кон колапс.

Најголемите градежни компании се жалат, компании кои се брендови не само на македонскиот пазар, туку и пошироко. Се жалат дека се пред банкрот и оти не паметат ваква година во своето работење.

Светската банка ја намали проекцијата на растот за Македонија од 3,2 на 2,3 проценти, или земјава е и со најниска проектирана стапка на раст. На пример проекцијата за раст на Србија е 3 проценти, Босна и Херцеговина 3,2 отсто, Албанија 3,6 отсто итн. Зошто?

Основата причина зошто мислам дека ќе имаме најнизок раст во целиот регион е неспособноста на Владата и тоа има јасна причина зошто.

Во мали економии како македонската, главен двигател е владата односно буџетот. Доколку буџетот правилно се троши и се троши во насока на развој во тој случај има пораст на економијата, доколку буџетот не се троши во таа насока или во случајов воопшто не се троши, во тој случај оди економијата надолу. Нема јавна потрошувачка, не се стимулира јавната потрошувачка и целиот тој економски циклус е во целосен колапс.

Во таа насока мене нешто друго повеќе ме загрижува. Овој Буџет кој го имаме годинава е со проектиран раст на нашата економија од 3,2 проценти. Во овој случај доколку растот се намали од 3,2 проценти на 2,3 проценти, ние ќе имаме дупка од најмалку 90 милиони евра во Буџетот имајќи предвид дека бруто домашниот производ на Македонија е околу 10 милјарди. Зошто кога се проектирал Буџетот, се проектирал дека ќе има раст од 3,2 проценти и така се проектирани приходите, сега тие ќе се намалат минимум за 0,9 проценти што дополнителна дупка од 90 милиони, што може да е единствена логика зошто се чуваат парите на сметка на НБРМ, односно тоа што економијата пропаѓа, тоа што имаме комплетно неспособна влада повторно да се покрива со кредити, односно повторно да го покриваат граѓаните од сопствениот џеб.

Како дојде до пад на платите, пораст на цените...? На пример платите во транспортниот сектор паднаа за 11,9 проценти, земјоделие 6,1 проценти...., порастот на цените во април оваа година за разлика од минатата е зголемен за 1,4 проценти...

За жал, мислам ќе се одвојува едното од другото, цените ќе растат, платите ќе се спуштаат надолу. Повторно е поврзано со овие негативни економски политики. Во таа насока за мене се загрижувачки неколку податоци.

Спомнавте намалени плати во транспортот, тоа е поврзано со зголемувањето на акцизата на дизлел горивата. Што се случува? Владата планираше од зголемена акциза на дизел горивата да инкасира во Буџетот дополнителни 30 до 35 милиони евра, но не само што нема да ги инкасира, туку ќе одат и надолу затоа што има драматичен пад на потрошувачката на дизел гориво во државата и исто така има драмататичен пад на продажбата на возила. Тоа ја објаснува наједноставната економска логика, а тоа е колку помалку државата воведува давачки, толку бизнисот повеќе произведува и повеќе ги врти парите и обратно.

Сега што се случува? Дизелот е поскап, а луѓето имаат исто пари, што значи дека помалку трошат, но не трошат помалку колку што е зголемена цената на дизелот, туку далеку повеќе од тоа ја намалуваат потрошувачката, затоа што им создава психолошки ефект дека е поскап и не ни размислуваат да го користат.

Така што ова ќе е еден силен удар кон владата кој ќе им покаже дека не треба да размислуваат и за промена на даночната политика, затоа што зголемувањето на даноците не значи по дефолт зголемени приходи, туку намалени приходи во Буџетот затоа што се создава една спирала, една психологија кај граѓаните надополнета на зголемените цени кои немаат да ги платат. Она што ме загрижува е што првите три месеци годинава јавната потошувачка е намалена скоро за 25 проценти. Или ако граѓаните лани трошеле 100 денари сега трошат 75 денари, тоа е резултат на стравот од неизвесната политичка ситуација во земјата, но во исто време од немањето јасни политики. Тоа ги доведува граѓаните во ситуација повеќе да ги чуваат парите и да штедат отколку да ги трошат.

Често говорите СДСМ ги брка инвеститорите. Врз основа на што го носите овој заклучок?

Владата, пред се вицепремиерот Кочо Анѓушев промовираше политика на субвенционирање или помагање на странски инвеститори,по принципот „исти услови за сите инвеститори“ што е погрешно. Зошто? Кога разговарате со големи инвеститори мора да се прилагодите на нивните барања. Лекција можат да учат од претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој при посета на Турција им кажа на турските компании, што и да ви дадат во Македонија и Бугарија јас ќе ви дадам 5 проценти подобро. А ние овде имаме формули кои човек не може да ги разбере.

Потоа, една од најбитните работи на пазарот и во производството се деловните тајни, односно конкуренцијата да не знае за колку вие го произведувате вашиот производ и на кој начин го произведувате. Ако државата објави колку се дава плата, колу за таа плата има поддршка од државата, колку плаќате придонеси, колку имате царина, даноци и дополнително колку сте добиле некаква субвенција од државата, тогаш конкуренцијата ќе земе калкулатор и ќе понуди поевтин производ од вас зошто има се пред себе, а и да не може да понуди поевтин производ од вас ќе најде места да ги добие истите услови.

И нормално е дека инвеститорите ќе се замислат дали воопшто да инвестираат во такви места, каде сите деловни податоци на конкуренцијата им се лесно достапни.

Предноста на Македонија беше што имаше сериозна деловна тајна во работата и што се стимулираа инвестициите на начин што се преговараше поединечно со секоја голема компанија поединечно.

Во однос на домашното стопанство има две работи, прво технолошки е понеразвиено и треба да се помага тука, второ мерките кои важат за странските инвеститори да се отворени и за домашните инсвеститори. Но, тие треба да се охрабрат да направат минимум планови за пет години и да знаат каде ќе ги водат своите компании, а не да биде од година за година, или од шест месеци за шест месеци.

Очекувам да продолжи негативниот тренд на странски инвестициии, се што е досега влезено е преговарано во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега се промени Законот за технолошки индустриски развојни зони со поддршка на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што ќе значи влез на најмалку две странски инвестиции, исто преговарани во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ. И тука застануваат инвестициите кои се преговарани во наше време. Од втората половина ќе видиме дали ќе влегуваат инвестиции, ако не влегуваат ќе значи дека владата ништо не работи. Ако влегуваат ќе им честитаме.

Разговаравме за економијата, сега кратко каква е моменталната политичка ситуација? Нешто што не може да се избегне е името, а последните анкети велат нешто помалку од 15 проценти се за двојна формула, отприлика толку и за име за севкупна употреба. Колку во ваков сплет на околности може да се постигне решение и покрај интензивираните разговори со Грција, кои истите ги имаше и во 2010 и 2011 кога десеттина пати се сретнаа и Груевски-Папандреу?

Прашањето за името е емотивно и претпоставувам дека нема Македонец во оваа држава кој што се согласува и воопшто да се разговара. Веројатно никој не е ни среќен што веројатно разговараме воопшто за именување на нашата држава. Не сум ни јас среќен, но тоа е фактичка ситуација.

Од друга страна, да не заборавиме дека и во Грција има слично расположение, така што доколку има решение ќе има незадоволство на двете страни. Поентата е на нашата страна да има што помало незадоволство. Тоа е наш интерес и ние треба си го гледаме нашиот интерес пред се.

Како ја води владата сега работата? Тие решија комплетно да ја изолираат опозицијата ништо не споделуваат со нас. Се што знаеме, знаеме од медиумите, што и да кажам јас ќе е шпекулација. Нашите ставови се јасно познати, нема да се поместиме од истите. А тие се решение кое предвидува да нема промена на Уставот со цел промена на уставното име, да се гарантира именувањето како македонски на јазикот, нацијата и културата. Неколкупати сум кажал јавно, истото ќе го споменам и сега, ставот на ВМРО-ДПМНЕ од 2005 година па наваму е конзистентен и непроменет. Но морам да потенцирам дека како што стојат работите или од она што го слушаме во медиумите мислам дека работите нема да се во овие рамки.

 

15 мај, 2018 - 15:05