ВМРО-ДПМНЕ е разбудено, помеѓу народот, ја носиме искрата која ќе ја донесе зората и ќе ги победи црнилата

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добровечер на сите,

Добродојдовте на 27-мата конвенција на УМС, да си дочекаме уште десeтици и стотици вакви настани. Добро вечер и добредојдовте.

Јовче има еден човек кој што за жал не е меѓу нас, почина и многу пати се консултиравме изминатава година, јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ тој како поранешен,  човек кој што многу оставил во партијата, бил претседател на Собранието, дипломат и ми велеше ова твоето многу налкува на моето. Велеше тие што во животот очите ми ги вадеа, понатаму веѓите ми ги цртаа. Така ќе го почнам и денешниот говор.  А јас ќе ве замолам сите вас да му оддадеме на тој човек на таа прекрасна личност помен со едноминутно молчење. Станува збор за господинот Љубиша Георгиевски. Слава му.

„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен. Кога во својот дом е внатрешно раселено лице. Кога „тагата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата. Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај не може да бидеме она што сме.“- пишуваше Горан Стефановски.

И вака некако тече секојдневието на луѓето во Македонија, додека власта гледаме како пополека го разградува секој нејзин дел, полека ни го одзема домот, кој за нас е единствен, и не само она што природно ни припаѓа, но и она за што сме се избориле и наследиле.

Но што е победата? Победата е искуството од загубените и славата од добиените битки. И се додека има исправени луѓе знам дека Македонија ќе продолжи да постои и да чекори, со сите свои порази, но и победи.

Здивот ќе се претвори во ветре, ветрето во силен ветер, а тој во олуја за сите оние кои и напакостуваат на земјата. Така се раѓале востанијата, револуциите, но и преродбите, а тие биле против неправдите и за човечките правдини. И тие се подготвувале со своите бедеми, и вистински потпори. Со искуството на возрасните и непрегорот и енергијата на младите.

Затоа, УМС добровечер!

Добровечер за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, добровечер за најорганизираната политичка младина во Република Македонија  која 27 години чекори со нашата независна татковина.

Добровечер за младешката енергија, за таа пркост и предвесник на промените кои ќе се случат во нашата земја.

Добровечер и за сите оние кои сме поминале низ Унијата, а се вечерва тука, сме го имале оној природен растеж  и развој во Унијата која е срцето на партијата, витален дел важен дел за одржување на нејзиниот живот

Унијата на млади сили растеше со нашата земја. Исто како и нашата независна држава ги правеше првите чекори, првото проодување, првите изненадувања, препреки, имаше и грешки се разбира, но и успеси. Како и се во животот ништо не дојде случајно, но заслужено и со причина.

Така денес оваа генерација за новите победи кои мора да дојдат заслужено, со работа и со многу енергија чекори. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ  ја имаше, ја има и непрестајно секогаш ќе ја има мојата поддршка, од првиот до последениот член. Не само како универзитетски професор и педагог, младите се како човек мојот најсилен приоритет и во мене можете да најдете пријател, учител, родител, брат, сосед, но и соговорник за идното дејствување.

Секоја куќа мора да има темели, колку тие ќе бидат цврсти зависи од секој еден од нив, така е и во партијата. Младите се нејзиниот темел. Потпората на нашите политики, но и главната енергија. Овие млади со мене, како и оние кои забрзано се приклучуваат незадоволни од општата економска и политичка ситуација се генерацијата на нови победи на ВМРО-ДПМНЕ.

Јован Јаулески ја води Унијата во тежок период, во најтешкиот можеби период за нашата татковина, но и за младите, кога тие се на маргините на оваа власт.  И можеби најсилно ги чувствуваат црнилата на денешното време. И илјадници од нив живеат, стануваат и легнуваат со помислата да го најдат своето решение таму некаде надвор од ова што го имаат тука, затоа што тука имаат малку и не гледаат иднина во сопствената држава.

Но иднината на оваа земја мора да продолжи да се гради со младите, Македонија има што да понуди. Младите почнуваат да ги менуваат работите, да се мобилизираат, да го креваат својот глас. И оние канцелариски бирократи во Владата  иако не ја гледаат нивната несреќа, доаѓа времето кога младите ќе им ја раскажат најважната лекција, лекцијата дека тие се иднината на оваа земја, и никој, па ниту оваа криминална власт има право да им ја одзема таа иднина. А УМС ќе биде најсилниот застапник на тие интереси. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ подава рака на младите, а на сите нам најважна ни е државата, затоа што Македонија ни е се што имаме.

Драги пријатели, браќа и сестри сопатници по овој пат,

Штипскиот војвода Ковачев ќе каже „Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот“. И сето ова ја опишува посветеноста но и големината кон делото кон кое ние се поклонуваме, а чие име на држава  денес сакаат да ни го сменат. Не може да биде годината што изминува успешна, а кога знаеме дека посегнаа, за нас по најсветото, по името на нашата татковина и нашиот идентитет. 

И онака насилнички, со целосно газење на волјата на народот тргнаа да го менуваат. Најлажливо креваа димни завеси, правеа операции, се препелкаа во сопствената жива кал само да го намалат срамот. Ама срамот со промената стои, останува, не се трга таа лузна испишана во душата на секој Македонец. Боли затоа што името е во прашање, но и идентитетот, нашето минато, културно историско наследство и историја и образование.

Но она што највеќе боли е тоа што во очи го лажат и понижуваат народот, додека ја кршат кичмата, додека го стегаат ременот, и го одземаат воздухот... И нема поганост, нема валкана работа која тие ја направија, а толку многу јасно не ја видовме во овој процес.

Притисоци, скршени луге, измачувања и играње со човечки судбини, уценети пратеници, луѓе кои си го погазија достоинството, ја голтнаа честа и ја поклонија душата на нечестивите. И сето ова на грбот на граѓаните. Таквата трговија која ја правеа за обезбедување на мнозинството во Параламентот поради тоа што немаа мнозинство и поддршка од народот сакаа да ја засенат со милион пердуви, лажни теми за да се одвлече вниманието од овој погром што и го прават на Македонија.

          И еве сега, денес кога сите овие пердуви ги нема, кога легнува прашината, да ги прашам луѓето од власта свесни ли сте што направивте? Колку многу го разоравте и поделивте општеството? Колку само болка нанесовте на Македонецот? Му заривте нож во грбот. Му заривте нож во срцето! Го разочаравте. Спиевте ли мирно и спиете ли мирно со мирна совест? Колку само многу заглавивте во државата во нејзин безизлез?

Нема потреба од глумење на лудило, и на најмалите им е јасно во каква опасна игра сте, а само за тие пусти функции и пари ја вовлековте државата и толку многу го дегенериравте општеството.  Пердувите легнаа, но срамот остана за навек.

Колку и номинации да се нудат за Нобелови награди, абре срамот со промената на името и идентитетот и уништувањето на државата со ниту една награда и со ниту една жолтица не се покрива.

И еве гледам деновиве, го пуштија еден нивен коалиционен партнер и еден поранешен амбасадор кој иако сега ректор меѓу луѓето е познат по неформалните разговори дека  повеќе му одело како трговец со дипломатски недвижности, и овие тргнале по регионот да го промовират  Заев во кандидат за Нобелова награда. Значи спроведуваат операција со која сакаат да направат хуманизација на човек кој прави нехумани дела.

Ова само ја потврдува пакоста која и ја прават на државата па тргнале Заев да го промовираат во миротворец.Не оди тоа така, на сила не бива.

Не сум видел нобеловец досега, ниту пак сум прочитал кој на видео се гледа таму пикнат во затемната и полузадимена канцеларија да бара мито од 200 илјади евра, и разработува шема како да се одвива авантата по принципот на Мирчо Свињарникот.

Не сум видел нобеловец кој се преставува во миротворец, а јавно кажува дека јаде живи луѓеи тепа луѓе кои го критикуваат него или неговото семејство, за погрешните политики ги водат и за пљачката која и ја прават на татковината. Не сум видел нобеловец, а кој толку многу црнила направил за сопствената земја.

Всушност имаме две слики, една розева пред камерите, разубавена со државните пари и тргувањето со влијанието кои го прават владините структури, каде имаме лик како оној понизниот чирак од Македонските народни приказни кој има слух за се, подголтнува, попушта и мед му тече од устата, а втората е онаа реалната и се вика држава потоната во сиромаштија, криминал и корупција.

Е јас вечерва ќе зборам за втората, онаа која што е реалност, а таа реалност ја живееме сите ние.

Со нивното владеење сакаат да го убијат македонскиот дух. Да рашират колективна депресија и практична вакцинација на народот, мирно прифаќање на сите неуспеси кои ги имаме. Сакаат да живееме во болка и да се научиме на тоа, наместо да ја спречиме болката и страдањето. Така потценувајќи го народот да помислите дека се може да помине и да бидеме среќни што не било полошо. Иако она што ни се чини сега лошо, ќе биде уште полошо.

Сакаат да не реагирате, и типично за владеењата и мандатите на СДСМ да живееме во состојба на некаква затегнатост, реформи и штедење додека вечно ја чекаме некаквата светла надеж и подобро утре кое за жал никако нема да дојде. Така цела една генерација, со по триесетина, четирисесет години го поминуваат својот живот  во вечна лажна надеж. Овие луѓе пораснаа во транзицијата, кога нивните родители остануваа без работа, кога со тажни обесени лица се враќаа во домовите за да им ја соопштат тажната реалност на нивните деца, дека нема повеќе средства за нивно школување,  денес повторно се манипулирани дека ќе биде подобро а нема да биде, како што ни тогаш не беше, затоа што овие луѓе не знаат да направат да биде подобро. И не се само овие луѓе во прашање.

Повторно ги гледаме оние обелени глави од македонските загубари, измачени луѓе, маченици и страдалници на сите погрешни политики од минатото како седат пред Владата, студот продира во нивните коски. Тоа се луѓето од Охис, тоа се лушето од Колска, Еврокомпозит, Југохром, кој оваа Влада рече дека ќе ги реши за една година, а втората изминува, и кога таа година помина роковите постојано се зголемуваат за уште една, па уште една и никако да најдат решение. А да не зборувам за оние маченици од Славија, Центро, МЗТ, таму работеа моите родители, Железара и други гиганти кои поради неправдите им се потрошија животите во чекање. Затоа мора да се стави крај на ваквата купи ден помини политика обоена во лажно убаво светло.

Во економијата се случуваат вистински црнила. Сиромашатијата галопира. Ако оваа економска година ни беше лоша наредната ќе биде катастрофална и погубна. Алармот е вклучен, вришти и пишти бидејќи работите одат надолу. Едно е зошто се неспособни, второ е зошто наместо на работа се посветени на криминал.

Додека во Светот имаме двоцифрени растови на индустријата, на градежништвото, на бруто националното производсто, ние или имаме минусни салда или се мачиме со еден или два проценти економски раст. Ги нема тие 5 проценти ветувани економски раст како што велеше Заев пред стане премиер, а нема ниту теоретски изгледи да достигне толку во годините што доаѓаат.Изминува втората година, вкупно досега ни половина од тие 5 проценти не успеаја да постигнат.  Имаме и одлив на странски инвестиции, денеска го видовме Генералниот секретар на СДСМ на прес конференција како вели ова ќе било рекордна година, но ја спомена брјката до половината од 2018 година, кога дел од тие странски инвеститори Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ги убеди и ги донесе овдека во Република Македонија да инвестираат. Но дел од средствата кои што ги позајмија на нивните мајки фирми овие им ги вратија и затоа билансот е добар во првата половина. Но зошто не го спомена третиот квартал каде што имаме одлив и сме единствена земја во регионот со негативно салдо на директни странски инвестиции. Или тоа не треба да го слушне македонската јавност? Епа ќе го слушне затоа што граѓаните заслужуваат секогаш да ја знаат вистината.

Не задолжуваат, сите нас, дури и неродените. Само од почетокот на оваа 2018 година, заклучно со третиот квартал, заклучно со 30 септември не задолжија за дополнителни 357.000.000 евра, 45.000 денари секое семејство. Оваа бројка нема да ја најдете на семафорот на Зоран Заев на триумфалната капија. Не, таму нема оваа бројка да ја најдете, можеби дел од оваа бројка ќе најдете во џебовите на неговата фамилија, но оваа бројка на Триумфалната капија ќе ја нема.

Со тоа, браќа и сестри, ја надминаа психолошката граница  од 5 милијарди евра и веќе државата се движи кон 50% јавен долг. Имено според ревидираната фискална стратегија за 2019 - 2021 година јавниот долг во 2020 се очекува да достигне 54.5%, повторувам рекордни 54,5% од БДП.

Се задолжуваат, но никаде ги нема паите во реалниот живот. Нема проекти, нема квалитетни реформи. Пари се зајмуваат, а парите не се трошат на проекти, тоа значи парите се крадат!

Животот станува потежок. Индексите на трошоци и индексите на цените на мало растат. Порано во продавница можеше да се купат намирници за 500 денари, денес 1500 се малку. Тоа е она што го мачи народот, што го тишти. Немањето пари ниту перспектива, тоа е реалниот проблем на реалниот граѓанин на Република Македонија.  

Со зголемените даноци се врши атентат врз бизнисот и куповната моќ на граѓаните.

Голема лага е тврдењето на Владата дека ќе се зема од богатите за да се даде на посиромашните. Тоа е само димната завеса за да им помине грабежот на народот, пљачката на народот.

Сега ќе се зема од сите, а највеќе на удар ќе биде средната класа. Реалноста е дека со даноците ќе се зема повеќе од земјоделците, оние кои имаат авторски договори, оние кои заработиле некој денар од спортско обложување или игри на среќа, од оние на кои им капнува по некоја сума од некој наследен објект кој го даваат под кирија, од оние млади луѓе кои вложуваат во својот труд во високоинтелектуалните работи, од еснафите кои имаат мало стопанство, дуќанче, гранапче, тезга, берберница.

Богати луѓе ли се ова, да ги прашам? Одговорот е јасен, нормално дека не се, имаат просечна живеачка, ама не за повеќе.

За оние кои живеат од кирија на некој објект, данокот ќе се зголеми за 100 проценти, ако досега плаќале 100 евра данок, сега ќе плаќаат 200 евра данок.

За земјоделците се зголемува за 50 проценти. Ако досега плаќале 200 евра на владата односно на државата, сега ќе плаќаат за 50 проценти повеќе, односно 300 евра.

Ако е некој поради освоена добивка, спортско обложување треба на државата да плати 500 евра данок, сега ќе плаќа 750 евра. Ќе се опфатат со истита прогресија и оние кои заработуваат преку авторски договори за кој даноците се качуваат за 50 проценти. А сериозен, сериозен удар ќе има бизнисот, затоа што ќе се оданочува и реинвестираната добивка која од претходната влада беше нула проценти. Ова значи е нов данок, бидејќи досега реинвестираната добивка не се одданочуваше.

Се сеќавам кога минатата Влада излезе со предлог на закон за покачување на даноците за оние кои имаат авторски договори, колку не само организации, невладини и таканаречени експерти се кренеа да се противат. Тогаш се увиде дека тоа е погрешно и таа Влада го повлече предлогот. Денес кога не само на авторските договори, туку се удира и по земјоделците, оние кои играат спортско обложување или друг вид на игри на среќа, оние кои живеат од кирии,  истите организации ги нема  тие експерти молчат затоа што тие беа лажни борци за правдини, но сепак денес на крајот од денот, најоштетени ќе останат граѓаните.

Каде се сега оние кои протестираа да ги прашам? Има два одговора, или се под притисок, заврбувани и се плашат да изрзат слободна мисла за која се бореа, или пак се отселија, што е уште потрагично.

Секогаш кога ќе платите повеќе во продавнница, во обложувалница, на шалтерите за даноци, знајте оваа Влада и Зоран Заев го направија тоа.

Во разговоро со еден бизнисмен, од оправдани причини посака човекот да биде анонимен, но тој е еден од многуте во низата, ми призна. Вели мојата компанија учествуваше на еден државен тендер и го доби. Кога отидов да потпишам договор ме пречека еден фин господин, учтив и рече, влези во мојата канцеларија. Влегов и бев подготвен, рече да го потпишам договорот, но тој ми рече не, ова е добро ти што даде таква понуда каква што даде, добро е што го доби тендерот, но ќе мора да се обратиш и на друго место, од 5 до 15 проценти е тарифата, ресторанот сите го знаете каде е во Република Македонија ќе те чека човекот ќе се договорите.  Е тогаш ќе се вратиш и ќе го потпишеме договорот.

Значи освен исполнетите услови од институцијата за да добиете тендер треба да ги исполните и условите на овие од власта, а таму авантата игра најголема улога и тоа е најсилниот критериум. И затоа Македонија ќе е на 112то место на иднексот на корупција заедно со Етиопија и Танзанија и затоа корупцијата е на секое ниво, од најниско од највисоко. Овде не се важни критериумите за квалитет и цената туку авантата за овие од власта.

Оние кои ќе дадат некакви ветувања, ќе се колнат и ќе бараат да им верувате, и подоцна ве лажат и изневеруваат, тие почитувани мои се наречени измамници. А баш такви измамници имаме, тие што ја водат државата во овој момент.

Ветуваа живот,  а донесоа само страдање. Му го кратат лебот на народот поскапувајќи го, цената на горивата вртоглаво расте. А економијата тоне. Нема патишта, нема нови болници, нема спортски сали, нема ништо од ветувањата за поврат на ДДВ и фамозната 13та плата која ја ветуваа додека се добиваа изборите, нема ниту 500 евра просечна плата, ниту 1500 евра плата за докторите, ниту пак толку силно најавуваните проекти за младите. Ги нема ветувањата за пензионерите, за земјоделците, нема просто ншто, заборавија на се овие измамници. Нема покачени стипендии.  Ова е анти економска и антиреформска влада. Но денеска ништо не може од нив да не изненади, секој збор што ќе го слушнеме знаете дека ве лажат и знаетеси кажуваат и неостваруваат.

И затоа Заев сега ќе го потурнат и храбрат за да се кандидира за претседател на државата затоа што така мисли дека ќе може да избега од одговорноста за се ова што и се случува на државата, за сите лажни и неостватварени ветувања, за сите неправди, но ќе му порачам овде да не се лаже. Тоа е билет во еден правец, а одговорноста ќе го стигне. Бил премиер или не. Таа ќе си дојде. Затоа што вистинска правда мора да завладее. Па дури и за Зоран Заев.

Не смее да дозволиме повеќе политички притисоци да управуваат со правото.. И ова не го зборувам само затоа што само ВМРО-ДПМНЕ е под жесток  удар. И ве молам на тоа да не гледате само така, туку како една сеопшстествена појава која е канцер на нашето општество, која го дели и раслојува. Кога било кој граѓанин ќе доживее некаква неправда ќе мора да отиде на суд и да ја бара правдата, но таму правда нема. Нема затоа што таму политиката управува. Тоа е понижувачки, фрустрирачки, за една меѓа, за една обична нива, за обична работа да седите по тие судски лавиринти затоа што правниот систем се распаѓа. Тоа е неуспешна држава.

И како човек немам намера да штитам криминал, ниту поддржувам, секој оној кој направил криминал треба да одговара, без оглед кој е и од која партија доаѓа, без оглед како се вика и на која позиција се наоѓа. И потребно е да се стави крај на тоа еднаш за секогаш, затоа што само така можеме да одиме напред. Но ова не е тоа време и ова не се тие постапки. Ова што сега се случува е режиран прогон и атак врз ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ им смета им пречи. Затоа што се додека ВМРО-ДПМНЕ постои, постои дамакловиот меч врз нивните криминални глави и знаат дека кога тогаш казната ќе ги стигне, правината ќе ги стигне, правото ќе ги стигне.

И тука зборам не само за овие од власта, овој прогон ги опфаќа и оние кои се богатеа на грбот на партијата, а сега се најблиску до скутот на Заев и уценети и притиснати прифатија да бидат негови слуги. И овие луѓе мислат дека со некоја загубена битка ќе ја освојат војната, но треба едно да знаат дека не планирам заедно со вас да изгубам ниту една битка, а за војната треба да знаат дека заедно ќе ја победиме војната, заедно со народот на Македонија. Вака како што стојат работите овие луѓе, притиснати и уплашени може да му прават услуга на Заев, но никако на ВМРО-ДПМНЕ. Тој стокхолмски синдром е сериозно изразен кај многу луѓе кои во минатото се удираа во гради, запоседнуваа функции. И во таквата вљубеност на жртвата во киднаперот сакаат освен себе си да го повлечат и ВМРО-ДПМНЕ. Нема да може со тие куршуми браќа и сестри. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, досега не го излагав и не го извалкав името на ВМРО-ДПМНЕ така и ќе продолжам и во иднина. А жестоко, жестокоќе се спротивставам на оние кои ќе се обидат во таа намера. Затоа што на крајот ВМРО-ДПМНЕ му припаѓа на народот, а тој е вистинскиот сопственик на оваа држава, а неговата волја е последна и главна насока во нашите политики. А овие ситни слуги на Заев полека но сигурно, трајно ја загубија својата чест, честитост и достоинство, но и брендот ВМРО-ДПМНЕ.

Драги пријатели,

Власта само на зборови е проевропски ориентирана, но не и по делата. А старите наши велат не гледај што некој говори туку види пред се што прави.

Па ќе прашам еве овде европски ли е премиерот да бега од дебата со лидерот на опозицијата, што толку многу ја бараше кога беше тој лидер на опозицијата? Бега и се моли што побрзо да заврши процесот со Уставните измени, а и за економијата нема што да каже, се разбира. Ако излезе на дебата ќе мора да збори и за криминалите што се случуваат. Јас  досега се уште не сум видел во Европа премиер што бега од дебата.

Европски ли е да се претепа човек во Струмица, да го претепаат кукавици со фантомки само затоа што се дрзнал да го критикува братот на премиерот? Европски ли е тоа?

Европски ли е да се води прогон кон опозицијата и да се прави полициска опсада на нејзиниот штаб, претресувајќи ги возилата и луѓето кои што влагаат и злагаат во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ?

Европски ли е една фамилија на власта, сестрата да е директор на академијата за обвинители и судии, братот главен преговарач во комисијата што треба да ја одреди смерницата на нашиот идентитет. Ќерката пак државен секретар во секретаријатот за европски прашања, а мајката советник во град Скопје од редот на СДСМ. Ова го има браќа и сестри само во СДСМ. Каде се сега  оние шарени  кои што се удираа по градите фарбајќи ги новоизградените објекти во Скопје и во другите градови ширум Македонија барајќи правдина барајќи мир? Овие си се вдомија многу пристојно во институциите, а овие останаа дома. Има место за секого, дојдете застанете рамо до рамо со нас да се спасиме од овие измамници кои што ја запоседнаа  Владата на Република Македонија.

Македонија браќа и сестри,  е далеку од Европа со оваа власт. А како тргнало и наредната година нема датум да добиеме за преговори. Нема затоа што ништо не работат. Не затоа што штанцаат закони на хартија, туку затоа што во дело во пракса никаква примена нема.

Драги сопатници,

Живееме време кое секојдневно е црно. И затоа велиме дека ова се црнила.

Она што Кочо Рацин го опиша многу сликовито, ние тоа денес реално го живееме, а беше отприлика вака

Денови ли се – денови

аргатски маки големи!

Стани си утре порано

Дојди си вечер подоцна,

наутро радост понеси

навечер тага донеси —

ај, пусти да е, пуст да би

останал живот кучешки!

 

Роди се човек — роб биди

роди се човек — скот умри,

скотски цел живот работи

за други, туѓи имоти.

Македонската историја учи дека оваа почва раѓала и луѓе од својот род кој тргнувале против својот народ. Македонија минувала низ тие историски катастрофи, и погроми. Сведок бил овој народ на многу предавства, неправди, измачувања, отуѓувања и делби. Денес како одново да се повторува тоа време. Денес на Македонија и се случува Зоран Заев. И ова презиме станува персонификација на сите црнила кои се случуваат на нашата татковина. Ова презиме станува синоним за целата сиромаштија, сите неправди, неуспеси, порази на оваа наша земја. Извор на сите проблеми, затоа што тој е човекот кој е судија, но и џелат на нашите македонски судбини.

Но воедно ова е време кога овој народ излегува од бунило и кога мора самиот да им стави крај на сите злоупотреби кои буквално ја разнебитија нашата заедничка татковина, нашата заедничка чест. Македонија се движи по таа црвена линија, помеѓу пропаста и очајот, или ќе се обединиме за да ја спасиме, или ќе се разделиме и распрснеме.

А се обединуваме и секој собир е се поголем, пожесток, и со повеќе  енергија. ВМРО е разбудено, на нозе, меѓу своите, во својата природна средина помеѓу народот. ВМРО-ДПМНЕ ја носи и запали искрата која ќе ја донесе зората која ќе ги победи оие црнила кои надвиснале над нашата татковина. Кога ќе не видат собрани и обединети ја гледаат сопствената немоќ и пораз, заедно со оние кои што им седнале во скут. И стравот со кој тие сакаат да владеат почнува да биде нивен страв.

Јас ви велам ако продолжиме така ќе успееме и ќе ги победиме, сите заедно на купче.

Се смееа, не потценуваа, велеа Мицкоски не може, Мицкоски нема сратегија. Но еве не, година дена потоа одиме до крајот и до конечна победа. Победа на претседателските избори, за победа предвремени на парламентарни избори. За Македонија, за нашата Македонија.

И сосема на крај, сакам да споделам еден личен момент кој што е пригоден за едни вакви прекрасни случувања и настани. Пред некој ден ме прашува постариот син, Јован вели кога ќе дојдеш дома тато, одите по улициве, по градовите, ладно е, студено надвор. Одговорот беше отприлика вака, нема ниту студ ниту мраз кој може нас да не поколеба во патот кој што го минуваме синко, а тоа го минуваме за тебе и за сите тие генерации како тебе, но и за сите оние генерации кои што се неродени, но и за сите генерации после нас.  Ќе се вратам кога ќе победиме, затоа што таа победа ќе биде триумф за Македонија! За секој еден граѓанин во Република Македонија!

Да ни е жива и здрава Македонија. Да ни е живо и здраво УМС, да ни е вековито, вечно, пркосно како што треба да биде!

Да сте живи и здрави вие. Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ!

23 декември, 2018 - 21:29