Мицевски:

Со остранувањето на АСНОМ се укинува денешната Македонија, се сведува на држава без корен и се обезличува и македонскиот народ

Интегрален текст од говор во Собрание на Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувана јавност,

Почитувани пратеници,

Министер, вице-премиер, преставници од владата

Денес ние овде повторно ќе говориме за целиот суверенитет кој се наоѓа во народот, а граѓаните, патем тие се врховниот суверен кој одлучува за сите важни прашања во општеството.

Името на една држава е инхерентен елемент на правото на самоопределување, а правото на самоопределување е темелот на Обединетите нации и Унијата.

Години изминуваа, човековата цивилизација напредуваше, границите меѓу државите во Европа се претворија со административно информативни табли и само бледа линија на географските мапи.

Сега според вас новата држава ќе треба повторно да ја признаат, впрочем, тоа го пишува и во текстот од договорот во кој е запишано дека втората страна ќе треба да ги извести државите за новото име, или попластично кажано, ќе треба да ги извести државите за новата држава на Балканот.

Почитувани, главното мото со кое човештвото влезе во 21 век беа отворени граници и право на движење на луѓе, идеи, стока и капитал. Само македонскотo прашање за самоопределување на македонскиот народ остана на балканската маса од минатиот век.

Наместо да се стремиме кон европските вредности, Македонија денес се обезличува и македонскиот народ се сведува на граѓани, на држава без корен.

Денес власта со еден амандман одлучи да ги избрише 9-те историски одлуки од АСНОМ, од кои што пак 4 одлуки имаат државотворно значење за Македонија. Доколку имаме во предвид дека денешната држава Република Македонија е производ од АСНОМ, но со остранувањето на одлуките, она што вие сакате да го направите, единствено што ќе постигнете е укинување денешната, нашата Република Македонија.

Со остранувањето на АСНОМ се бришат и признанијата на светските сили кои биле гарант за создавање на македонската држава.

Сите преамбули, содржат ознака за своето потекло, квалификација на доносителот на Уставот, означување на оној со чија волја се донесува уставот, а тоа најчесто е народот, утврдување на мотивите за донесување на Уставот, целите на уставното уредување и утврдување на начелата на кои се заснова целото уставно уредување.

Граѓаните мора да знаат дека со овој нацрт-амандман се брише значењето на Второто и на Третото заседание на АСНОМ, односно тие повеќе и не постојат во Уставот, бидејќи со предложениот нацрт-амандман се потенцира важноста само на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ што претставува чин на класично бришење на националната историја на државата и промена на историските факти по мерка на власта.

И тоа не ќе беше така доколку ова парче македонска земја, кое гордо го понесе името Република Македонија, држава од која сите Македонци раселени низ светот гордо го црпат идентитетот, не постоеше и група која со неснослива леснотија не потпаѓаше под ултиматуми на сметка на својот, но и на идентитетот на цел еден народ.

Илинденското востание претставува борба за создавање на држава, прогласите и манифестите од истото претставуваат стремеж за создавање на држава, додека АСНОМ произведува правен акт со кој се создава држава, со остранувањето на одлуките на АСНОМ врз кои се темели нашата држава се укинува и самата држава сѐ до нејзиното повторно создавање.

Но со остранувањето на одлуките кои што произлегле од АСНОМ од Преамбулата на Уставот на Република Македонија и вметнувањето само на Прогласот на АСНОМ, се укинуваат правните дејствија кои произлегле од самиот АСНОМ, а самиот чин се сведува на некаква ревијална манифестација на која се искажал стремеж за создавање на сопствена држава.

Секоја промена во текстот од Уставот мора да биде прецизно наведена и содржана во уставните амандмани, бидејќи само таквиот процес може да ја гарантира правната сигурност на граѓаните во системот.

Владата откако ги исклучи сите други инстуционални актери од процесот и го погази легалитетот на договорот, легитимитетот за договорот реши да го бара од граѓаните, како покритие за сите претходни незаконски чекори. Легитимитетот од граѓаните не го доби, сведоци сме сите од референдумските резултати.

Член 3 од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори вели “Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката“. Овој договор ниту е потпишан од Претседателот на Република Македонија, што е спротивно на законот.

Понатаму, чинот на ратификација на Договорот наместо законски и деловнички, наместо преку матичната комисија за надворешни работи каде што ќе можеа пратениците да поразговараат за самата спогодба која што беше понудена, истото не се случи и процесот неделовнички се водеше во комисијата за европски прашања.

Колеги пратеници со измената на Уставот на Република Македонија, измена која произлегува од договорот кој владата го потпиша со Република Грција, се воспоставува нова држава која што нема ништо заедничко со претходната држава Република Македонија.

Само за да биде запознаена македонската јавност, во грчкиот Устав во членот 107 и 108 од нивниот Устав се вели: „Ниту еден Грк не смее да се откаже да биде Грк. А што е со нас, прашувам колеги пратеници, што е со нас? Ние сите се откажуваме од тоа што ни е вековно, од тоа што е исконско, од тоа што не може да биде и само во уставот. Историјата и името Република Македонија е малку поголемо од уставите на Република Македонија.

Денес СДСМ сака да го избрише македонскиот народ, правото на самоопределување, ги брише Одлуките на АСНОМ од Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Со Аанднманот 34 ги бришат и ги закопуваат длабоко и за навек сите Државотворни одлуки на АСНОМ. Одлуките на АСНОМ повеќе не се споменуваат во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Денес вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест.

Денес се разобличуваат политиките на власта, политиките со кои се гази македонскиот народ а притоа некој се обидува да го претстави како национален приоритет.

Со целото свое работење некој постапува спротивно на волјата на граѓаните како и на дадената заклетва дека ќе го почитува и штити Македонскиот Устав и законите на нашата држава, на нашата Република Македонија.

Тајните преговори за најголемото национално прашање од тесна група на политичари од власта, без јавни дискусии, бегањето од градењето консензус меѓу политичките партии, бегањето од обединетост на граѓаните кон изнаоѓање на решение, креираше партиска поларизација, креираше поделеност во општеството со кое што и денеска не можеме да се справите.

Ја злоупотребивте најголемата демократска алатка, најголемото врвно достигнување во изразувањето и практикувањето на демократија во една современа држава која што цели кон западните вредности.

Референдумот како алатка за изразувањње на граѓаните, чија одлука ја помноживте со нула.

Обидете се да ја сплотите нацијата и да создадете вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократските вредности, наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика што ја водите по диктат, вршејќи притисок и делејќи ги своите граѓани, а во полза на туѓи геополитички интереси.

Денес СДСМ ја брише демократијата во Република Македонија преку непочитувањето на волјата на граѓаните изразена на референдум. Но и тоа не е доволно..

Власта ги брише Решението на АСНОМ како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија

Со амандманот 34, се бришат одлуките на АСНОМ како конститутивни акти во процесот на создавањето на Република Македонија како држава, и на нивно место го вметнува единствено Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и Охридскиот рамковен договор.

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

СДСМ ја бирише Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија.

СДСМ го брише Решението на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава, го брише Правилникот за работа на АСНОМ.

Го брише Решението на АСНОМ за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ, Решението на АСНОМ за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници, Решението на АСНОМ за одобрување на решенија, наредби и задолженија издадени од Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативата за свикување на АСНОМ.

Решението на АСНОМ за оддавање признание и благодарност на Народноослободителната војска, и Решението на АСНОМ за прогласување на Илинден - 2 август за народен државен празник на македонската држава.

Овие акти, почитувани пратеници, имаат исклучително важно конститутивно значење за Република Македонија и истите не смеат во никој случај да бидат избришани, а уште помалку заменети само со Прогласот на АСНОМ.

Прогласот никогаш немал ниту може да има конститутивна важност за државата.

Од друга страна е фактот што Охридскиот рамковен договор се внесува во Преамбулата и покрај тоа што за неговата целосна имплементација беа изгласани посебни уставни амандмани во 2001 година и истите се составен дел на Уставот веќе 17 години.   

Преамбулата на уставот по дефиниција, историски го определува времето на донесувањето на Уставот и ги определува неговите цели.

Како што се вели во самата преамбула, Уставот на Република Македонија е плод на заложбата и борбата за самостојна држава на македонскиот народ, како и на граѓаните што живеат на нејзините граници, кои се од албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот и другите народи.

Обврската за уставни измени кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор е исполнета, односно сменета е Преамбулата на уставот во согласност со рамковниот договор.

Преамбулата говори и за целите на Уставот, а тие се: Република Македонија да биде суверена, самостојна, граѓанска, Република Македонија да биде демократска држава, во којашто ќе постои владеење на правото и на граѓаните ќе им бидат гарантирани основните граѓански слободи и права.

Преамбулите најчесто ги содржат уставите на земјите кои се ослободиле од туѓо ропство или од окупација и во кои се извршени промени насочени кон остварување на општествениот, политичкиот и националните преобразби.

Со амандманот XXXIV кој се предлага се губи суштината и целта на преамбулата на уставот бидејќи со него се бришат правните одлуките на АСНОМ  кој се почетен момент на уставна изградба и развој на македонската држава.

Актите кои се донесени на АСНОМ се со уставно-правен карактер и претставуваат почеток на уставното уредување на Македонија.

Тоа значи дека најважните уставотворни документи на македонската држава се бришат. Со Аанднманот XXXIV од Преамбулата се БРИШАТ “Одукуите на АСНОМ” и се заменуваат со зборовите “ ПРОГЛАСОТ на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ”.

Со бришењето на Одлуките на АСНОМ, со кои се удрија темелите на Македонската држава пред 75 години, Зоран Заев и СДСМ газат по историјата и по коските на илинденците, на партизаните, на комитите, на водјводите, газат по коските на селаните, работниците, интелектуалците, мажите и жените кои се бореле за самостојна и независна Македонија и за тоа ги положиле и своите животи.

Граѓаните на Република Македонија јасно ви кажаа дека не се за бришење на најзначајните државотворни акти на АСНОМ, не се за бришење на РЕШЕНИЕТО за прогласување на АСНОМ како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија.

Граѓаните на Република Македонија не се за бришење на РЕШЕНИЕТО на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава. Со ова решение македонскиот јазик се подига на степен на службен јазик на македонската држава, што на овој акт му дава државотворно значење, со оглед на фактот дека државноста на една земја е незамислива без постоењето на службен јазик.

Граѓаните не се за бришење на РЕШЕНИЕТО на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен државен празник на македонската држава.

Ова решение, колеги пратеници, има државотворно значење и со него Илинден е прогласен за државен празник, како симбол на сите борби на македонскиот народ за конечно ослободување од вековното ропство и создавање на слободна и суверена федерална македонска држава.

Граѓаните не се за бришење на МАНИФЕСТОТ на АСНОМ до македонскиот народ кој претставува прокламација за националната слобода на македонскиот народ и создавање на македонската држава.

Во овој историски документ е даден осврт на тешката борба за слобода на македонскиот народ од времето на Илинденското востание и Крушевската Република како и од народноослободителната борба против фашистичките окупатори, чиј плод е конституирањето на првата слободна македонска држава.

Граѓаните не се за бришење на заседанието на АСНОМ каде е усвоена ДЕКЛАРАЦИЈА за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија.

Овој документ е еден од позначајните документи во историјата на Македонија, документ кој ги рефлектира идеите за создавање слободна и демократска Македонија, во која сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса и вероисповед.

СДСМ ги брише Одлуките на АСНОМ, со што ги руши темелите на македонската држава и место тие Одлуки, во Преамбулата се внесува Прогласот на АСНОМ до Македонскиот народ.

Почитувани граѓани, Прогласот на АСНОМ до Македонскиот народ не е правен акт. Со Прогласот македонскиот народ се известува дека е одржано првото заседание на АСНОМ и дека се удрени темелите на македонската федерална држава во нова Демократска и Федеративна Југославија.

Прогласот преставува известување, соопштение за тоа каква работа била завршена на заседанието на АСНОМ и образложение за тоа какви одлуки биле донесени.

Што ветуваше премиерот кога од него се бараше да ги обелодени Уставните Амандмани? Премиерот пред сите нас, пред јавноста, пред медиумите ветуваше дека во Преамбулата поименично ќе бидат споменати сите Одлуки на АСНОМ.

А сега наместо поименично да ги наведе Одлуките на АСНОМ, како што вети, сега во Преамбулата се наведува само Прогласот, кој не е никаков правен акт.

Во Преамбулата се бришат зборовите “одлучија да“. Бришењето на зборовите “одлучија да“ од Преамбулата на Уставот значи целосна негација на македонската држава.

Целта на ова два збора “одлучија да“ што се бришат од Преамбулата на Уставот е да се прикаже дека се конституира Република Северна Македонија од денот на усвојувањето на ова Преамбула и на амандманите на капитулантскиот договор со Грција.

Со ова комплетно се прифаќа дека Република Македонија нема повеќе да постои. Со бришењето на зборовите “одлучија да“ се погазува целата борба на македонскиот народ и се прави обид да се прикаже дека тоа се некои граѓани, вештачки граѓани без корен. За ова Македонија животите ги положија илјадици борци за слобода и независност.

Во една од одлуките на АСНОМ се стандардизирал македонскиот литературен јазик, тоа сега се брише и нашиот јазик, кој сега ќе има фуснота, ќе започне со имплементацијата на договорот со Грција. Јазикот е една од најважните алки во идентитетот на еден човек. За ова зборувавме и претходно, за ова зборуваме сеуште.

Со промена на преамбулата на Уставот и бришење на сите членови на Уставот каде се спомнува името и термините произлезени од името Македонија, Вие го понижувате македонскиот народ.

Со ваквите измени се поништува уставно-правниот континуитет на Република Македонија и се влегува во период на една новосоздадена држава Република Северна Македонија, која има некаква традиција, борби, движења и историски настани, но нема свој правно-државен континуитет на кој може да се повика.

Доколку од преамбулата се избришат одлуките на АСНОМ, тоа ќе биде најсилниот антимакедонски удар кој некогаш и бил зададен на Република Македонија, а особено што таквиот потег директно ги разнишува уставно-правните темели на државата Република Македонија како правен субјект.

Ниеден политичар од нас нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Македонските граѓани не нѐ гласаа за програма во која што е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата.    

Оваа актуелната Влада не доби мандат од народот, од гласачите за промена на својот идентитет.

 

 

2 декември, 2018 - 13:42