Груевски:

СДС на 15 октомври нема да се спаси од референдумот на народот

Интегрален текст од говор, Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добровечер Охрид,

Добровечер ВМРО-ДПМНЕ,

Добровечер за најмоќната коалиција во РМ, за победничката коалиција,

За коалицијата За подобра Македонија

Непостои изборна кампања во минатите 27 години која ВМРО-ДПМНЕ не ја започнало од  Охрид, град кој има посебно место во историјата на Макеоднија, град кој ги плени нашите срца, град со народ кој ја сака Македонија, град како што нема друг. Не постои ниту една презентација пред странски слушатели, најчесто потенцијални инвеститори, многу често туристички куќи, понекогаш политичари која сум ја завршил а барем со една реченица да не го спомнам Охрид, нашата гордост. град со кој се гордее цела Македонија.

Инаку, се сеќавам дека јас прв пат дојдов во Охрид како дете кога имав 10 години во 1980та, бевме во лето на одмор, бевме сместени во Пештани во приватно сместување во една куќа, уште паметам дека синот на газдрицата се викаше Ѓоре, тој веројатно не се сеќава на едно палаво дете кое постојано нешто правеше, и кое едвај чекаше кога домаќините требаше да одат некаде зад куќата да ги нахранат домашните животни,  да го гледа тоа како да никогаш не го имал видено, всушност да бидам искрен и никогаш претходно го немав видено тоа во живо и тој одмор, но и сите наредни доаѓања тука, и постепеното откривање на секоја убавина на овој град секогаш ми биле незаборавно доживување заради градот и заради луѓето во него. И сеуште, при секое доаѓање секогаш отривам нешто ново, нешто убаво.

 Но, тоа е приватното доживување на Охрид. Како претседател на владата се сеќавам дека долги години бевме попречувани да направиме нешто за овој град, и кога ќе направевме тогашниот градоначалник имаше некој чуден обичај пред ние да дојдеме и да го промовираме тоа, тој да излезе и да го промовира како проект што тој го завршил.  Бидејки немавме друг таков случај во Македонија, мислев дека по таа работа е единствен тој човек, но подоцна кога пред 4 години мнозинството граѓани ја даде довербата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, на актуелниот градоначалник Никола Бакрачевски,  се уверив дека навистина тоа што се збореше е и вистина, дека градоначалникот на СДСМ, не бил единствен само по китењето со туѓи перја, туку и по тоа што направил најзадолжена општина во државата со долг од 33 милиони евра, со блокирана сметка и со многу проблеми. Знам дека многу луѓе во тоа време мислеа дека докторот си ставил трн во здрава нога што се нафати во таква ситуација да стане градоначалник, но по 4 години можам да кажам дека тој заврши одлична работа, и дека не само што успеа да го намали долгот за цели 13 милиони евра за тие 4 години, туку со многу работа и труд, со заеднички напори успеавме да реализираме најголем дел од ветеното.

Па така

1.       На Булевар Туристичка изградивме и уредивме шест современи кружни текови во вредност од 38 милиони денари. Со тоа метежот на овој булевар посебно во летните месеци е значително намален.

2.       Изградивме повеќе пешачки рекреативни и велосипедски патеки, меѓу кои Патека од каналот Студенчишта до месноста Парк во должина од 1300 метри, нова пешачка рекреативна и велосипедска зона и нов канал на потегот од мостот Студенчишта до Билјанини извори во должина од 600 метри. Исто така, изградена е пешачка патека во должина од 2,7 километри во Стариот дел на градот која се протега од Кошишта кон Лабино и Канео, а потоа од Лабино продолжува кон Воска и Далјан. Изградена е пешачка зона и кеј покрај езерото во Пештани.

3.       Направена е комплетна реконструкција на повеќе улици, меѓу кои Ристо Чадо и улицата Илија Смически во Лескоец. Асфалтирана е улицата Стевче Илоски во Пештани, улицата Живко Чинго во Велгошти. Исто така, асфалтирана е улицата Радојца Новичиќ, патот до Велестово, улицата Петрино, улицата Ѓорги Сугарев. Обновени се  улиците Сирма Војвода, Богомилска, Крум Точко, Ванчо Питошески, а улицата Питу Гули како една од главните артерии на градот доби потполно нов лик. Изграден е патот помеѓу Горно и Долно Лакочереј, патот помеѓу Вапила и Сирула, асфалтиран е локалниот пат Охрид - Велестово, Елешец - Елшани, Рача – Кромидишта, Вапила-Ливоишта.

4.       Во рамките на спортскиот центар Билјанини Извори, Општина Охрид во соработка со Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ започна со градба на Затворен базен. Нешто што во Охрид се чекаше 50 години.

5.       Во овој спортски центар се изгради и мултифункционално игралиште за кошарка, ракомет и мал фудбал, како и три игралишта за тенис. Исто така, Општина Охрид во изминатиот четиригодишен период изгради повеќенаменски игралишта во Трпејца, Подмоље, Лескајца, Лескоец, како и на улицата Крали Марко. Изградено е детско игралиште во населбата Видовишта, детско и спортско игралиште во Основното училиште Свети Климент Охридски, како и две детски игралишта покрај патеката Студенчишта-Парк.

6.       Општина Охрид со сопствени средства го изгради и уреди плоштадот во непосредна близина на Основното музичко училиште „Методи Патчев“ со површина од околу 1.000 м2. Исто така, изграден е и плоштад кај Долна порта од 400 метри квадратни, како и плоштади во населбите Горна Влашка маала, Рача и Љубаништа.

7.         Направена е комплетна атмосферска канализација за целата населба Далјан како и целосно асфалтирање на улиците Миќа Гилиќ, Трајче Трајчески и Сатеска во населбата     Далјан. Изградена е нова фекална и атмосферска канализација на улиците Стив Наумов и Ристо Чадо. Исто така, Општина Охрид набави пет најсовремени комунални возила за потребите на Јавното претпријатие во вредност од над 18 милиони денари.

8.       Во Елшани е изграден нов водоводен систем и резервоар за вода. Изградена е нова водоводна линија во Рача и Горица,  како и на улиците Будва, Петрино, Крум Точко, Лазо Трпоски, Ванчо Питошески и Мирче Ацев.

9.       Отворивме 4 детски градинки во населените места Радојца Новичиќ, Пештани, Велгошти и Лескоец.

Заради сето ова, заради тоа што задржа чист образ и за себе и за ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните на овој град, сакам јавно да му се заблагодарам и да му честитам на Никола Бакрачески за досегашните резултати и успеси. Тој навремено не извести дека од длабоко приватни и семејни причини овој пат не треба да влезе во разгледување за повторен кандидат за градоначалник, но чесно до крај го вложи својот дел за овој прекрасен град и луѓе.

Драги Охриѓани,

По долги анализи да се избере најдобриот предлог, за наредните 4 години напредок, ВМРО-ДПМНЕ за градски татко на Охрид го повика и застанува зад  доктор Митко Тилевски, Ваш многу угледен и почитуван сограѓанин, познат лекар, педијатар, пред долго години и народен пратеник, чесен и работлив човек, борец за све што ќе се зафати свесен за проблемите на Охрид, за предизвиците кои доаѓаат но и полн со енергија, жар, големо животно и работно искуство, идеи, со добра воља и чиста мисла, и подготвеност неуморно да работи на напредок и успеси на Охрид и охриѓани.  

Новата програма за наредните 4 години оваа која сите ќе можете да ја прочитате, е веќе подготвена, внимателно обмислена, добро пресметано за се да е во склад со финасиските можности на општината, и со нејзиното спроведување Охрид ќе доживее едно ново издигнување, и решавање на многу постоечки проблеми. Др Тилевски како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ уште од оснивањето, знае дека кога ВМРО-ДПМНЕ ветува, тоа мора да се исполни, но и ние го познаваме него дека е многу сериозна личност која кога ќе се нафати за некоја работа го прави тоа со сета своја чест и одговорност, посветеност и неуморно работење. Од таа програма дозволете да издвојам неколку проекти кои ќе се реализираат-

1.       Ветуваме реконструкција на Градскиот Кеј кој ќе се уреди и ќе стане модерно шеталиште во кое охриѓани и туристите поминуваат голем дел од своето слободно време. Во склоп на кејот ќе се прошири и дополнително ќе се уреди градскиот плоштад Свети Климент Охридски, а модерен и нов лик ќе добие и плоштадот Крушевска Република.

2.       Планираме изградба на нов модерен парк Студенчишта кој ќе се простира на потегот каде што се поврзуваат патеките од Градскиот Кеј, пешачката патека од Билјанини Извори до Котва и патеката од каналот Студенчишта до хотелот Парк.

3.       Предвидуваме комплетна реконструкција и целосно уредување на Булeвар Туристичка, кое се однесува на коловозот, атмосферската канализација, водоводна мрежа, како и изградба на пешачка патека, велосипедска патека и хортикултурно уредување.

4.       Ветуваме целосна реконструкција на улицата Абас Емин како една од главните сообраќајници во градот. Ќе биде поставена нова фекална и атмосферска канализација, како и нова водоводна линија, тротоари и ново улично осветлување.

5.       Ветуваме реконструкција и асфалтирање на улиците 7- ми Ноември, Јане Сандански, 1-ва Македонска ударна бригада, АСНОМ, Егејска,  Св.Кирил и Методиј, Партизанска, Јордан Мијалков, Александар Турунџе, Прилепска, Анастасија Узунова, Дејан Војвода, Стив Наумов, Дебарца, Даме Груев, Охридска Бригада. Асфалтирање на улиците во Долно Коњско, Лагадин, Свети Стефан, Шипокно, Велестово, Рамне, Подмоље, Орман, Љубаништа, Трпејца, Пештани, Горно и Долно Лакочереј, Велгошти, Лескоец, Косел, Вапила, Ливоишта, Завој, Свињишта, Опеница, Рача и Плаќе.

6.       Планираме изградба на велосипедска патека од Охрид до Свети Стефан. Ќе изградиме  спортски и детски игралишта во село Елшани, Долно Коњско, Пештани. Во населбата Железничка предвидуваме изградба на повеќенаменско спортско игралиште и балон сала со вештачка трева која ќе се користи за мал фудбал.

7.       Ветуваме реконструкција на постојната трибина на стадионот Билјанини Извори, како и реконструкција на соблекувалните и сите помошни простории.

8.       Ќе направиме изградба и доизградба на водоводните системи на улиците Јане Сандански, Вардар, Васил Стефоски, Христо Узунов. Активности од ваков тип ќе бидат направени и во Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин и Куратица.

9.       Ќе извршиме реконструкција и проширување на капацитетите на градинките Росица, Развигорче и Лихнида. Ќе ги реконструираме основните училишта Свети Климент Охридски, Братство и Единство, а ќе се реконструираат и училиштата во Долно Коњско и Елшани. Во новиот дел на Охридската гимназија ќе се направи реконструкција на поткровјето и истата ќе се опреми со мебел.

10.     Општина Охрид ќе изврши набавка на нови противпожарни возила и нова опрема за потребите на  противпожарната станица во градот Охрид.

11.     Се планира Општина Охрид да стане прва општина, која од сопствен буџет  ќе изгради социјални станови и истите ќе ги понуди на ранливи категории на граѓани.

Почитувани Охриѓани,

Нашите опоненти се свесни дека ако нешто не излажат или не направат некоја далавера, во Охрид, како и во најголем дел од Македонија ќе загубат на овие избори. Затоа очекувајте сега да ветуваат се и сешто. Познати се по тоа, и фала богу што се познати, ама и по неисполнувањето на ветувањата. Ќе ветуваат се и сешто ам ги знаеме дека ен исполнуиваат. Се што сакате да чуете ќе Ви ветат само за да го добијат Вашиот глас на следните избори, а потоа ќе има живот ама само за нив, како што е еве веќе 4 месеци низ цела Македонија. Си гивдмија партиските кадри, шарените платеници, се изнаместија по фотељите, станаа функционери, а најголем дел од ветувањата на народот  ги заборавија. Го заборавија и народот.

Ветуваа дека секој млад човек штом заврши високо образование најкасно за шест месеци ќе се вработи. Сега наместо тоа, нешто мумлаат за некаква пракса на волонтерска основа, ама и од тоа нема ништо. Ветуваа 500 километри автопатишта во Македонија, а и оние кои се градеа ги запреа под разни изговори кои се невистинити, само за потоа по две години да  ги прикажат како свои дела. Така е и со автопатот Охрид- Кичево кој повеќе од пола е завршен, и ќе беше целосно готов до април-мај ако не го запреа.

Така е и со измамата дека сите ќе имат 500 евра просечна плата, а еве го два месеци по ред просечната плата според заводот за статистика каде поставија нивни директот, се намалува.

Ветуваа дека економијата ќе расте, а прометот во индустријата падна за 9 проценти, извозот падна за 12 проценти, девизните резерви се намалија за над 170 милиони долари за само 3 месеци, а еве и гувернерот објави дека годинава наместо планираниот раст на економијата,  ќе имаме намалување на економијата и рецесија.

Откако стапнаа во владата нов странски инветитор не стапна во македонија, а од домашните инвеститори само еден покажа дека произвел нов автобус, за подоцна цела јавност да види дека и тоа било голема измама и дека таа фабрика одамна не работи, дека нема работници, и дека автобусот без тронка срам го донеле за овој кој ќе ни носеше живот да влезе во него со новинарите и да покаже дека животот доаѓа. Брука и срамота. Но и жалосно истовремено. Нека отидат во Ванхол да видат што е фабрика за автобуси донесена од ВМРО –ДПМНЕ. Нека отидат и во штипска Актива која се изггради од домашен инвеститор за да биде партнер и да изработува делови за Ван Хол фабриката што изработува автобуси. Нека дојдат во ОДВ Електрик во Охрид, и во Костал во Охрид, да видат што значи да ветиш, да работиш и да исполниш ветување.

Ќе Ве потсетам како во најголемиот ек на политичката криза кои патем кажано тие ни ја наметнаа, економијата растеше, инвеститори доаѓаа и отвораа нови работни места. Се отвораа фабрики, се градеше, се создаваше, се решаваа проблемите на граѓаните. Целиот овој пад на економијата почнува одкако се формираше новата влада.  И тоа воопшто не е изненадување.

Како може да непаѓа економијата кога јавно објавија дека ќе ги зголемат даноците и придонесите, давачките кон државата и на работниците и на фирмите.

Како може да непаѓа економијата кога цело лето ги оставија земјоделците сами на себе, кои незнаеја дали поправо да се справуваат и што да прават со своите производи кои скапуваа, или да се борат со пожарите да не ги изгорат додека владата цело лето бареше што ручал некој поранешен министер, во кој хотел престоувал кога бил на службен пат и додека незаконски ги разрешуваа поранешните директори за да донесат тешки аматери, некомпетентни кадри,  партиски послушници и луѓе кои се  истакнале во боењето на државните објекти. 

Како може да непаѓа економијата  кога ги запреа без малку сите градежни проекти во државата, трите автопати, клиничкиот центар во Скопје, се пренаменија и парите предвидени за театарот во Охрид, училишта, градиники и останато.

Од пусти гнев и инает, да запрат се што ВМРО започнало, ја запреа економијата и немаат никаков план како да продолжат.

 Како може да непаѓа економијата кога сите компании видоа дека дојде рекетарска екипа на власт, и кон странските инвеститори кои отвораат нови работни места се однесуваат како кон непожелни натрапници.

Додека зборуваа а неправеа реформи, додека тие ја лажеа јавноста дека имале средба и разговори со претседателот Трамп, а целата јавност виде само ракување, додека се мачеа како да се спречат рефередумите за спречување на населување на мигранти низ општините и градовите, бидејки дале такво ветување кон надвор, додека прифаќаа штетни меѓудржавни договори со кои се одкажаа и од јазикот и од историјата и од македонскотото малцинство додека ни правеа организирани хајки и политички прогони и мислеа дека со тоа ќе не уништат и деградираат, ние тоа  време го искористивме за други цели и други намени.

Да направиме анализи каде беа нашите слабости и пропусти и да ги корегираме, да ја зацврстиме партијата како народна и конзервативна партија и како граѓанска десница да подготвиме детални и одлично обмислени програми за секоја општина за кои консултиравме многу луѓе и експерти, но и имајки во обзир дека владата е тотално дезориентирана и фокусирана на тоа како да го смени името, бидејки е свесна дека за тоа е донесена на власт, додека тие ја тонеа економијата, ние седнавме и направивме нов документ со кој што после се што се случи нудиме една нова визија, нова ера на Македонија, нова ера за напредок и успеси на Македонија во наредната декада.

Додека тие мислеа што да срушат што ние сме изградиле, ние мислиме што да изградиме и создадеме, како повторно да ја придвижиме Македонија, одкако оваа  помрачина што не снајде  ќе биде тргната од нашата земја, а тоа ќе биде брзо. Додека тие се оптоварени да ја срушат оградата на владата, да срушат некој споменик на некој македонски револуционер, да пуштат некому обвинение или да уапсат некого за да не престават за нечесни, додека тие тонатво соптвениот гнев и безидејност, ние направивме план за нова десетолетка, план кој е прецизно подготвен, план кој го образложивме на јавноста во детали во петокот во Скопје, и план кој предвидува реален и крупен напредок на Македонија.

 Визија за иднината, иднина во која Макеоднија ја гледаме како членка на ЕУ и на НАТО, и во стратешко партнерство со Америка, план со кој се предвидува отворање на нови 150 илјади работни места и намалување на невработеноста на под 10 осто. Ако во минатото знаевме како да  отвориме нови 173 илјади работни места за 11 години, со сите економски и политички кризи во нив, бидете убедени дека со ова искуство и знаење, со тим како што само ВМРО и коалицијата За подобра Македонија  можат да направат ќе отвориме најмалку 150 илјади нови работни места во следните 10 години. Можеби и повеќе, но ние секогаш одиме со поскромни ветувања. Македонија која ја наследивме со речиси 39 осто невработеност и ја доведовме на 22,6 осто невработеност, ќе стане земја со 9, 8 или 7 осто невработеност како многу развиени европски земји, во новата ера на ВМРО Коалицијата За подобра Македонија и Република Македонија.

Ера во која невработеноста кај младите ќе се преполови. Ера во која сиромаштијата во Македонија ќе се намали за ¾. Ера во која растот на економијата во просек ќе е 4 осто од БДП или повеќе.  Визија и план со кој годишниот приходот по глава на  жител кој го наследивме на 3300 долари, а сега е околу 5 илјади долари, ќе порасне на над 12 илјади долари. Ера во која Македонија ќе остане земја со најниски даноци во светот. Декада во која за образованието секоја година ќе се издвојува по најмалку 6 осто од БДП, во која Македонија ќе влезе во првата половина на земји на листата на Пиза, кога станува збор за мерење на квалитетот на основните и средни училишта, ера во која барем еден македонски универзитет ќе влезе во првите 200 во светот според рангирањето на Шанхајската рејтинг листа, како најреферентно рангирање на универзитетите во светот. Ера во која преку изградба на нови енергетски капацитети, Македонија од нето увозник ќе се претвори во нето извозник на електрична енергија. Ера во која ќе растат платите, пензиите, субвенците на земјоделците. Она што на народот реално му треба, а не демагогија, празни зборови, политички хајки и прогони на политичките опоненти, рушење на изграденото, и колапс на економијата. Нова ера, ново утро за Македонија, нова ера за нови успеси. За подобар животен стандард, за посилна демократија. Еднаш докажавме дека можеме, сега со искуствотот зад нас, со нови освежувања во тимот и нова енергија, ќе покажеме дека можеме и многу повеќе.

Затоа драги пријатели велам дека на 15ти октомври имаме локални избори но истовремено и  референдум. Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, реферндумот за нова ера и ново утро за Македонија. Кое доаѓа несопирливо. Кое никој неможе да го задржи. Позади кој стои народот. И луѓето кои прават споредба и направија споредба.

Охриѓани нема да ја пропуштат шансата да го одберат Др Митко Тилевски за градски татко, а  целиот народ има единствена можност на 15 октомври да каже што мисли за она што и се случува на Макеоднија во овие 4 месеци, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето,  за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа Влада,  за одењето спротивно на вољата на народот, за потценувањето на нашата, на Вашата интелегенција и интегритет, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија. Ќе се изберат градоначалници ќе се изберат советници но народот ќе го каже своето мислење за сето ова што се случува во Македонија точно на 15 октомври со пенкалото во рака.

И во исто време, народот ќе може да се искаже и за новата визија, на енергетизираното, освежено и реорганизирано  ВМРО-ДПМНЕ, за новата енергија која доаѓа со нова ера, која носи 150 илјади нови работни места, повисоки плати, пензии, субвенции, поквалитетно образование, здравство, и екологија, посилна демократија, членство во ЕУ и НАТО. Нова ера која носи нови успеси и нови победи, и која може да ја исполни само оној кој вели и живее со тоа: СЕКОГАШ РАБОТА!!!СЕКОГАШ МАКЕДОНИЈА!!!

Дали сте за новата ера?

Дали сте за 150 илјади нови работни места?

Дали сте за ново утро со најниски даноци и поквалитетно образование?

Дали сте за невработеност под 10 осто?

Дали сте за повисоки плати, пензии и субвенции, повеќе туристи и повеќе фабрики како ОДВ Елекктрик и Костал?

Дали сте за Митко Тилев за градоначалник на Охрид?

На нашата Татковина како никогаш досега ѝ се потребни докажани луѓе. Исправени сме пред голема историска одлука за иднината на нашата земја. Доведени се во прашање нашата економија, национален идентитет, култура, јазик и држава.

На 15 октомври, на локалните избори, гласајте за луѓе чии постигнати резултати сите ние ги гледаме. Гласајте за луѓе за кои знаете дека постојано работеле и во иднина ќе продолжат да работат за наше заедничко подобро утре. Луѓе кои ги исполнуваат изборните ветувања, веруваат во правда, не бегаат од одговорност и учат од своите грешки. За луѓе кои веруваат во народот и неговите способности.

Гласајте за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, за да продолжиме заеднички да ја градиме нашата иднина. Да продолжиме да градиме општество во кое сите ќе живееме во слога и мир, без поделби и омраза, со меѓусебна почит на сите граѓани. Да ги зачуваме нашите заеднички вредности и да ги почитуваме правата и потребите на сите граѓани поединечно. Обединети да ги надминеме предизвиците со кои се соочува нашата држава и да ја зачуваме задничката цел. Цел која отсекогаш е иста, а таа се вика Македонија!

Од сите нас зависи во каква Македонија сакаме да живееме.

Нашата работа секогаш ќе биде посветена на вас и на Македонија. Секогаш ќе работиме на подобро утре и секогаш ќе се грижиме за нашата заедничка Македонија. Со нас нема празни зборови и општи апстрактни фрази, туку работа и исполнување на ветувањата.

Заради сето ова на овие избори велиме гордо и јасно: Секогаш работа, Секогаш Македонија.

Шансата за ова е на 15ти октомври, со пенкалото во рака, масовно и со главата горе.

Да одбереме РАБОТА и посилна економија, и секогаш да сме на страната на  МАКЕДОНИЈА и интересите на народот во неа.

СЕКОГАШ РАБОТА!!!

СЕКОГАШ МАКЕДОНИЈА!!!

Да живее Македонија,

Да живее Охрид и охриѓани,

Да  живее ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Макеоднија!!!

25 септември, 2017 - 21:43