Потребна ни е интеграција, еднакви можности за сите, правна држава и владеење на правото

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитуван Директор на НДИ Македонија г. Крис Хеншоу,

Почитуван Заменик помошник администратор за Европа и Евроазија, вршител на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД Македонија г. Гречен Биркл,

Почитувани членови на Извршниот и Централниот комитет,

Почитувани пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, драги партиски членови, уважени гости,

Ми преставува особена чест и задоволство што повторно, по подолга пауза практично обновуваме едно пријателство и заедничка соработка со нашите партнери од Националниот демократски институт од Америка и што заеднички организираме еден работен престој кој што е добра прилика за размена на искуства, пренесување на знаења и втемелување на нови форми на соработка.

Искрено се надевам дека ова е почетокот на едно обновено суштинско пријателство кое убеден сум дека ќе донесе плодоносни резултати и ќе ни помогне за зголемување на нашите капацитети и реализација на нашите стратешки приоритети како политичка партија, што всушност се и приоритети и стратешки цели споделени со Република Македонија.

Искрено сум убеден дека се поставуваат основите за една долгорочна соработка која ќе донесе одлични резултати.

Ваквиот работен престој е прилика да се направи една ретроспектива за анализа на она што преставува и наслов на овој заеднички собир „Рефлектирање за минатото, планирање за иднината“.

Ова е дотолку повеќе важно затоа што она што сега ќе го испланираме, изградиме како заеднички капацитет во партиските структури ќе биде она што, уверен сум во еден извесен брз период треба да се преслика како раководење на институциите, нивно управување и менаџирање. И потполно треба да бидеме свесни дека граѓаните со право, ќе очекуваат резултати, исполнета работа и драстична разлика кон подобро. Ние сме тие кои ќе ја имаме задачата тоа да го донесеме и да не ги разочараме нивните очекувања што е првенствената обврска во се она што го правиме. Не смееме и нема да ги изневериме очекувањата на граѓаните!

Но патот до таму треба да се изоди. И ништо нема да дојде незаслужено, и ние треба да бидеме подобри од било која друга политичка сила сега и во минатото. Како што рекол американскиот претседател Абрахам Линкон она што и треба на секоја една демократија е владеење на народот, од народот, за народот. И ние тоа треба заеднички да го изградиме, преку отвореност, со неверојатен слух за потребите на граѓаните, зајакнување на демократските капацитети и да се водиме од интересите на Република Македонија и нејзините стратешки цели.

Секоја смена на власт носи своја порака. Како што тоа таквата смена ќе биде порака за оваа актуелната, така и ние добивавме во минатото пораки од граѓаните. И веројатно за тоа, и таквите нивни одлуки граѓаните имале добри причини. Наша должност е да ги признаеме нашите слабости, да ги oстраниме и надминеме, зајакнеме нашите капацитети, и понудиме она што им треба на граѓаните. И ние тоа го правиме.

На државата и треба лидерство кое ќе донесе стабилност и развој. После 28 години независност нам ни треба овозможување на сигурност на граѓаните и конечна верба во демократските принципи, во почитување на волјата на граѓаните која не секогаш во минатото била водилка за политичарите, а тогаш кога не била, се правеле грешки кои нашата држава ја чинеле скапа цена. И конечно на граѓаните им треба сигурност, верба во правната држава и владеењето на правото, каква во моментов за жал немаме. Но она што сега го имаме како фактичка состојба во државата  е слаб институционален капацитет, разочарани очекувања, имаме поделено општество и тоа по повеќе основи. Станавме држава во која и поставувањето на директори на средни училишта предизвикува поделби, бидејќи истото е резултат на политички интереси и договори, а не последица на заслуги и минат труд. А поделеноста дезинтегрира, но нам ни е потреба интеграција. Еднакви можности за сите. Правна држава и конечно владеењето на правото.

Имаме стратешки интереси кои треба да се одбранат, но и исполнат. Ние сега сме опозиција која е гласен коректив на власта. И за се она што денес критикуваме, треба утре да го исправиме и исполниме. И сум уверен дека тоа ќе го направиме. Пратеничката група, членовите на Извршниот и Централниот комитет, како секој еден член треба да знае дека оние капацитети што ќе ги изградиме сега, ќе бидат капацитети кои ќе управуваат утре и ќе имаат одговорност. Јас верувам дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе остане прогресивната сила која ги носела промените и секогаш била во служба на целите на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ја обединува енергијата на прогресивноста, на современиот патриотизам, и отвореноста да се рушат бариерите. И ќе го донесеме она што и потребно на нашата земја, промени, нова надеж и подобра иднина за сите. 

Овој работен престој ќе помогне во зајакнување на внатре партиските капацитети.

На крај дозволете да се заблагодарам и на луѓето од НДИ и мојот кабинет кои непосредно беа вклучени во неговото организирање. На сите овде Ви посакуваме пријатен работни мигови, висока ангажираност и мотивираност во текот на обуките.

8 февруари, 2019 - 20:45