Мицкоски:

Ние сме искрата која што ќе ја донесе зората

Добровечер, горда, пркосна и честита Македонијо!         

Добровечер ВМРО-ДПМНЕ!         

И добровечер за Коалицијата „За подобра Македонија“!         

Добре дојдовте и оваа среда, овде пред платото на Владата на Република Македонија, да го изразиме нашиот револт и несогласување со сите овие корупциски скандали, со сите овие погрешни политики кои оваа ненародна и корумпирана влада предводена од аболиран политичар ги прави во нашата држава.         

Долго размислував како да го почнам денешниот говор. Сакам да ви се заблагодарам на вас најхрабрите кои што се одваживте и оваа среда но и идната среда и секоја наредна среда, и четврток и петок, и понеделник и вторник да ни се придружите овде пред платото на Владата на Република Македонија. Низ улиците, низ булеварите и плоштадите, во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ ширум Македонија да се мобилизираме и да им го нанесеме најголемиот пораз во историјата на следните претседателски избори.         

Но да ги поздравам и оние кои што се дома денеска, кои што од оправдани причини не се денеска овде со нас. Но знам дека срцето нивно е овде со нас токму пред Владата на Република Македонија и ни даваат поддршка. Но затоа што се притиснати, прогонети од самонбедисаните функционери именувани од овие луѓе внатре и им се закануваат. И им се закануваат на нив, на нивните семејства да не бидат дел од овие протестни маршови. Зарем тие се тие европски вредности за кои се бориме? Зарем таа е таа европска придобивка која што Зоран Заев и луѓето околу него ни ја продаваат? Зарем тоа се сите оние протреси, протреси им правеа на нашите браќа. Протреси им правеа на нашите поддржувачи минатата недела. Во 5 наутро им упаѓаат во дома наоружани со заби по нарачка на Зоран Заев и Оливер Спасовски. За што? Да најдат петарда, и да ги малтретираат цел ден во полициски станици.

Оставка! Оставка! Оставка!         

Доста е! Ќе ве победиме и ќе ве победиме жестоко! Да знаете! А, тоа ќе го видите на следните претседателски избори.         

Почитувани, сопатници, браќа и сестри

Овдека што сте со нас денеска, и знам дека ќе бидете и следните среди, и следните денови, овде со нас. Реков дека, размислував долго како да го почнам денешниот говор, ќе го почнам со она основното, со она што на секој човек му е неопходно, а тоа е почит, радост, и безбедност, и чест по нашите улици, по нашите маала. Да има благосостојба во градовите и селата. Бидејќи декември е месец на слави и ја користам оваа прилика на сите оние православни верници кои ги чествуваат декемвриските слави да им посакам многу здравје, среќа и благостојба во нивните домов, за нив и нивните семејства.         

Да посакам и да побарам, и да замолам од секој еден граѓанин на Република Македонија лојалност и доверба за државата, а од државата ќе побараме да обезбеди сигурност, економски развој, подобар стандард, вработување за секој млад човек, полни паркови, насмеани лица, во следната 2019 година.         

Ако тоа не ни го овозможи оваа влада, ќе ја смениме. Ќе дојде некоја друга влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. И сето ова што пред вас јас денеска го зборувам ќе го исполниме ви ветувам!  

       

Сонот на секој граѓанин, почитувани сограѓани, сопатници наши, во овој пат до конечен триумф е да ги гледаат своите најблиски, своите роднини, своите соседи среќни насмеани и весели. Но што ни се случува, луѓето стануваат се поразочарани од ден на ден гледајќи дека нема иднина. Гледајќи дека овие луѓе внатре во оваа зграда не можат да понудат ништо со што квалитетот на нивните животи ќе биде подобрен. Секаде околу нас, почитувани сопатници, гледаме нешто што може само со еден збор да се опише, а тоа се ЦРНИЛА.         

И ќе ве праша од каде црнила, па зарем има нешто што е поразлично од црнила, што денеска и се случува на нашата татковина, почитувани мои сопатници.         

Почитувани браќа и сестри,         

Зарем има нешто што можеме да го издвоиме и кое што ќе кажеме добро е, тргна работата да им дадеме шанса.         

Доста е веќе! Нема веќе простор ниту за шанса, ниту па време имаме повеќе да ги чекаме. Заминете си од таму од каде што сте ги узурпирале позициите и местата, веднаш! Веднаш да заминете! А, првиот знак ќе бидат следните претседателски избори. Кога овој народ овде, и народ ширум Македонија ќе ви го покаже вистинското место на вас кои што ова и го направивте на татковината, на буништето како што рековме минатиот пат. И ниту едно друго место не може да ви припадне на вас. На срамната и темната страна исполнета со црнила во историјата на Република Македонија. Тоа е вашето вистинско место. Тие што се внатре во овие простории на владата.         

Оставка! Оставка! Оставка!         

Сакаат да го поразат духот на Македонецот. Сакаат Македонецот да го прикажат беспомошен, безнадежен, секојдневно влијаат на расположението кај луѓето нарачувајќи вести. Дека прават нешто, а во суштина ги демотивираат и деморализираат луѓето дека не можело да биде подобро. Сеат страв во секој чекор, во секоја пора на општеството сакаат да расеат семе на страв. За да се уплашите, за да се уплашите за да не можете да им застанете на патот. Јавно и гласно. За да можат сега некаде одозгора да сликаат и да снимаат и да речат –  „Видете ги само неколку илјади се овдека доле“. Да, ама стотици илјади сме против вас, само тоа да знаете. Стотици илјади сме против вас.         

Го узурпираат и јавниот простор. Ќе сретнете армадила на гласноговорници кои што се скапо платени со жолтици народни пари. Кои што ќе ве убедуваат дека црното не било црно туку било бело. Кога ќе ве убедуваат дека поразот не бил пораз туку бил триумф. Ќе ве убедуваат дека капитулацијата е лидерство. Ќе дехидрираат од плукање по мене, и по опозицијата, а притоа не гледаат дека државата им бега од раце. Дека народот си оди. Дека државата станува се поизнемоштена и истоштена. Ги заборавија сите овие погрешни политики, дехидрирајќи од плукање врз мене, ме оцрнуваат мене, ја оцрнуваат опозицијата, а притоа слепи се на целиот криминал кој што им бега од пред очи. Слепи се на сите тендери кои што ги договараат на 4 очи. На целокупната оваа пљачка, на сите оние договорени судски случаи, на целокупниот прогон кој што нас денеска ни се случува.        

И додека тоа се случува, почитувани мои, без ронка срам и без перде, и без ни малку чест, и без око да им трепне ја прекрстуваат нашата земја. Без малку срам.        

Овој народ овде, но и стотици илјади граѓани на Република Македонија, честити луѓе нема никогаш тоа да го прифатат, и тоа ви го покажаа на референдумот на 30-ти септември, тогаш ви го покажаа тоа дека вие не можете и не ја заслужувате таа доверба од нив. Дека тргнавте во авантура, дека тргнавте да го прекрстите сопствениот народ и нација. Да им го одземете идентитетот, да им го одземете јазикот, и тоа не ви беше доволно, па ја крстивте нација со комплекси.         

Излезе човекот кој што плата зима од овие луѓе, од оваа нација. Излезе човекот кој што ја водеше оваа операција на преименување и уништување на македонскиот идентитет. Човекот чие што семејство се хранеше на плеќите на овие честити луѓе и граѓани. Човекот кој што и ден денеска ги користи привилегиите затоа што Буџетот го полнат овие честит луѓе. И ни рече дека ние сме биле искомплексирана нација.        

Не сме, господине Димитров, ние сме нација со чест и достоинство. И ќе дојде денот, верувај јас ти ветувам кога јавно овде пред сите ќе се извиниш затоа што и го кажа на македонската нација и на граѓаните на Република Македонија.         

ВМРО-ДПМНЕ! ВМРО-ДПМНЕ! ВМРО-ДПМНЕ!

         

Сета оваа болка, сета оваа неправда што и ја нанесоа на Македонија, непочитувањето на резултатите од референдумот. Сето ова кое што безмилосно го туркаат, се грешат ако мислат дека нема да го платат. Ќе го платат и тоа скапо ќе го платат на следните парламентарни избори кога и да се случат, јас ви ветувам.         

Но она што е важно, важно е дека народот не им даде легитимитет.         

Цело време среќавам сограѓани кои што ми велат – „Добро бе Христијан, Претседателе, Професоре, кажи некој збор, зошто ја избегнуваш темата за името“? Не ја избегнувам, ме боли и ме пече, можам да зборам до сабајле на таа тема но се борам и ве повикувам сите да се бориме во оваа битка. Знам дека е нерамноправна, и знам дека сме сами, но да дадеме се од себе тоа да го исполниме. Зашто да зборам за нешто што ме боли, јас на оваа тема не сакам да градам кариера. Нити политичка, нити човечка. Јас за ова сочувствувам, не сум нити јас безимен, нити мојата нација, нити мојот народ. Ова е македонски горд народ кој што има право да ја именува својата држава во Република Македонија.         

Македонија! Македонија! Македонија!         

Ќе излезе пред некој ден фантастично голем скандал, фантастично голем скандал ќе излезе. Ќе пронајдат документи, ќе проверат опрема која што повеќе од две години ги слушала сите обвинители и судии и потоа нема да знаат како да го излажат својот народ, нема да знаат како ќе се исперат со овој скандал, па најпрвин ќе речат на 30-ти септември 2016 започнавме до ден денешен, заради другиот ден ќе им текне што кажале, ќе се врата пак на прес конференција и ќе речат од 2013 било ова, Христијан е виновен, тогаш тој бил во дел од кабинетот на тогашен премиер. За бадијала се мачите, за бадијала се трудите и мене да ме испрлате и да го извалкате името на ВМРО-ДПМНЕ, и сите оние членови од ВМРО-ДПМНЕ. Не ви проаѓа веќе картата на емоција, народот не ве сожалува, не сте жртва, вие сте ловците, вие сте ловците на овој народ. Вие сте ловците на Македонија. Вие сте ловците на македонскиот народ. Народот ќе ве осуди.         

Како да ви веруваат овие луѓе дека имаме независно судство, дека имаме независно обвинителство. Кога ќе излезе министерот за внатрешни работи и ќе каже не се секирајте, не се грижете, материјалите се на безбедно. Каде во негова фиока? За да може да ги уценува судиите и обвинителите.         

Оставка! Оставка! Оставка!         

Сакате да монтирате случаи повторно. Сакате повторно да ги уценувате и обвинителите и судовите. Сакате сите да судат по принципот на „Кацарска судството“. Сакате сите да обвинуваат по принципот на „Рускоска обвинителство“. Едно да ви порачам не се тие двете толку храбри, ќе дојде денот кога ќе ви го завртат грбот. И кога истите тие ќе пропеат за сите нарачки, за сите уцени кои што им ги правите преку вашите адвокати. И тоа нема да ви го прости овој народ овде. Но и оној народ што е дома.         

Македонија! Македонија! Македонија!         

Ветуваат чуда, ветуваа економија. Многу ми замеруваат велат сега најде за економија да збориш, гледај што се случува со државата. Ќе зборам затоа што и економијата е важна. Затоа што економијата е таа која што им обезбедува егзистенција на луѓето. Ќе зборам се додека не станам здодевен. Ќе зборам секој ден, се додека на овие внатре не им текне да си заминат и да ги остават луѓето кои што знаат да работат, кои што знаат да обезбедат, нови работни места, да донесат,странски инвестиции, да обезбедат сигурна иднина за младите, се до тогаш ќе зборувам па критикувајте викајте плукајте по мене ќе зборувам секој ден се додека устата пена не ми фати. Затоа што ми е важна економијата, а важна ви е и на сите вас. Исто како што ми е важно името, исто како што ми е важна и нацијата, исто како што ми е важен и јазикот и образованието и здравството и културата, секаде имаме црнила, немаме победа, само порази во секоја пора на општеството, ќе зборувам секоја среда овде, ќе зборувам и секој понеделник и секоја недела и секоја сабота ширум Македонија се додека не ги видам овие луѓе како заминуваат. Се додека не видам како народот ги казнува и како доаѓаат луѓе кои што знаат како Македонија да ја исправат на вистинскиот пат. Затоа ќе зборувам и за економијата.         

Ќе зборувам затоа што ни го покачија лебот, лебот ни го покачија. Лебот ни го покачија, ни го земаа достоинството, ни ја земаа честа, ни ја земаа гордоста, воздухот е се потежок за дишење. Вода нема никаде чиста сега и лебот сакаат да ни го земат. Зарем тоа ли заслуживме, зарем тоа ли заслужи овој народ кој што ви даде доверба во 2016-тата година, а потоа во 2017-тата година. Ќе го платите и лебот, ќе платите и за воздухот, ќе платите и за чистата вода, ќе платите и за сите лаги, ви ветувам. Ќе видите што ќе се случи.         

Почитувани браќа и сестри, овде сме затоа што сакаме да се бориме, затоа што сакаме во оваа борба во оваа битка да победиме. Ние сме генерација која што мора повторно да победи. Затоа што оваа генерација, мора да победи и да ја освојува слободата која што во овој момент ни е потребна. Да го поразиме Кацарска судството, да го поразиме Рускоска обвинителството. Да го поразиме овој искомплексиран министер што ја нарече нашата македонска нација искомплексирана. Да ги поразиме овие луѓе кои што не направија да ја веднеме главата и да ја веднеме кичмата. Да ги поразиме луѓето кои што направија црна економија. Да ги поразиме луѓето кои што во здравството не донесоа ниту една реформа, туку го распродадоа она кое што им го оставивме. Сите црни политики да ги поразиме. Ние сме таа генерација која што мора тоа да го направи. Затоа што друг избор немаме. Мора да сме овде на плоштадите, на улиците, во штабовите, насекаде и да се бориме за нашата слобода. За да може зората да дојде. За да може ново утро на слободата да изгрее за секој од нас. Овде, но и оние сите кои што се со нас, но се во домовите. Затоа што ние не сме безимени, затоа што не биле безимени ниту нашите татковци и мајки, ниту нашите дедовци и баби. Затоа што сме луѓе кои што имаат име и чест. Имаме достоинството и почит кон нашите традиции кои што ни ги оставиле нашите предци. Затоа што мораме да го кренеме нашиот глас поради осиромашувањето, поради неправдите, поради политичкиот прогон. Поради сите оние земјоделци кои што ги оставија своите родови необрани на нивите.         

Против понижувањата со Уставот, против сите оние навреди кои што ги доби нашата нација. Ветуваа загарантиран, откуп. Луѓето во ресенско ги фрлаа јаболките на буниште. Луѓето во Струмичко ги фрлаа нивните родови на буниште исто така, зелките, сливите во пијанечко и малешевијата завршија исто така на буниште. Оризопроизводителите исто така во Кочани и кочанско. Праските во Росоман останаа необрани, маката на земјоделецот остана необрана. Но затоа оној млад министер не можете да го видите симнат од авионите како ги посетува европските метрополи.         

Почитувани сопатници, наши сограѓани, знајте ние сме вашите пријатели, а сите овие порази, сите овие црнила се наш заеднички непријател. И како што ќе каже една драма ,,како сите овие црнила на светот да се наменети само за нас Македонците’’, такво е чувството во овој момент. Но ден по ден се повеќе имаме поддржувачи, ден по ден се повеќе луѓе ни се придружуваат и доаѓаат рамо до рамо со нас. Почна ажурирањето, почнаа луѓе кои што за прв пат зачекоруваат да доаѓаат, многу граѓани се мотивираа да ни дадат поддршка. Нашата бројка од ден на ден е се поголема. Ќе ве уверат сите бројки, ќе ве уверат сите луѓе кои што периодов ќе застанат со нас дека вака не оди и дека се тука да ни дадат поддршка. Да ги примиме сите без разлика на нивната етничка припадност и без разлика на тоа дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци. Имаме заедничка кауза, а тоа е како да го поразиме Зоран Заев и СДСМ, тоа е нашата заедничка цел. И заедно рамо до рамо допрени едни со други ќе протестираме против економските црнила, против сиромаштијата, против зголемените даноци  и беспарицата кои му тежат на секој еден граѓанин и ќе нема никогаш да престанам да ги повторувам. Ќе протестираме и против политичките и национални црнила, против неправдата и несигурноста, против црното политички мочуриште во кое што тињеат овие политичари внатре во оваа зграда, против прогонот кој што станува закон, а законот мета за поткусурување, против промената на Уставот, името, идентитетот. Ќе протестираме против општествените црнила, против загрозеното здравје, против загушувањето на секој еден граѓанин на секој еден сограѓанин. Против сето она кое што нас не тишти. Против сите оние неправди, ќе протестираме и нема да се прибереме дома секој ден по улиците по градовите, секој на свој начин. И на крај верувајте ќе падне, не може да се одржи готов е и ќе му дојде крајот, верувајте.      

Почитувани сограѓани ве повикувам да ни се приклучите. Старо и младо, машко и женско од сите нации од сите вери, приклучете ни се на овој наш пат. Не можам да ветам чуда, не можам да ветам брзи победи. Но можам да ветам принципи, чесност и искреност и ќе повторам ќе работиме сега три пати повеќе за да се докажеме пред секој еден од вас, а кога ќе ги поразиме, кога ќе ја креваме нашата татковина од пепел ќе работиме сите заедно овде што сте, но и оние што не се овде, пет пати повеќе за да можеме да ја дигнеме нашата татковина  и да ја поставиме онаму каде што припаѓа.  Затоа ве повикувам сите придружете ни се.         

Борбата ќе биде тешка. Борбата ќе биде нерамна, но она што нас не прави поразлични од овие луѓе внатре е тоа што ние сме мотивирани, мотивирани сме да ги победиме и ќе ги победиме и сите неправди повторно ќе ги вратиме назад и ќе ги исправиме. Тоа е нашиот мотив кој што нас не мотивира за да победиме. Зората ќе дојде, а ние сме искрата која што ќе ја донесе таа зора. Зората ќе го разбие мракот, зората ќе ги победи сите црнила, зората ќе донесе успех, зората ќе изгрее за секој еден од нас, секој еден од вас кој што е овде. Зората ќе донесе ново утро, нова надеж, нови добрини и подобри времиња за сите граѓани во Република Македонија.       

Да сте ми живи и здрави, да е жива и здрава Република Македонија.         

Да е живо и здраво и ВМРО-ДПМНЕ.         

Победуваме, јас ви го ветувам тоа и овде ќе ја славиме таа победа.

5 декември, 2018 - 20:02