Мицкоски:

Ни донесоа црнила и темнина, но ќе дојде денот кога ќе се срамат и ќе одговараат пред судот на народот

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добар ден Македонијо!

Добар ден Кочани!

Добар ден горда, пркосна, стаменита убавино Македонијо!

Размислував како да го почнам денешниот говор овде во Кочани, пред вас. Најпрвин сакам на сите вас храбрите, да ви се заблагодарам што ова попладне одвоивте еден час од вашето драгоцено време во ова неделно попладне, да ни се придружите овде на платото во Кочани. Да ви се заблагодарам и да ви посакам се најубаво во овие декемвриски слави кои што ни престојат.

Но исто сакам и да им заблагодарам и на оние кои што се денеска во домовите, и кои што од оправдани причини денеска не се овде долу со нас. Да им се заблагодарам и сите оние кои што од балконите додека марширавме не поздравуваа и ни даваа поддршка бидејќи ние имаме работа со режим, со хунта која што ги спречи и денеска слободно демократски да застанат овде доле со нас.

Знам дека сакаа да бидат денеска ова попладне овде долу со нас, но исто така знам, слушав многу сведоштва за закани, за уцени од животот кој што дојде во Република Македонија, а пекол ни го направија секојдневието.

Денеска дојде време полошо од времето на комунистичка Југославија. Ако го спомнеш името Македонија ќе те прогласат за антиевропеец, ќе те прогласат за неконструктивец, ќе те прогласат дека си изоционалиста. А, не бре браќа и сестри, ни сме горди Македонци кои што имаат право, имаат право да се самоименуваат како Македонци, а државата за која што се бореле нивните предци да си ја наречат Република Македонија. И никој тоа право не може да ни го земе. И никој не може тоа да ни го оспори. Ниту во Османлиско не било така, како што е денеска. Веднаш сега ќе се јават оние армадили платени со вашите жортници за да ме критикуваат, еве го овој повторно го опструираат процесот. Да ќе го опструирам и ќе се борам се додека можам затоа што ме боли и ме пече, затоа што тоа ми е дедовина, тоа ми е татковина и нема никогаш да престанам да се борам додека дишам за моите права и за мојата Македонија. И не се срамам.

И не се срамам затоа што сум Македонец. Затоа што моите два сина се Македонци. И затоа што моите неродени внуци ќе бидат Македонци. И тоа треба на целиот свет да му е јасно. Па макар и било крај на мојата политичка кариера. Нека бидеме сите горди Македонци. Ако е тоа ерес заедно подобро да не нема, еден за сите, сите за еден Македонци мои.

Ако кренете глава што ќе видите? Црнила и темнина. Црнила и темнина, горди мои Македонци. Како Чашуле што велеше - „Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век“.

Тоа го кажа и Рацин во неговите зборови, во неговите стихови. Но она што беа стихови, она што беше наша историја денеска оваа ненародна и криминална Влада на СДСМ предводена од аболираниот политичар ни го претворија во реалност. Реалност во која што ние живееме, и ако се бориме, ако маршираме по улиците, ако протестираме не апсат. Ако пишуваме на социјалните мрежи ни влетуваат во домовите во претрес, не бламираат пред нашите родени деца. Но тоа нема да им го заборавиме. И јас ви ветувам ќе дојде денот, ќе дојде денот кога за сето тоа ќе срамат и ќе одговараат пред судот на народот.

Минатиот пат, минатата среда ја користеа Владата за да снимаат. Шпиунски, само онака како они што знаат. Ги малтретираат чесните наши браќа и сестри, и синови од МВР. Наредува Заев, извршува Спасовски. Против народот, против народот никој не успеал да победи. Тоа сакам само да ви го порачам. Снимајте, апсете, претресувајте но и последниот од нас да остане ова нема да ви го заборави ви ветувам. Се ќе ви вратиме до едно.

Ме прашуваат студентите – „Професоре надвор од инженерството зошто црнила“? Па зарем има ли нешто белило што и се случува на Македонија и на граѓаните во Република Македонија? Саде темнина е околу нас, и црнила. Е, затоа црнила викам драги мои студенти. Затоа што само црнила нас ни се случуваат.

Зарем не е црна маката на земјоделците, на оризопроизводителите од Кочани и Кочанско, родот да им остане ненабран, непродаден? Зарем тоа се ветувањата сетете се во декември 2016-тата и есента 2017-тата?

Загарантиран откуп, пласман за вашите производи, истата судбина ја има и овие што произведуваа сливи, и оние што произведоа јаболка, и оние што произведоа пченица и сите оние кои што се бават со земјоделство денеска. Од ветувањата, од загарантираниот откуп ни останаа само снимките од лажгите на оној малечок министер кој што од авион не се симнал, и кој што основна задача му е да ги брка од работа луѓето кои што ќе кажат некој збор против неговиот ментор Зоран Заев. Наместо да се симне во нивите, наместо да дојде меѓу вас земјоделците да не излезе од калливите чизми и да најде начин како да му помогне на Македонецот, на човекот кој што се мачи да скрпи крај со крај на чесен и едноставен начин. Тоа треба да прави наместо да му се додворува на неговиот шеф и наместо да ги исполнува неговите наредби.

Зарем не е црна судбината на младите луѓе? На оние луѓе кои што кога ќе ја завршат дипломската работа со тага во очите ми велат – „Професоре, јас за еден месец заминувам“. Каде ќе прашам? – „Заминувам, овде не се седи. Нема пристојни услови за живот, не можам работа да најдам. А, ми ветуваа младинска гаранција. Ми ветуваа дека живот ќе дојде. Ќе тргнело конечно парите ќе ги врателе кај граѓаните“. Не само што не ги вратија туку паричниците на фамилијата станаа се подебели и потешки, не можат ни сако веќе да облечат, па мора некој со куфери да им ги разнесува онаму каде што одат.

А, шанса за младите, нема шанса за младите. Зарем не е тоа црнила за младите почитувани мои браќа и сестри?

Зарем не е црн животот на пензионерите? Ветуваа поголеми пензии, ветуваа подобри услови, ветуваа дека сега ќе им тргнело и дека во најубавите години, на најубавите години ќе уживале. Ќе им биле поубави тие години од претходните. Не само што не ги зголемија пензиите туку истите ги намалија и тоа малку што им го даваат и тоа им го одземаа. Зарем тоа не е црнило браќа и сестри?

Зарем не е црн животот на професорите, на универзитетите, во средните училишта, во основните училишта? Каде што се потценува и деградира нивната работа. А, треба да образуваат луѓе, треба да бидат авангардата во нашата татковина. Зимаат плата која што е под просекот. Немотивирани, демотивирани целосно. Не можат од први до први да скрпат. Зарем не е црн нивниот живот?

Зарем не е црн живот на македонските доктори? Каде се оние 100.000 денари плата за македонските доктори. 100.000 денари плата, шеташе Заев по плоштадите и ветуваше брда и долини. Ветуваше мед и млеко. Каде се тие 100.000 денари просечна плата за докторите? Наспроти тоа добивме масовно иселување на докторите. Масовно иселување од Република Македонија. Заминуваат трајно или времено надвор од границите на Република Македонија. Зарем не е црно здравството во кое што ветуваа огромни инвестиции? Ќе вложеле милиони, ќе вложеле милијарди. А, што направија? Еден сограѓанин мој Скопјанец, вчера го загуби животот почина затоа што не му следувале лекови да ја надмине тешката болест од која што боледувал. И денеска ќе го слушнеме оној несреќен министер, наместо да каже поднесувам неотповиклива оставка, он излегува и кажува – „Јас му обезбедив лекови, ама пустиот човек немал среќа да дојде да ги подигне истите, па мораше да почине“. Зарем тоа е ли она што го ветувавте во здравството? Срам да ви е од прв до последен. Барем еднашка некој од вас да се одважеше и да поднесеше одговорност пред народот кој што го лажеше пред две години. А, претходно го малтретираше по улиците и по плоштадите, ветувајќи дека само да паднел режимот веднаш ќе ни тргнело, веднаш се ќе било подобро.

Зарем не е црно во бизнисот? Сведочења имам на дневна основа. Луѓе доаѓаат, плачат, се жалат, солзи ронат од рекет на овие луѓе кои што им го прават на дневна основа. Ќе речат БДП, па видете како паѓа економијата на домашните фирми. Расте само онаму каде што имаме странски инвеститори. Странски инвеститори кои што толку храбро ги напаѓавте, ги клеветевте и ветувавте дека ќе ги избркате од Македонија. А, сега бесрамно го праќате она младо момче да се фали дека само што не ни тргнало. Растел БДП, растела невработеноста, растела просечната плата во државата. Како не ви е срам? Повторно се враќате години наназад и повторно некој друг вие крив. Барем еднашка да се одважите и да побарате одговорност пред граѓаните. Но казната ќе дојде, казната ќе дојде на претседателските избори.

Казната ќе дојде на претседателските избори. Така жестоко ќе ве поразиме што нема да знаете што ве снашло. А, на следните предвремени или редовни парламентарни избори  одлучете вие, како вие ќе одлучите така ние ќе ве поразиме. Народот ќе ве порази. И ќе заминете на темната страна на историјата и конечно ќе раскрстиме со транзиционите остатоци во нашата мила Република Македонија.

Ветуваа поврат на ДДВ, ветуваа 13-та плата. Две години се влада, две години ги трошат парите на граѓаните. Не само што нема 13-та плата туку и оваа 12-тата не е редовна. И не стига од први до први. А, со новите зголемени даноци прашање е и од први до 15-ти дали ќе стигне. Тоа ли беше животот господо од СДСМ што го ветувавте?

Тоа ли беше животот што им го ветувавте на вашите сограѓани? Немој да мислите дека ова ќе остане незаборавено, дека ова ќе остане неказнето. Народот памти. Кој тргнал против својот народ лошо завршил. Познаваме диктатури и во минатото. Сетете се на тие примери што им се случуваше. Еден мој пријателски совет доста вие. Престанете да одите спротивно на народот затоа што народот ќе ве казни и после тоа бегање нема. Казната ќе биде жестока. Таков е овој народ, горд, достоинствен, трпи, молчи но кога ќе му прекипи тогаш ќе биде жесток против оние кои што му нанеле болка, кои што го потцениле и кои што го омаловажиле. А, јас ви ветувам дека силата на народот ќе ја почувствувате на првите избори, на претседателски кои што ќе бидат многу скоро.

И откако сето ова црнило ни го донесоа го запечатија со уште едно трајно црнило. А, тоа е промена на уставното име и идентитетот на Република Македонија. Идентитетот и уставното име, и сега ако зборуваме тука, и ако зборувате било каде ќе покажат со прст кон вас. И ако ги искритикувате ќе дадат наредба да ве апсат, да ве испрашуваат. Зошто? Само затоа што сте горди Македонци и си ја сакате државата. Епа апсете, ние пак ќе протестираме, и пак ќе го пееме, и пак ќе го зборуваме името на нашата нација и нашата држава. И сме горди на нашиот идентитет.

Ако сме го направеле ова ќе ни тргнело. Готово. Само што не ни тргнало. Само ова било чекорот. А, што ќе ни тргне? Што ќе ни тргне? Ќе дошла Европа во Македонија, не бре најпрвин треба ние да се промениме. Најпрвин треба да разбереме дека ние треба да се европеизираме за да отидеме во Европа. Не може во Европа со криминални тендери. Не може во Европа со криминални тендери во здравство. Не може во Европа со крвави иновации, таму такви не примаат. Не примаат фамилијарни кланови каде брат на брата парцели дава, милиони да млати овој. Такви примери во Европа нема. Прво треба тоа да го промениме, а потоа да работиме 5 пати повеќе и тогаш ќе отидеме во Европа. Со подвиткана кичма и изгубено достоинство, пљачка и криминал, Европа не не сака. Треба тоа на сите да им е јасно. Па дури и да се промениме скроз не само името, комплетно да се промениме, ако не успееме ова да го поништиме ние во Европа не можеме да отидеме. Треба тоа на сите да јасно и гласно им се каже. Мора да работиме, мора чесно одважно достоинствено да работиме. Мора да сме принципиелни и честити. Само такви во Европа ќе отидеме, горди Македонци од Македонија. А, не понижени и омаловажени од овие лопови и овие криминалци.

112-то место сме на скалата според перцепција на корупцијата. 112-то место, Танзанија и Етиопија се позади нас со сета чест на тие држави. Зарем така во Европа ќе одиме? Секаде во Европа државата се бори против криминалот. Само во Македонија криминалот и криминалците се држава. Мора да ги избркаме од Владата ако сакаме во Европа.

И тогаш, можеме да одиме напред. Најголемиот скандал во поновата историја на Република Македонија снимани биле обвинители. Снимани биле судии. Две години биле снимани нивните разговори. А, ние се чудевме од каде Заев ги знаел пресудите. Па нормално, заедно со Спасовски ги преслушувале снимените материјали. И повторно не бил виновен СДСМ и Спасовски што како министер тоа не го спречил и открил на време. Ова било од ВМРО, од Христијан кога бил советник во Владата. Па како не вие е срам? Барем смислете нешто попаметно, немојте да го потценувате народот. Овој народ е паметен. Овој народ е интелигентен. Не можете континуирано да газите во неговото достоинство и чест. Излезете барем еднашка и пред народот соочете се, и поднесете одговорност. Немојте да се криете позади вашите телохранители, во удобните меки и кожни столици, каде што седите. Не дозволувајте луѓето што ве тапкаат по рамо цел ден и кои што ви викаат дека сте најдобри да ви создадат лажна вистина. Вистината е поразителна. А, таа вистина сурова ќе ја дознаете многу брзо на претседателските избори. Затоа чесно е предвреме да истапите и да речете имам одговорност за сето ова и ќе понесам одговорност пред народот.

Кога сето ова ќе го нема, ќе се појави „Кацарска судството“ и „Рускоска обвинителство“ и тогаш ќе се појави некое нарачано сведочење кое што има две цели. Првата цел е како да му донесе штета на ВМРО-ДПМНЕ. Како ВМРО-ДПМНЕ да го претстави како црн ѓавол, како да го демонизира ВМРО-ДПМНЕ дека правело нешто што не правело, тоа е со единствена цел браќа и сестри, сопатници сакаат да го уништат ВМРО-ДПМНЕ, им пречи ВМРО-ДПНЕ, им пречи овој народ ширум Македонија, им пречи храброста и честитоста на овој народ затоа што знаат се додека постои ВМРО-ДПМНЕ и последниот од нас ќе постои Македонија, затоа што Македонецот на Македонецот е Македонец.

И се додека постои ВМРО-ДПМНЕ постои Дамакловиот мач надвиснат над нивните криминални глави полни со монструозни идеи за криминал, мозок натоварен со грст народни пари, чудни мисли, неморал  за да бидат осудени еден ден, а тој ден јас ви ветувам дека ќе дојде многу брзо. Многу брзо ќе го поразиме и СДСМ и Зоран Заев но, и тие квинслизли што застанаа рамо до рамо со нив. Сите на купче ќе ги поразиме.

Ќе не убедуваат дека овие од 27-ми април биле со маските. Не, бре луѓе тоа се патриоти, загрижени луѓе.

Коишто тоа време осумдесет дена маршираа ширум Македонија, сакаа да си ја одбранат татковината, знае што ги чека ако Зоран Заев ја формира новата влада. Предвреме сведочеа за оваа пљачка, за ова омаловажување, за ова уништување парче по парче на нивната татковина, затоа излегоа на улиците и затоа осумдесет денови маршираа по улиците, по плоштадите ширум Македонија. А сите оние уфрлени удбашки елементи коишто сега ги гледаме како стаорци те ваков, те онаков исказ даваат со цел да му нанесат штета и болка на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија и Македонците треба да се истражат и да одговараат за тоа што го направиле. Сите тие удбашки уфрлени инсталации, а овие чесни луѓе кои осумдесет дена маршираа треба да им се одаде почит и секој да им се поклони затоа што се чесни граѓани.

Денеска почнуваме со списокот на барања што ќе ги доставиме до Владата, народот ќе почне да бара од Владата. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ја користам оваа прилика овдека да ги поздравам од партијата на Турците, партијата на Бошњаците, од партијата на Ромите, Србите, Власите од другите македонски партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“:

  • Итна и неотповиклива оставка на министерот којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот кој благодарение на ова нација која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија со стипендиите кој овој народ ги обезбедил.
  • Итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон т.е. полиција, Оливер Спасовски затоа што откако е министер само порази шпиунски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија.
  • Веднаш да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците во Република Македонија и да престане осиромашувањето на бизнисот и на граѓаните на Република Македонија
  • Не само декларативно за почист воздух. Ги лажевте граѓаните испентарени на падините на преубавото Водно и велевте само да падне режимот и ќе започне да дува алпски воздух. Овде во Кочани им велевте на луѓето најзагаден град сте, многу скара вртите па затоа ви е загаден градот. Како не им е срам, па друг градоначалник наместо пред Климент Охридски  оди пред Ченто да положува венци. Па денеска ќе каже немало споменик од Климент па затоа отишол на Ченто. Па што не отиде на друг споменик, зошто баш на Ченто. Затоа веднаш продолжување на проектот за гасификација на Македонија од централно до општинско ниво, за вистински почист воздух  за сите граѓани во Република Македонија.
  • Веднаш да се формира независно тело  коешто ќе го предводи човек на предлог  на опозицијата, коешто ќе ги преслуша, анализира, систематизира  сите материјали коишто се собрани  изминативе две години како резултат на црнит вотергеј на Заев, односно прислушкувањето на сите судии и обвинители. Да ги видиме нарачаните пресуди  за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за „Глобал“ , да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27ми Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ и шесто почитувања на јасно изразената волја на народот на референдум. Ова се првите шест барања. Продолжуваме и понатаму со нови барања.

Браќа и сестри  најтемно е пред зората. Никогаш тоа не смееме да го заборавиме. Но, после зората мораме да веруваме доаѓа денот. Доаѓа денот којшто ќе донесе светлина  над оваа темнина којашто е резултат на овие црнила. А тоа ќе го види овој народ, македонскиот граѓанин на следните избори.

Ова не е битка за ден  или за два, ова битка ќе биде подолга затоа што не е рамномерна. Но, ние сме тие којшто сме мотивирани  и ќе го совладаме секој предизвик којшто ќе ни се испречи на патот. Ќе го совладаме секој оној којшто и нанесол зло на нашата нација и нашата татковина и на сите граѓани во Република Македонија. Затоа ја користам оваа прилика овде од Кочани, да побарам и да се обратам до секој граѓанин во Република Македонија да ни се придружи, да застане рамо до рамо со нас во овој наш пад за подобро утре, за нов ден, за светилката којашто ќе ја победи темнината на овие црнила на плоштадите, по улиците, во институциите. Секаде секој на свој начин да застане рамо до рамо со ВМРО-ДПМНЕ, со Коалицијата за подбра Македонија, со македонскиот народ да го победиме ова зло, оваа ненародна и криминална влада на СДСМ предводена од аболиран политичар чиешто име е Зоран Заев. Сите оние честити луѓе, добронамерници коишто му мислат добро на секој еден граѓанин во Република Македонија се добредојдени, рацете се широко отворени. Дојдете, придружете ни се. Ве молам затоа што Македонија е во прашање, а јас ви ветувам дека на крај ќе победиме. А кога ќе ја направиме новата Влада ќе работиме вистински за граѓаните.

Знам дека и понекогаш вербата кој секој еден граѓанин е изгубена. Продифилирале многу политичари. Многу луѓе кажале се и сешто. Некогаш не го исполниле тоа што го ветиле. Но, јас ви ветувам дек ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ги отвора вратите за секој еден од вас и секој еден од вас е добредојден во оваа честита коалиција која нема да ветува брда и долина, но ќе вети дека секој граѓанин достоинствено ќе биде третиран. Искрен и честит пристап на секој еден службеник до секој еден граѓанин. Ќе ветиме се што можеме да исполниме, методолошки да докажеме и емпириски да потврдиме. Ништо повеќе, ништо помалку.

Браќа и сестри, сопатници зората ќе дојде. Ние сме искрата која ќе донесе еден македонски великан којшто денеска го испративме во неговиот вечен дом ќе каже: Горев, блескав само затоа што тогаш горев. Така и ние ќе ја донесеме светлината којашто ќе ја порази темнината. Зората ќе го разбие мракот. Зората ќе ги победи црнилата. Зората ќе донесе успех. Зората ќе изгрее за секој еден од вас. За секој еден граѓанин на Република Македонија. Зората која ќе донесе ново утро, нов ден, нова надеж за секој еден граѓанин. Да сте ми живи и здрави.

Ви благодарам од срце. Ве поканувам во среда во Скопје пред платото на ВМРО-ДПМНЕ до Владата на Република Македонија.

Да ни е жива и здрава Република Македонија!

Да сте ми живи и здрави сите!

Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“!

9 декември, 2018 - 18:25