Македонија е вечна, а власта не е! Народот ќе ви врати на следните претседателски избори

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добар ден,

Добар ден добри луѓе,

Добра ден горда достоинствена и пркосна Македонија,

Добар ден од градот јунак, добар ден од Велес и ви благодарам што денес, недела одвоивте од вашето време да ни се придружите овде, да бидете дел од нас за да изразиме нашиот револт и негодување кон сите овие ненардони и криминални политики предводени од оваа криминогена владата на СДСМ.

Добредојдовте од градот на Рацин, Жинзифов, на Брашнаров, на Поп Јорданов.

Добар ден од градот на Гемиџиите и добродојдевте овдека уште еднаш со нас.

Кога ве гледам вака, горди, пркосни и исправени пред сите овие неправди кои што оваа ненародна влада, криминална влада предводена од аболиран политичар ги води во Република Македонија, не ми преостанува ништо друго освен да ја пренесам пораката која што изминатиот декември, овој студен декември, громогласно се пренесува низ улиците и плоштадите ширум Република Македонија, а тоа е МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА, А ВЛАСТА НЕ Е!

Да им порачаме МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА, А ВЛАСТА НЕ Е!

Повеќе од 19 месеци се централна влада во Република Македонија и повеќе од една година се локално раководство во најголемиот дел од градовите на нашата татковина. Што ни се случи изминативе скоро 19 месеци централна власт и повеќе од 1 година локална власт? Црнила и темнина.

Многу луѓе ме прашуваат зошто зборуваш за економијата. Ќе зборувам за економијата се додека не им падне срам и додека не им биде жал за сите лаги кои ги изнакажаа ширум Македонија за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година и локалните избори во 2017. За сите ветувања кои што не ги исполнија и за сите очекувања кои што не ги реализираа, се дотогаш ќе зборувам за економијата. Затоа што ако имаме силна економија ќе немаме ваква недостоинствена и криминална влада и ќе немаме ваков премиер аболиран кои што сите ние го гледавме и слушавме како бараше евро за него, евро за црквата.

Велеа, живот ќе донесат, темнина и црнила донесоа, порази на секој чекор и затоа овде од Велес каде што мене ми претставува особена гордост и чест да се обратам од овој град-херој, ќе им порачам колку побрзо замините, толку побрзо ќе и се раздени на Македонија а тоа ќе го видите веќе на следните претседателски избори.

Овој народ нема кратко помнење, овој народ се што го излажавте, ќе ви врати на следните претседателски избори, а на нас, на нас ни е неопходна победа и ве повикувам сите вас да застанете до предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, за да може да победи и да може да си ја одбраниме Македонија и тоа што остана од нејзе, а другото што го загубивме да си го вратиме. Затоа ве молам и барам поддршка од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Подобра Македонија.

Ќе се вратам на економијата, затоа што економски силна држава е достоинствена држава и нема да биде подложна на сите овие неправди, омаловажувања и национални понижувања што ни се случуваат од оваа хунта на власт предводена од аболиран политичар.

Ветуваа 5 проценти раст на БДП, кога целиот регион книжи двојно поголеми стапки на раст од нашиот, они се горди и велат еве со нашата пиши-бриши економија успеавме да покачиме во еден квартал 3 проценти. Зарем тука завршија сите ветувања од 5 проценти. Но, она што е полошо допрва доаѓа, а тоа ќе се случи во 2019 година и не го зборувам ова за да поткревам паника меѓу граѓаните, туку да предупредам на сите црнила и темнини кои што допрва ни доаѓаат. Не за бадијала ги зголемуваат даноците, затоа што се свесни дека не можат да ја зголемат економијата со проекти, визија и структурни реформи. Наједноставниот начин им е да брцнат во џебовите на граѓаните и да го наполнат помпезниот буџет за да можат да си делат тендери во четири очи, за да можат да крадат и пљачкаат. Заради тоа кажувам дека 2019 година која по трет пат од устата на овие политичари слушаме дека ќе била економска година, не само што нема да биде економска година, туку ќе биде година на економска стагнација и пљачка на граѓаните, од трудот кои што и она тешко им е платен.

Секогаш кога зборувам емоции доаѓаат и тие емоции се големи и сакам да ги споделам со вас.

Сопатници, браќа и сестри, овие даноци кои што планираат да ги зголемат не се затоа што ќе земеле од богатите и ќе даделе на сиромашните. Не е тоа целта на овие даноци. Целта е да ги осиромашат и земјоделците да ги осиромашат и оние граѓани кои издаваат определени недвижнини, оние граѓани кои што играат игри на среќа и се обложуваат, оние граѓани кои што работат како договорци на дело, затоа што персоналниот данок го зголемија и затоа што удираат директно по џебот на граѓаните и ќе ги осиромашат.

Повторно ќе кажам, не е намерата само на оние најбогатите, тие и така ќе најдат начин како да се справат од ова даночно зголемување. Ударот е врз најсиромашните категории, врз земјоделците, врз обичните граѓани, врз нив ќе биде ударот во следната 2019 година.

Потоа, ќе ви кажат дека го поскапеле само најевтиниот леб, излезе еден голем, висок функционер во владата на Зоран Заев и ќе каже го поскапевме само најевтиниот леб. Па како леб јадеме? Зарем има скап кој што е само за вас привилегираните и има најевтин кој што е за нас обичните луѓе? Зарем тоа го заслужија овие луѓе што ви дадоа доверба? Не го заслужија и затоа сме се побројни и затоа се повеќе не има во овој студен декември и ќе не има и до крај на декември и во јануари и во февруари, се додека не ве поразиме на следните претседателски избори.

А потоа доаѓаат и предвремените и на предвремените ќе ве поразиме.

Сакам да зборувам и за здравството. Зборуваа 100.000 денари за докторите, а едвај им ги зголемија платите за 500-600 тини денари месечно линеарно, па сега веднаш поитаа и тие скромни 500-600 денари да им ги земат, им го покачија паркингот на докторите во Скопје и веднаш наместо 500, 600 денари зголемување оп 850 покачување. Ќе штрајкуваат и протестираат и зошто ќе штрајкуваат и протестираат? Затоа што се излажани, измамени од страна на овој аболиран политичар. Е затоа и ние ќе им се придружиме и ќе ги поддржиме во нивната намера.

Велеа здравство за секого, пациенти секогаш ќе бидат на прво место, така велеа дека пациентите секогаш ќе биде на прво место. А што ни се случува денеска? Скоро 19 месеци шајка не заковаа во здравствените домови ширум Македонија. Шајка не заковаа, не можат да го искреча и тоа што некој г изградил, а луѓето умираат пред да добијат здравствена нега пред портата на болниците. Зошто? Затоа што не се привилегирани како овие од оваа влада, затоа што не можат да си го дозволат лекот па ќе излезе оној министер за здравство и ќе каже јас го обезбедив лекот за мојот сограѓанин, но не стигна да го прими и затоа го загуби својот живот. Затоа е црнина и темнина и затоа ние ќе протестираме и затоа ќе не има се повеќе и повеќе додека не ве видиме како заминувате од Владата на Република Македонија која што сте ја узурпирале.

Ми сугерираат тука близу мене да спомнам и за акцизата, 3 денари акциза. Најпрвин ќе излезат на една спектакуларна прес конференција и ќе кажат ја избришавме радиодифузната такса, еве нема да плаќаат веќе нашите сограѓни. Но, затоа недела дена потоа, веднаш најдоа начин  како три пати повеќе да земат и како го направија тоа? Воведоа акциза од 3 денари со еден изговор, ако ја воведеле акцизата немало да имаат повеќе средства во буџетот, луѓето помалку ќе возеле возила и така ќе бил воздухот во нашите градови почист. Не само што воздухот не е чист туку позагдани нашите градови ширум Република Македонија не биле, ама и потенки нашите паричници не биле, бидејќи плаќаме рекордно најскапо гориво во регионот. Токму поради тие нивни политики и токму поради таа акција која што ја воведоа.

Удрија и на земјоделците. Ги лажеа, викаа и урлаа ширум Македонија, кога ќе дошле они само да си отишол режимот, ќе дошле они и ќе има загарантиран откуп на земјоделските производите и загарантиран пласман. Не само што тоа не се случи туку гледаме како на буниште се истура родот на земјоделците кој што со мака е направен. Гледаме каде завршуваат и јаболките и сливите и пченицата, и бостанот и зелките, на буниште. Е токму поради оваа лага и токму поради оваа манипулација граѓаните и земјоделците ќе ви го покажат вистинското место кога ќе дојдат следните избори, а тоа е на темната страна на историјата и право на буниште, од првиот Зоран Заев до последниот, а тоа е министерот за земјоделие. И кога ќе бидат немоќни во спроведувањето на тоа што го ветиле и кога некој од страна ќе ги искритикува, тогаш следен чекор е кој ајде да го бркаме човекот кој што ги критикува од работа. Сакам една масовна поддршка од овде од овој протест да упатиме сите заеднички до членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски, кој од пред некој ден заработи отказ зошто, затоа што надвор од работно време ги критикувал политиките на оној министер Николовски кој што има единствена цел во животот, а тоа е како да му се допадне на неговиот ментор, аболираниот политичар Зоран Заев. Затоа еден огромен аплауз за Цветан во знак на поддршка.

Ние нема да престанеме. Ова нема да не замолкне, напротив повеќе ќе  не мотивира да зборуваме за сите овие  неправди кои ни се случуваат за нашето вековно и уставно име, за името на нашата нација за името на нашиот јазик и нема да сме антизападни, напротив ќе сме најголемите македонски прозападни. Ние сме антизападни онолку колку што е Зоран Заев чесен политичар. Ете толку сме ние антизападни. Затоа нема да престанеме да зборуваме и на плоштадите и по улиците и секаде каде што ќе не има и со гордост повторно ќе го изговараме  нашето име на овие протести.

Велеа кога шетаа по улиците кога лажеа и манипулираа немало правда немало мир. А што прават денеска. Денеска тргуваат и со правото и со правдината само за една цел да го исполнат она кое го зацртале, а тоа е како да ја дораспарчат Македонија, како да ја обезличат како да го доопустошат и она малку што преостанало. Зарем тоа е таа правда и правдина која што ја барате. Зарем правдата е Зоран Заев да гледаме и слушаме како бара мито да биде ослободен а недолжни патриоти да се држат во затвор и по зандани затоа што имале единствена цел а тоа било како да си ја заштитат и одбранат државата. Зарем тоа е правда и правдина. Па сега ќе излагаат и ќе го злоупотребуваат зборот помирување. Какво е тоа помирување кога на дневна основа вршите притисок врз граѓаните на Република Македонија и врз ВМРО-ДПМНЕ. Какво е тоа помирување кога имаме политички прогон на секој чекор. Еве денеска дознав овдека во Велес, еден куп наши сограѓани Велешани биле повикани на информативен разговор во полициска станица. За какво помирување зборуваме

Па вие не само што не сте демократи. Вие не враќате во времето на едноумието, кога луѓето не смеат да кажат нешто што вам и на вашиот афрички монарх аболицираниот политичар Зоран Заев нема да му се допадне и на неговите поданици ширум Македонија и тогаш луѓето ги собирате на информативен разговор. Па Ранковиќ вака не правел во 40-тите години на минатиот век. Зарем таа Европска Македонија или добивме наместо Европска Македонија на ветување Афрички монарх кој што ќе г поразиме на следните избори и ќе го казниме за сето ова што и го прави на Македонија.

Сакам неколку збора и за оние кои што застанаа рамо до рамо со вас и кои скокаа по медиумите блиски до власта и дехидрираа со плукање по мене и врз ВМРО-ДПМНЕ. Да им порачам на нив и на вас од СДСМ нека ви е аирлија новата коалиција со тие луѓе. Нема да се нафајдите и нема да се изнарадувате многу. Ќе видите што ќе ви се случи на вас. Знам дека седат некаде во некоја канцеларија и подготвувате сценарија и закони со кои што дополнително ќе г нарушат достоинството на тие маченици. Но нема да им помине. Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие задно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен.

Поразени и презирани од родот свој од својот народ за тоа што и го направивте и на ВМРО-ДПМНЕ но и на Македонија што најмногу боли.

Драги браќа и сестри сопатници,  

Ќе зборувам и за уште една работа овдека во Велес. Пред неколку дена од пред платото на владата на Република Македонија го повикав Зоран Заев, го повикав на дуел. Го повикав јас и тој, како претседател на владата и претседател на најголемата политичка партија во Република Македонија и најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, да застанеме еден спроти друг, да се погледаме очи во очи и да си кажеме за сето она што не можеме да си кажеме ширум плоштадите. Да ни треба малку повеќе време па народот нека суди и нека пресудува кој бил во право. Да збориме откако претходно ќе го избрифираат овие кои што застанаа рамо до рамо со него за нашите ВМРО-вски работи. Ама ќе збориме и за пљачката, криминалот за националното опустошување, за јазикот за македонската нација за криминалот што го правиш со твојата фамилија. И тоа јас и ти пред народот и граѓаните на Република Македонија па они нека судат и нека пресудуваат дали јас ја зборувам вистината или ти ја зборуваш вистината. Ајде охрабри се излези, избери медиум, избери водител и јас и ти очи во очи да збориме.

Ќе рече да сум ја кажел алтернативата. Да сум го кажел мојот став за договорот, за капитулантскиот договор. Па колку пати треба да го повториме. Што треба да направиме за да ти стане јасно кој е нашиот став. НО еве ја алтернативата од градот на гемиџиите кои што крв пролеале за Македонија. Ова ти го кажувам: алтернативата е кога ти ќе си заминеш тоа е алтернативата. И ќе продолжиме да протестираме ширум плоштадите и улиците и нема да се собереме, знам дека е тешко и знам дека и времето не е во наша полза но  нашиот мотив е голем и нашата љубов кон неа кон татковината и кон ВМРО-ДПМНЕ е огромна и затоа што знам дека од ден на ден се повеќе наши согрѓани ни се придружуват. Застануваат рамо до рамо со нас. Знам дека и ним им е тешко и знам дека сите кои што сакаат денес да бидат овде со нас не се затоа што под притисок на претпосавените ако не дај боже ги видат на овие протести ќе бидат избркани од работа или казнети. Знам и ве разбирам. Тоа ни го правеа во средата пред влада. Монтираа камера за да можат шпионски да не снимаат, да не анализираат, да не заокружуваат а потоа морално да не убиваат. Но нема да им помине се лажат. Ќе го издржиме ние ова. Ова е ВМРО-ДПМНЕ, ова е македонски пиреј и непокор. Ова е Македонија каде што македонецот на македонецот е македонец.

Да им се заблагодарам на оние политички партии кои се дел од најголемата и најмоќната политичка коалиција за подобра Македонија, да им се заблагодарам на албанците на турците на власите на србите на бошњаците и на сите останати кои се со нас рамо до рамо во штабовите на улиците по булеварите по плоштадите што ни даваат поддршка конечно да го растераме ова црнило и оваа темнина.

Ви благодарам од дно на душа на сите вам што сте со нас.

А ние нема да си одиме. Нема да си одиме затоа што прво бараме Оливер Спасовски веднаш, нека го посоветува тој кој што застана рамо до рамо со него, знае тој кој е веднаш ќе се препознае веднаш да замине, нека не ја повторува неговата грешка веднаш да замине ради сите нерасчистени убиства ради сиот криминал, ради црниот Вотергејт и затоа мора веднаш да замине и да поднесе неотповклива оставка.

Како второ неотповиклива оставка од министерот за надворешни работи поради тоа што човекот се срами од сопствената според него искомплексирана нација. А зошто затоа што си ја сака татковината затоа мора да си замине. Затоа што ги навреди чувствата и сентиментот на сопствената нација. Мора веднаш и под итно да си замине.

Трето да престане економското опустошување на Македонија. Веднаш да биде повлечен предлогот за зголемување на даноците во Република Македонија. Веднаш безусловно да биде повлечен и да престане економското опустошување.

Четврто да се почитува волјата на граѓаните јасно искажана на 30-ти септември за време на референдумот

Петто да се формира комисија која што ќе ги истражи анализира и преслуша сите разговори снимени од аферата црниот Вотергејт на Зоран Заев и Оливер Спасовски кога повеќе од 2 години биле слушани обвинители судии да не им избегаат од нарачаните судски пресуди и судски одлуки. Да не им избегаат од нарачаните и конструирани обвиненија. Затоа ги слушале 2 години. Се додека не се формира таа комисија нема да престанеме да протестираме.

Шесто вистинска грижа за здравјето на граѓаните. Веднаш и безусловно продолжување на проектот за гасификација. Не да кратите пари од гасификацијата и да ги пренаменувате во општини каде што вашите градоначалници и градоначалницте од коалиционите партнери ги опљачкале и ги опустошиле додека биле градоначалници. Како што е случајот со општина Тетово, како што е случајот со општина Куманово, како што е случајот со општина Струмица. Туку парите за граѓаните и веднаш продолжување на проектот за гасификација.

Сосема за крај. Би сакал неколку стихови од големиот Рацин кој што од денешна перспектива во многу нешта ја опишуваат моменталната ситуација во Република Македонија. Па големиот Рацин ќе напише:

Се к'ти ноќта црна!

Се рути карпа — мрак!

И петли в село пеат

и зората се зори —

над карпа в крв се мие

и темнината пие

силно  светнал ден!

Е така ќе светне денот кога зората ќе го победи теминлото. Кога зората ќе ги победи црнилата. До тогаш нашите емоции ќе одат нагоре до тогаш нашиот мотив ќе расте и нашата бројка ќе биде се поголема

Да сте ми живи и здрави.

Да е жива и здрава Република Македонија

Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ

Ви благодарам велешани и сите оние кои ни се придруживте. 

16 декември, 2018 - 15:27