ВМРО-ДПМНЕ Куманово

Војниците се жртва на неодговорните политики на СДС, тие живеат во субстандардни услови

Повеќе од еден месец војниците во кумановската касарна живеат во субстандардни услови. Стотици војници во кумановската касарна на минусни температури се оставени без греење, обвинува ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

-Недозволиво е однесувањето и негрижата на власта кон војниците, кои еден месец како е почната грејната сезона, спијат на температури под нулата. Војниците се притиснати и во страв од новата власт, не смеат да излезат да кажат во какви ненормални услови се принудени да живеат. Дали неодговорната власт на СДС свесно ги остава војниците кои треба да ја бранат државата и нејзиниот суверентитет и интегритет, да живеат во нечовечки услови, и притоа без трошка морал да живее во раскош, трошејќи илјадници евра на луксузни патувања? Реформата на СДС во одбраната се сведе на купување лешници, бадеми и други апетисани, додека пари за основните потреби на војниците нема. Војската во кумановската касарна живее на минусни температури, а владата мува не ја лази, истакна Никола Перовиќ од ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Тој потсетува дека Владата одвојува 5.2 милиони евра повеќе од лани за ставката патни и дневни расходи, за покривање на луксузните патувања на хунтата на власт, а нема пари за греење на кумановската касарна.

-Расипништвото и неодговорноста на власта е недозволиво. Војниците не смеат да бидат жртва на неодговорните политики на СДС. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта веднаш и без одлагање да го реши проблемот со греење и да обезбеди нормални услови за војниците во кумановската касарна, порача Перовиќ.

27 ноември, 2017 - 15:18