Стаменковска посочи дека како дипломиран правник очекувала од страна на Мираковска да излезе на говорница, да ги даде сите правни аргументи за „добриот потпишан договор“, но не дала. Ја потсети дека како пратеник во ова Собрание на Република Македонија имаат една и единствена обврска да го чуваат интегритетот на Република Македонија, да го спроведуваат Уставот и законите кои што постојат во Република Македонија.

-Барањето од нас да гласаме за неуспешен референдум и за промена на уставното име на Република Македонија е барање од Ваша страна до сите пратеници во Собранието на Република Македонија, сами да си одредат казна, посочи Стаменковска. Колешке Мираковска, како дипломиран правник ќе знаете дека за еден склучен договор без разлика дали станува збор за договор кој што е склучен меѓу две страни во Република Македонија или меѓународен договор треба да се потпишат две страни. Овој договор прв пат во историјата и на Република Македонија но и на меѓународното право е склучен помеѓу две страни од кои што едната страна е незнајна страна. Јас не познавам договор кој што е склучен со незнајна страна, пишува првата договорна страна Грција и втората договорна страна. Колешке Мираковска како дипломиран пратеник треба да знаете дека ваков договор е ништовен договор.  Правото не познава признавање на ништовен договор, ја потсети Стаменковска.