Отчет на Стрезовски: Во програмата за општина Ресен беа зацртани 77 проекти, а реализиравме над 180

Воден од девизата дека развојот на нашата локална заедница претставува фундамент за подобар живот на сите граѓани на Општина Ресен, заедно со локалната администрација максимално се посветивме во решавањето на проблемите и во справувањето со предизвиците со кои се соочуваме сите ние, истакна Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Општина Ресен на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното.

- Во програмата, која граѓаните на Општина Ресен ја изгласаа во 2013 година беа зацртани за реализација 77 проекти, во текот на четирите години исполнети со посветеност и ангажираност, успеавме да реализираме над 180. Работевме со сиот капацитет на подобрување на патната, комуналната, туристичката, спортската инфраструктура, на заштитата на животната средина, на промоцијата на преспанските културни вредности, на поттикнување на современото земјоделство, на развојот на образованието, на обезбедувањето услови за економски напредок, како и на многу други активности насочени кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Ресен, истакна Стрезовски и додаде:

Свесен дека секогаш може и повеќе и подобро, сепак без лажна скромност ќе го повторам она што денес го констатираат огромен број преспанчани – дека во изминатиов 4- годишен период во Преспа се реализирани проекти колку што не се реализирани неколку децении наназад заедно. Во изминативе 4 години во Преспа се инвестирани речиси 40 милиони евра, од кои добар дел за капитални проекти, од кои пак дел имаат историско значење за општината и нејзините граѓани.

Бидејќи туризмот, додаде Стрезовски, останува еден од нашите главни фокуси, со цел негов поинтензивен развој, изградени се две современи и модерно уредени плажи на брегот на Преспанското езеро – во Стење и во Сливница, инвестиција вредна над 77 милиони денари.

- Годинава беше реализиран уште еден грандиозен проект од областа на туризмот – изградбата на двете пешачко-велосипедски патеки ( Претор-Сливница-Крани и во Стење ) во вкупна должина од околу 5,5 километри, и во вредност од околу 53 милиони денари. Проекти кои во буквална смисла доведоа до вистинска ренесанса на преспанскиот туризам.

Од проектите со капитално значење, реализирани во текот на изминатиот 4-годишен период, градоначалникот на Ресен ги издвои и: изградбата на станбена зграда за социјално ранливи категории граѓани, во вредност од над 27 милиони денари; изградбата на монументалниот Спомен-музеј на Татарчеви во вредност од над 16 милиони денари; изградбата на Мониторинг-центарот во Стење со пристаниште, платформа и набавка на Еко-брод, вовредностоднад 50 милиониденари; изградбата на мултифункционалното спортско игралиште во ресенската населба Црквиште, вредно околу 7 милиони денари; изградбата на тенискиот терен во ОУ ,,Гоце Делчев” со вредност од над 5 милиони денари; реставрацијата на Излетничко-спортско-рекреативниот комплекс ,,Починалиште” и изградбата на отворената фитнес-зона, во вредност од околу 6 милиони денари; реконструкцијата на зградата на Општина Ресен со добивање функција на енергетски ефикасен објект, во вредност од околу 6 милиони денари; изградбата на централната постројка за третирање на биоразградлив отпад – Компостара, во вредност од околу 50 милиони денари…

Работа која носи подобро, додаде Стрезовски, беше девизата која ја определуваше нашата посветеност кон делата и проектите во изминативе 4 години.

- И токму заради сето изнесено, заради нашата посветеност, заради чесниот и искрен однос и пристапот кон работата и кон сограѓаните, заради сето она што го создадовме и го реализиравме во текот на изминатиот 4-годишен период, повторно ќе излеземе пред граѓаните на Ресен и Преспа, со високо крената глава и со право повторно ќе ја побараме нивната доверба, додаде Стрезовски.

22 август, 2017 - 14:03