Одговори на новинарски прашања на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Прашање, новинар: Владејачката партија на вашето барање за разрешување на Јавниот Обвинител  го протолкуваат како прикриено барање за амнестија на претходното раководство, како го коментирате ова?

Одговор: Ние точно дефиниравме зошто бараме разрешување на Јавниот Обвинител. Бараме разрешување на Јавниот Обвинител затоа што замижува пред очигледните нерегуларности поврзани со референдумот, пред референдумот, на самиот ден и после денот. Нашето барање за разрешување на Обвинителот е исклучиво поврзано со референдумот.

Прашање новинар: Господине Николоски не сакавте да слушнете за избори, сега некако помек ви  е ставот, дали индиректно признавате дека немате контрола врз сите пратеници?

Одговор: Во однос на тоа дали имаме или немаме контрола, ние не ја сфаќаме така ниту политиката, ниту демократијата. Не сметам дека никој брз никого не треба да има контрола, напротив сметам дека во еден демократски процес треба да се носат одлуки во рамки на партија и во рамки на пратеничка група. Ако имплицирате дали е пратеничката група единствена, ќе ви одговорам дека да, пратеничката група е единствена. Во однос на избори би сакал јасно да посочам, ние целата битка против договорот од Преспа ја водевме за зачувување на уставното име на Република Македонија, не ја водевме за гола власт. Очигледно Заев го потпишал договорот за да остане на власт, а дошол на власт со ветување некаде дека ќе потпише договор кој што ќе значи преименување на  Република Македонија. Ние на тој начин не ги сфаќаме работите и затоа се боревме и се бориме за зачувување на името на Република Македонија и со резултатите од референдумот се изборивме. Во однос на избори порано или подоцна Заев ќе си оди од власт, но тоа не е најбитно. Најбитно е дека името на Република Македонија  после овој референдум е зачувано.

Прашање, новинар: Дали е точно дека ќе разрешите неколку членови од Извршниот Комитет, вечерва и Митко Јанчев не беше тука, зошто?

Одговор: Извршниот Комитет нема ингеренции да разрешува членови на, тоа е работа на Централниот Комитет. Господинот Јанчев е болен, јас имав можност да искомуницирам со него пред состанокот и му посакувам добро здравје.

Прашање, новинар: Како ќе одговорите на притисокот на меѓународниот фактор. Конкретно стигнаа апели од повеќе страни, последно партијата на Меркел, кои што препорачуваат процесот да продолжи во Собрание?

Одговор: Ние ги почитуваме сите пораки од меѓународната заедница. Сметаме дека тие се пријателски пораки, дека се пораки кои и мислат добро на Република Македонија, но овде проблемот не е ни ВМРО-ДПМНЕ ниту меѓународната заедница, е Зоран Заев и Никола Димитров кои што потпишаа договор кој што не можат да го реализираат. Затоа што не одговара на Република Македонија и е против интересите на граѓаните на Република Македонија, таа волја беше искажана на референдум и ние ја почитуваме.

3 октомври, 2018 - 23:31