Димовски:

Ние сме против изградба на бегалски кампови за трајно сместување на мигранти

Нашата поддршка е константна. И во моментот кога бевме владеачко мнозинство и сега кога сме дел од парламентарната опозиција, на оваа политика, на заштита на браниците на Република Македонија од напливите на мигрантската криза и тоа несомнено ќе продолжиме да го правиме без разлика на политичкиот контекст  и политичките односи внатре во Република Македонија. За нас заштитата на границите е врвен приоритет и заштитата на интересот на граѓаните на Република Македонија исто така е врвен приоритет, ова на денешната собраниска седница во врска со одлуката да се продолжи кризната состојба на јужната граница го истакна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски, исто така потенцираше и побара од новата Влада никако да не размислува во нашата држава да дозволи изградба на бегалски кампови за долгорочно и трајно сместување на мигранти.

 

 

-Инсистираме до Владата на Република Македонија да не размислува во насока на градење на бегалски кампови во Република Македонија. Ние тоа сме го разговарале и неформано со дел од министрите во Владата, но би сакал и овде од говорница да упатам дека нашиот став е дека не треба да се размислува за изградба на бегалски кампови кои што би имале цел подолгорочно  сместување на мигранти на територијата на Република Македонија. Секако функционалноста на оние два кои што практично се дневни центри, треба да се на највисоко ниво, но не треба да се размислува за бегалски кампови кои што ќе имаат за цел трајно сместување мигранти во Република Македонија, потенцираше Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, тој истакна дека се согласува со тоа да се запазат основните човекови права на мигрантите, но дека пред се, како што рече Димовски, треба да се запази границата на Република Македонија и интересот на нејзините граѓани.

-Значи сме за запазување на човековите права на мигрантите, сме за запазување на границата на Република Македонија, сме за запазување на интересот на граѓаните на Република Македонија, но мораме да потенцираме дека нашата држава практично е една од најмалите држави во Европа со кондиција и можност таква каква што ја знаеме и треба многу јасно и навреме сите заедно вклучително и Владата да упатиме јасна порака дека ќе помогнеме хумано на секој можен начин, но немаме можност и кондиција да овозможиме да дозволиме изградба на било какви бегалски кампови за долгорочно сместување на мигранти во Република Македонија, заврши Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

29 јуни, 2017 - 14:27