Ѓорчев:

Народот ќе плаќа повеќе затоа што Заев и Тевдовски се неспособни да ги водат државните финансии

СДСМ додека беше во опозиција ги затскри своите вистински намери и на луѓето им го кажуваше тоа што сакаа да го слушнат. На невработените им ветуваше работа, на пензионерите покачување на пензиите, на докторите повисоки плати, се ветуваа, а сега гледаме дека ништо од тоа не се остварува, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев во  емисијата Алфаскоп на Алфа Телевизија

– Ниту еден километар  автопат не е изграден ниту еден медицински инструмент не е набавен, нема ниту едно ново работно место, ниедна нова фабрика, а ВМРО-ДПМНЕ скоро секој месец отвораше или потпишуваше договор за нова фабрика. Како оние луѓе кои се невработени  ќе најдат работа ако со месеци не се отвораат фабрики, истакна Ѓорчев

Тој нагласи дека затоа што не можат да направат економски раст и ја зголемуваат акцизата на дизелот за 3,5 денари, а народот ќе плаќа повеќе затоа што Заев и Тевдовски се неспособни да ги водат државните финансии.

– Таа акциза за секое семејство ќе значи поскапување на сите производи и поголеми трошоци.  Трошоците секојдневно се зголемуваат, никој не се вработува освен активистите на Шарена Револуција. Владата има 120 луѓе кои работат на пропаганда, кои треба да ги убедуваат луѓето дека платите скокнале, а не се, дека пензиите се покачиле, а не се, дека воздухот е почист, а не е, рече Ѓорчев.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека сите можат да видат загадувањето не е намалено.  Додаде дека  власта зголемувањето на акцизата ја правдала  за да има повеќе пари за справување со аерозагадувањето, но иако  буџетот  е најголем во историјата  во делот за екологија никогаш не биле помали средствата.

–  Тоа не е она зошто дојдоа на власт, викаа 500 евра просечна плата, минимална  плата 16 000 денари, нова фабрика во секој град, 500 км автопат. Сега има луѓе кои гласале за СДСМ велат не гласале за ова.  Секој ден ќе расте разочарувањето кај тие што гласале за нив. Албанците ќе бидат поразочарани, ниту има канализација во Арачиново, ниту е решено водоснабдувањето во Тетово, згора на тоа им се намалува безбедноста, потенцираше Ѓорчев.

27 ноември, 2017 - 15:19