-Луѓето кои што ме познаваат и кои имале можност да соработуваат со мене во минатото, знаат за каква личност станува збор. Јас сум универзитетски професор, човек со сопствено достоинство и дигнитет, карактер се разбира и така и ќе продолжам да функционирам во иднина. Знаат дека како човек сум независен во носењето на одлуки, темелен истовремено, но исто така многу прецизен. Ако тие карактерни особини некој мој претходник или соработник во минатото ги имал, се разбира дека е логично ние да имаме идентични ставови и гледања на работите, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори и на прозивките дека бил “мек во ставовите“.

-ВМРО-ДПМНЕ додека сум јас претседател, нема да реагира емотивно. Ќе водам политика која што ќе биде мудра и математички прецизна. Она што е карактерна особина изминативе два месеци и една недела откако сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ е трпелива и мудра политика, политика која што е математички прецизна и политика која што е во интерес на Република Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе се нафатите и кога ќе влезете во еден ваков животен дел, да бидете претседател на најголемата, најмоќната и најорганизираната политичка структура во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, мора да научите три работи и да бидат тие дел од вашето секојдневие. Тоа е да правите компромис, да простувате и да живеете со слабостите на другите луѓе, рече Мицкоски.

Неговата проектирана цел, рече Мицкоски, е тоа како ВМРО-ДПМНЕ да ја составува идната влада на Република Македонија.