Чадиев: Ветивме 117 проекти, реализиравме дури 370 во општина Велес

Во изборната програма во 2013 година ветивме 117 проекти, реализиравме дури 370. За четири години усапеавме да направиме многу проекти на полето на инфраструктурата, економијата, образованието, културата, социјалната заштита, комуналните дејности, спортот, невладиниот сектор, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.

– Во Велес за прв пат по неколку децении се отворија фабрики и индустриски капацитети со кои значително се намали процентот на невработени лица. Целосно ја изградивме индустриската зона „Караслари“. Таму се отвори фабриката „Макракт“ во која работат 450 велешани. Ја уредивме и индустриската зона „Мамутчево“, каде се објавени и првите парцели, а наскоро ќе се отвори и фабриката „Холц“ од Словачка, информира Чадиев.

Потсети дека за четири години општина Велес реализирала над 112 проекти за подобрување на инфраструктурата, сека се реконструирани голем дел од патните правци, како и дека е извршено асфалтирање на 20 улици, бетонирани 47 и поплочени 21 улица или делови од нив.

– Изградени се два нови кружни текови, еден пешачки мост, целосно е реконструиран мостот „Гемиџии“. На повеќе места се изврши поплочување, се изградија потпорни ѕидови и се поставија ракохвати. Изградени се нови 680 паркинг места. Вкупната должина на улиците и патиштата кои се реконтруирани изнесува 115,1 километри квадратни. Изградени се 48 водоводни линии ,12 проекти за поставување на канализациони системи, изјави Чадиев.

Целосно изградени, продолжи тој, се две нови училишта во село Сливник и во село Отовица, додека реновирани се гимназијата „Кочо Рацин“ и ООУ „Св Кирил и Методиј“ во Велес.

– Топловодни системи се поставија во девет училишта, покривот е заменет во село Клуковец и село Чалошево, систем за ладење и нова фасада се постави во ССОУ „Коле Неделковски“, како и на детските градинки „Димче Мирчев“ во Велес. Изградивме парк пред ООУ „Васил Главинов“ и кај офицерскиот дом, а се реконструираа паркот пред гимназијата, паркот на Пријателството, паркот пред „Здравствениот дом“, информира Чадиев.

Потенцира дека на 154 улици во градот и 25 населени места во општината е извршена реконструкција на осветлувањето, како и дека заменети се 2.915 живини светилки.

– Културата и натаму останува еден од темелите на општественото живеење во градот. Секоја година во Велес се одржуваат над 100 настани и манифестации. Ќе ја издвоиме 2015 година кога Велес по втор пат беше „Град на културата“. Во таа година се одржаа 250 културни настани и манифестации, изјави градоначалникот на Велес.

Чадиев потсети дека се формирани градските ракометен, одбојкарски и боксерски клубови.

– Продолживме со поддршката на спортот во градот преку финасирање на клубовите. Финасиски средства добиваат 48 клубови во сениорска и 18 во младинска конкуренција. Реконстуиран е теренот на градскиот стадион, покривот на спортската сала „Гемиџии“ изградени се тениски терени, фитнес вежбални, повеќенаменски спортски игралишта, изјави Чадиев.

Нагласи дека општина Велес во 2015 и во 2017 година е прогласена за најтранспаретна општина во Република Македонија, со поголем степен на транспаретност и од сите Министерства во Владата на Р.М.

22 август, 2017 - 16:06