Нема развој без развојот на рударството

Економскиот раст и развој на Република Македонија е еден од највисоките во Европа во последните неколку години. Тоа го покажуваат статистичките податоци на домашните, но посебно важно и на странските реномирани економски и статистички институции. Овој раст на економијата се должи на комплексен и голем број мерки и реформи преземени од државата и единиците на локалната самоуправа, активната политика на привлекување на странски инвестиции, поддршката на домашните компании, отворање нови работни места, капитални инвестиции и други позитивни трендови кои влијаат на македонската економија. Секако, растот и развојот на макро ниво постепено, а не преку ноќ, ги даваат резултатите и во микроекономијата и животниот стандард на граѓаните. Ефектите не е возможно да се почувствуваат преку ноќ пред с` заради лошата економска и стопанска база наследена од минатите децении од кои како наследство останаа стотици затворени стопански објекти, растурени и ликвидирани фирми, огромен број на невработени, речиси непостојни земјоделски сектор, руинирани патишта и инфраструктура и севкупна државна негрижа за приватниот сектор.

Значителен, но и многу значаен базичен удел во развојот на севкупната македонска економија имаат и индустриските сектори. Секторот рударство и вадење камен учествува со значителен 1,5-процентен поен во севкупниот БДП на државата. Ова можеби и на прв поглед не изгледа како голем удел во домашната економија, но доколку се земе во предвид дека во Македонија постојат повеќе од 150 рудници и во овој сектор има над 13.000 дирекни вработени и повеќе од нив индиректни работни места, а производството на метали резултира со над 260 милиони евра вкупен извоз, ќе ја разбереме важноста на рудаството за македонската економија и нејзиниот раст и развој. Без оваа базична индустрија, тешко е да се замисли понатамошен развој на целокупната индустрија во една држава.

Република Македонија има богата рударска историја, повеќе градови со години наназад се развивале и функционирале единствено и значајно благодарение на рудниците, а голем број граѓани работеле и живееле токму од рудниците. За жал со текот на времето поради неповолните услови за инвестирање, криминалната транзиција и приватизација и економската и должничката криза голем број рудници престанаа со работа и голем број на рудари останаа без работа. Градовите што во минатото важеа за богати индустриски центри во кои пристојно се живееше одеднаш, во деведесеттите години, станаа мрачни и сиромашни споменици што сведочеа за погрешните политики од минатото.

По долг временски период конечно имаме можност да видиме исклучително добри вести за рударството во Република Македонија. По речиси цели 40 години првпат започната е изградба на комплетно нов рудник во Република Македонија. Дополнително започнато е со рестартирање на неколку претходно затворени рудиници, а бројот на издадени концесии за нови локациски истражувања на рударскиот потенцијал насекаде во државата достигнува огромен број.

Изминатата недела компанијата „Сардич МЦ“ во Kазандол во Валандовско, постави камен темелникот на рударскиот комплекс за производство на катоден бакар со што првпат по 40 години во Македонија ќе се гради рудник. Ова инвестиција е вредна 35 милиони евра со која ќе се отворат нови 250 вработувања во овој регион. Покрај отворањето нови работни места, оваа инвестиција ќе обезбеди работа и за домашните градежни компании во вредност на 15 милиони евра и ангажирање дополнителни најмалку 150 градежни работници што ќе работата на изградба на објектите и нфраструктурата во рудникот.

Поради поволните услови за инвестирање и водење бизнис, истиот инвеститор за две години најави изградба на рудникот Петрошница во Старо Нагоричино каде што се планира да бидат вложени околу 300 милиони евра.

Покрај отворањето нов рудник на 28 август - Денот на рударите беше рестартиран и еден од најстрите рудници за олово и цинк „Злетово“ кој со работа има почнато уште далечната 1928 година. Инвестицијата на компанијата „Минстрој“ изнесува 20 милиони евра и досега се ангажирани 300 работници, а за неколку месеци се очекува бројката да достигне до илјада кои ќе работат во современи безбедни услови и ќе примаат повисоки плати.

Во најава е и започнување со работа на огромен рудник Иловица, сместен во струмичко, за кој најавата од канадските инвеститори е дека ќе повлече инвестиција од неколку стотици милиони евра и ќе значи отворање нанови работни места за огромен број граѓани за целиот струмичко-радовишки регион.

Рударство е од огромно значење како за развојот на целокупната економија така и за голем број градови кои егзистираат токму од рударството. Поради тоа во изминатите десет години се направија голем број на реформи за да се привлечат инвеститори, а тоа резултира со 370 договори за концесии за детаљни геолошки истражувања, 325 договори за концесии за експлоатација, а 145 концесии се во фаза на детаљни геолошки истражувања. Овие бројки претставуваат научна фантазија за сите претходни влади и политички гарнитури бидејќи никогаш никој во последните неколку децении не разбрал дека без развој на рударството нема развој на сериозните стопански субјекти. Но, во исто време, овие бројки претставуваат сериозен потенцијал и гаранција за развојот на овој сектор бар во наредните десетина години. Огромен број на градови во централниот и источниот дел од државата може да станат и богати и пристојни места за живеење, ако продолжи тенденцијата на инвестиции и развој во рударскиот комплекс.

Република Македонија не е земја што излегува на море, ниту земја во која има нафта, ниту, пак, земја во која има огромни и плодни низини, но затоа има голем број други природни богатства како рудите кои мораме развојно и паметно да ги користиме. Со вакви инвестиции рударството во иднина ќе биде еден од главните двигатели на македонската економија.

Среќно!

 

Илија ДИМОВСКИ

30 август, 2016 - 09:40