Конгресите на ВМРО – континуитет на македонската борба

Денес е 15-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е долг континуитет. Многу години и многу децении. Многу тешки одлуки, многу премрежја, многу тешки моменти. Но, и многу победи, многу радост и постојан ентузијазам во најстарата македонска политичка организација.

Првите Конгреси на Организацијата се држени во време Македонија е под Отоманската окупација. ВМРО се бори за слободата и достоинството на македонскиот народ. Организацијата има јасни цели, без оглед што е под жесток удар од властите.

Се случуваат масовни апсења, провали, востанија, битки... Се случува жестока борба, но ВМРО не отстапува. ВМРО не можат да го уништат. Првиот Конгрес на историското ВМРО е во Ресен во 1894 година. Потоа следуваат два конгреси во Солун во 1896 година и во 1903 година.

Доаѓа легендарниот Смилевски конгрес, кога се носи одлуката за Илинденското востание. Конгресот се држи во родното село на Даме Груев, кој бил 4-то дете на Јован и Тула, од родот на мијачкото семејство Груевци. Целото село било мобилизирано и сите способни мажи од селото биле на борбени позиции да го обезбедуваат Конгресот. Целата околија била обезбедена со вооружените чети на Организацијата додека се одржува Конгресот.

Смилевскиот Конгрес на дневен ред ги имал следниве точки: распоред на воените сили за време на востанието, подготовки за востанието, должности на началничкиот кадар за време на востанието, згрижување на жените, децата и старците, распределба на оружјето и определување на времето на востанието.

Биле распределени 10 нови востаничките реони на Организацијата, кои дотогаш биле дел од Битолскиот револуционерен округ, заедно со командниот кадар, комитските чети и борбениот распоред. Ова биле 10-те револуционерни реони: Битолски, Прилепски, Кичевски, Преспански, Ресенски, Лерински, Костурски, Охридски, Демирхисарски и Крушевски. Секој од овие реони имал своја вооружена структура, во стотици села и во сите градови.

После тоа се одржува Прилепскиот конгрес, кој се одржува во исклучително тешки околности во 1904 година, после страшниот крај на Илинденската епопеја, во сенка на запалените села и градови, загинатите војводи и комити, протераните и убиени Македонци. Се зазема јасен став кон странските пропаганди кои тогаш имале свои намери и свои политики кон Македонија.

Доаѓа Рилскиот конгрес, одржан во Рилскиот манастир, во 1905 година. Преку тајно гласање за претседател бил избран Даме Груев. Следуваат Серскиот конгрес, Мајскиот конгрес, уште еден Солунски конгрес, првиот Скопски конгрес, Ќустендилскиот конгрес, Струмичкиот конгрес првиот и вториот пат... Некои од нив се само конгреси на револуционерните окрузи. Започнуваат обвинувањата, групирањата, расправиите.

Започнуваат внатремакедонските поделби, кои прераснуваат и во жестока конфронтација. Синовите на Македонија се борат за македонската кауза, но и се убиваат помеѓу себе, а Македонија ја владеат туѓинци, нема слобода, ниту независност.

Се редат балканските и светските војни, македонските бунтови и македонските неизвесности. Доаѓа комунистичкиот режим кога СКМ владееше точно 45 години без избори. Сите, буквално сите претседатели, премиери, пратеници, градоначалници и одборници во СР Македонија доаѓаа од една партија, комунистичката.

Во текот на 45 години, односно 11 мандати се владееше без избори, со една телевизија и 2 весници. И, нели, тогаш имало демократија и слобода, а денес кога има избори секоја година и 200 медиуми нема демократија, нели?!

Доаѓа 1990 година. Македонската и ВМРО-вската идеја не е мртва. Напротив, македонските идеали се живи. Македонскиот народ со децении мораше да ги шепоти ВМРО-вските идеи, но тие не исчезнаа. Репресијата само ги направи повеќе посакувани, повозвишени, свети. Им ја даде дисидентската легитимација, им даде поголема упорност во каузата на македонските дејци во татковината и во дијаспората.

Следува 9-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп во 1991 година. Темата е независноста, тој грандиозен потфат на тогашната генерација. Тој многувековен идеал по чиј што барјак и лозунг се бореа и гинеа Македонците.

10-тиот Конгрес се одржа во Кичево во 1995 година, откако се случи лакрдијата изборната кражба во 1994 година и губењето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ зазеде прагматичен став во врска со коалицирањето, отворајќи ја можноста ВМРО-ДПМНЕ да состави влада.

11-от Конгрес се одржа во Струмица во 1999 година, во време кога западната воена коалиција интервенираше кај северниот сосед. Македонија беше преполна со бегалци, а ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата. Тоа беше моментот кога ВМРО-ДПМНЕ за прв пат ја состави македонската влада, заедно со делот на поддршката за експертската влада која ја прогласуваше независноста на Македонија.

12-от Конгрес беше во Охрид во 2003 година, во време на отворен и жесток политички прогон од структурите на СДСМ после загубените избори на 15-ти септември 2002 година. Паријата доби нов претседател во Никола Груевски после 13-те години на Љубчо Георгиевски. Новото раководство имаше за задача да ја реформира партијата и ВМРО-ДПМНЕ повторно да стане победничка партија.

Штип беше домаќин на 13-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година. Тоа беше првиот Конгрес откако ВМРО-ДПМНЕ победи во 2006 година, а Никола Груевски веќе беше премиер. Се чувствуваше енергијата на новата влада, а се најавија и повеќе стратешки и клучни проекти за источна Македонија и другите региони во внатрешноста.

14-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во Битола во 2011 година, како град и регион кој толку пати ја покажал својата приврзаност и поддршка кон ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ потврди дека економските прашања се во фокусот, заедно со странските инвестиции, инфраструктурата, образованието, здравството, културата и сите други области. Партијата нагласи дека максимално ќе се фокусира на конкретни дела, конкретни проекти и дека програмата за работа претставува јасна обврска што мора да се реализира.

Овој викенд, оваа 2015 година, се одржува 15-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од победата во ниту еден град, иако 25 години локалната власт ја има СДСМ. Првиот круг од минатите локални избори покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ мозе убедливо да победува и во Куманово, но вториот круг останува како предупредување и опомена дека нашите политички соперници се подготвени на секакви коалициони комбинации меѓу двата круга.

Конгресот во Куманово се одржува во ситуација кога опозицијата активно работи на соборување на македонската влада, активно рушејќи ги македонските позиции кои со години беа градени. Се одржува во време кога стигаат соопштенија со закани кон Македонија и македонската влада од паравоени структури кои нападнаа караула на граничната полиција.

Но, резултатите и делата се видливи. Од економскиот раст, до новите фабрики и автопати. Евидентен е резултатот во 58 општини каде градоначалниците доаѓаат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Има уште многу работи да се направат. Македонија треба да биде посилна, а животниот стандард уште подобар. Но, борбата за Македонија никогаш не запира. Продолжува борбата на најголемата и најстарата македонска политичка организација. Секоја генерација има своја битка.

Влатко Ѓорчев 

4 мај, 2015 - 09:33