Реализирани проекти во Општина Неготино

г. Ванчо Апостолов, Градоначалник на Општина Неготино

 

Почитувани,

Почитувани претставници на медиумите, почитувани присутни добар ден и добродојдовте на денешната прес конференција на која ќе ве информирам за реализираните проекти и активности во изминатиот период, како и за се она што како проектна активност следува во тековнава година.

Во Неготино интензивно течат работите од капиталниот проект што го спроведуваме со поддршка на Владата на Република Македонија за решавање на деценискиот проблем-водоснабдувањето.

Активностите течат преку паралелна реализација  на неколку проекти, при што со обезбедени средства од германската КФВ банка во тек е замената на постоечките со нови 2.600 автоматизирани водомери, по што ќе следува реконструкција на повеќе од 60 години старата и дотраена водоводна мрежа кај која е констатирана загуба на водата за пиење и до 70 отсто од количините кои доаѓаат од регионалниот водовод лукар.

За таа цел, изготвивме проект за замена на водоводната мрежа на вкупно 16 улици во градот со должина од 8.000 метри, како и проект за изградба на нов резервоар од 500 метри кубни со три пати поголем капацитет за акумулирање на вода веднаш до постоечкиот.

Паралелно, за задоволување на потребите на граѓаните, во функција ги ставивме и бунарите кај пепелиште со што обезбедивме дополнителни 35 литри вода во секунда, па заедно со санирањето на неколку покрупни дефекти, обезбедивме стабилно водоснабдување што во овој период од годината резултираше со укинување на дневните редукции на водата за пиење.

Наша крајна цел преку реализацијата на сите овие проекти е долгорочно да го решиме проблемот со недостигот од квалитетна вода за пиење, а редукциите да станат минато за граѓаните на Неготино.

Локалниот економски развој претставува одговорност на локалната самоуправа што значи наша обврска постојано да работиме во насока на економско зајакнување на општината преку создавање услови за изградба на производствени капацитети, што пак ќе придонесе за отворање на нови работни места.

Во таа насока, извршивме оформување на индустриската зона Неготино на површина од околу 30 хектари со земјиште наменето за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија.

На јавната аукција се продадоа сите  7 огласени парцели, огромен интерес има и за останатите, па доколу се постигнат очекуваните ефекти предвидено е проширување на индустриската зона со површини од дополнителни 20 хектари.

Ја проширивме и индустриската зона Дуброво Тремник со градежни парцели на површина од над 70 хектари каде што потенцијален инвеститор ќе гради индустриски капацитет во кој се очекува да се вработат над 500 лица.

На територијата на Општина Неготино утврдени се и понудени на продажба 28 локации за изградба на винарии и други земјоделски стопански објекти од кои 5 се веќе продадени, а има интерес и за останатите парцели.

Иако локалната самоуправа нема директни ингеренции во делот на вработувањето, благодарение на одличната соработка со Владата на Република Македонија околу 700 неготинчани се вработија во германскиот гигант Дрекслер-Маер со тенденција овој број во иднина континуирано да се зголемува, а тоа пак резултира со рекордно ниско ниво на невработеност во општината со само околу 1.000 невработени од кои една третина се пасивни баратели на работа.

Извршивме комплетна реконструкција и уредување на централните подрачја во селата Тимјаник, Војшанци и Курија, обезбедивме средства за партерно уредување на центарот во долни Дисан, а градежни зафати предвидуваме и во останатите рурални средини.

После долги години започна комлетната реконструкција со проширување и асфалтирање на еден од најфрекфентните и најоштетени патни правци на територијата на Општината од Тимјаник до Долни Дисан во должина од 4,5 километри, паралелно градежни активности се изведуваат и на патот Курија – Паликура кој очекуваме да биде завршен до крајот на март, оваа година, а ќе се работи и на проширување на патот од Неготино до село Криволак.

На неколку улици во градот, во населбата Градска Порта и урбаниот блок 5 се изврши поставување на водоводна, фекална и атмосферска мрежа, пробивање на улици и  нивна подготовка за асфалтирање, а во селото Тремник ќе започнат работите на примарната фекална мрежа со завршување на уште два од постоечките три крака, како и изградба на одводен колектор долж целата траса од околу 3.000 метри.

Како локална самоуправа во соработката со надлежните државни институции водиме континуирана грижа за подобрување на условите за одвивање на образовно-воспитниот процес.

Основното училиште “Страшо Пинџур” доби нов лик со поставување на фасада и поплочување на дворот, иста активност се спроведе и во oсновното училиште “Гоце Делчев”, комплетна реконструкција се изврши и на подрачното училиште во селото Долни Дисан, а учениците од подрачното училиште во Тимјаник добија ново игралиште.

Општината со средства од сопствениот буџет го финансира функционирањето на 7 детски игрални во руралните средини каде што престојуваат над 100 дечиња за кои грижа водат 7 ангажирани воспитувачки, а кога се во прашање најмладите на неколку локации во градот реализиравме проект со поставување на реквизити за детски игралишта.

Со финансиски средства од Агенцијата за Млади и Спорт во населбата Саат-Кула се изгради мултинаменско игралиште со терени за фудбал, ракомет и кошарка, а овој спортски комплекс ќе го заокружиме со изградба на тениски терени.

Со цел за подобрување на комуналната хигиена во градот и населените места, Општина Неготино набави ново возило за собирање на сметот, изврши набавка на 47 поцинкувани контејнери кои во зависност од бројот на жителите се распоредени во руралните средини, а исто така набавени и поставени се и 27 контејнери за собирање на селективен отпад – пластика и хартија.

Следејќи ја владината политика за стимулирање на наталитетот, меѓу првите во Македонија Општина Неготино ја донесе и веќе 5 месеци ја спроведува во пракса одлуката за доделување еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за секое новородено дете, а се субвенционираат и дел од комуналните сметки на домаќинства кои се корисници на право на социјална помош.

Локалната самоуправа во изминатиот период даваше континуирана поддршка на археолошките истражувања кои паралелно се одвиваат на неколку локации, а продолжи и трендот на давање финансиска поддршка на спортските клубови,  поединци и одржување на разни спортски манифестации.

Што се однесува до покрупните проекти предвидени за тековнава година, би ја потенцирал изградбата на нов станбено-деловен објект на местото на руинираната сала Партизан во центарот на Неготино за што во тек е изработка на урбанистичката планска документација, уредување на површината на градскиот пазар и изградба на паркинг простор за надминување на проблемот од недостиг од места за паркирање во градот.

Планираме проширување на индустриската зона Дуброво, изградба на фекална мрежа и колектор со прочистителна станица во Tремник, поставување водоводна, канализациона, атмосферска мрежа и доведување технолошка вода во населбата Градска Порта, завршување на патните правци Тимјаник-Долни Дисан и Курија-Паликура и уредување на центарот во Долни Дисан.

Правиме напори за обезбедување средства за реставрација и ревитализација на Саат-Кулата во градот, отворање на туристичко биро, како и спроведување на голем број други проекти преку чија реализација ќе придонесеме за подобрување на севкупните услови за живеење на сите граѓани на Општина Неготино.

 

 

Ви благодарам на вниманието

4 февруари, 2014 - 13:46