Дивите депонии станаа препознатлив бренд за Општина Куманово

Прес конференција на Мирослав Стојановски, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово

 

Дивите депонии станаа препознатлив бренд за Општина Куманово. Зоран Дамјановски веќе трет мандат како градоначалник ветува чистење и трајно решавање на овој проблем, но се останува само на празни зборови.

Зоран Дамјановски е градоначалник на Куманово скоро десет години. Тие му се малку за да реши барем еден проблем.

Куманово се повеќе се дави во нечистотија и чад кој доаѓа од дивите депонии.

Една од повеќето диви депонии во општината, но и една од најголемите и најопасните е депонијата која се наоѓа во близина на селото Пчиња, наречена Краста.

Оваа депонија со години претставува еколошка бомба. Граѓаните се гушат во чад на секое спалување на депонијата, но има и огромни негативни ефекти врз подземните води, реката Пчиња и бунарите од кои жителите на ова место ги наводнуваат нивите. Раноградинарските производи од ова село се едни од најзастапените на пазарите во Куманово и се консумирани од скоро секое семејство во тој град.

Жителите од село Пчиња веќе неколку пати преку протести ја искажуваат загриженоста за своето здравје и здравјето на останатите кои трпат последици од оваа депонија, но Зоран Дамјановски и понатаму е глув на нивните барања.

Депонијата Краста е во надлежност на Општина Куманово и Зоран Дамјановски кој на секои избори ветува нејзино дислоцирање и отворање на горилница на отпад според сите еколошки стандарди, но од тоа нема ништо. Дамјановски не само што ја нема дислоцирано оваа депонија туку нема покренато никаква иницијатива за дислоцирање. Десет години мандат на овој човек му се малку.

Додека жителите на ова село секојдневно дишат чад и најразлични отрови, Зоран Дамјановски наместо да ги исполнува своите ветувања, парите на кумановчани ги троши за пејачи од странство, за забави и за партиски вработувања. Тоа не е начин како градоначалник треба да се грижи за своите сограѓани.

Очигледно дека Зоран Дамјановски воопшто не го засега здравјето на кумановчани и продолжува непродуктивно да ги троши парите на граѓаните.

 

Ви благодарам на вниманието

29 ноември, 2013 - 15:20