fbpx

Статус на денот

Во пресрет на Денот на сесловенската писменост и државен празник во Република Македонија - 24 Мај, никулецот од каде што почна да ’рти писменоста која се рашири во половина Европа

Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ
 
Во пресрет на Денот на сесловенската писменост и државен празник во Република Македонија - 24 Мај, никулецот од каде што почна да ’рти писменоста која се рашири во половина Европа и почетокот на рушење на табуата дека писменоста, науката и културата се привилегија на тогашните елитни јазици - латинскиот и старогрчкот, а со тоа и на тогашните самопрогласени елитни народи, нашите први учени - св. Кирил и св. Методиј, уште пред десет века ја зачнаа авангардата на самостојно критичко размислување и покажаа дека овој простор раѓал, раѓа и во иднина ќе раѓа личности кои ќе ја чуваат самобитноста на националните признаци.
Во оваа пригода, би сакале да оддадеме почит за македонскиот народ за несебичен влог во продолжувањето на одржувањето на писменоста, науката и културата на светите браќа, сега како модерни витези на XXI век, заедно со партијата која го чува и одржува македонскиот национален идентитет - ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа пригода, Ве потсетуваме и за значењето на предусловот за писменоста, науката и културата - јазикот.
 
Јазикот е систем од знаци што служат за меѓусебна комуникација. Да, ова е една од најприфатените определби за јазикот во светот. Точно е тоа дека јазикот е најсложениот систем за комуникација на Земјава, но не поради бројноста и различноста на јазиците во светот, не и поради сложените граматички правила што постојат во нив. Тој е најсложениот систем за комуникација поради вредноста на духот што го носи во себе. Со овој дар од Бога се љуби и се мрази, со него се радуваме и тагуваме, можеме да мечтаеме, ама и да страдаме, а со писмото сето ова го запишуваме, ставаме печат на нашето постоење.
 
Писмото е неизбришлив белег за тоа што е создадено во минатото, за тоа што го живееме сега и за тоа што се задолжуваме во иднината. Тоа е непрекината низа печати за постоењето на човекот. Технологијата го движи светот напред, притоа, создавајќи и други системи за комуникација, но ниту еден од нив го нема надминато дарот над даровите даден од Бога за човекот - јазикот. Како што се создавале јазиците така се создавале и народите. Јазикот станува препознатлив нишан за специфичноста на секој народ одделно. Тој почнува да го придружува начинот на живеење на народот, отпрво пренесувајќи го сознанието од колено на колено, а потоа и со преточената мисла на пергаментот, хартијата... на писмото, создавајќи ја традицијата - стожерот за опстојување на секој народ. Нашиот јазик, македонскиот, ги помина негодувањата, оспорувањата и сите удари што треба една вредност да ги помине до патот на виделината. Секој јазик кога ќе израсне до степен на стандард, определува одреден фонолошки, морфолошки, синтаксички и лексички систем. Македонскиот јазик тоа го постигна во последните седумдесеттина години. Во текот на овие години се извршени одредени измени, но тие не влијаат којзнае колку врз почетната стандардизација.
 
Ако пред десетина века нашите просветители го создадоа писмото и го просветлија народот и со тоа го создадоа почетокот, тогаш, во денешново време, проектите од типот на Бушавата азбука, Говорете македонски, Хигиена на јазикот, кампањата Го чувам своето - додека пишувам на кирилица постојам, претставуваат мисии за негување, одржување и продолжување на зачекорувањето од пред десетина века.
 
Меѓутоа, меѓу почетокот и денешните проекти за јазикот, нашата Црква, нашите собирачи на умот народен, нашите први учени во словенските центри, се потпори преку кои нашите букви преминаа од пергамент на компјутерски екран. Денес имаме закони и прописи што го уредуваат ова наше духовно културно и богатство и наследство, и тоа е сосема во ред. Но тие само ѝ помагаат на нашата желба за опстојување на јазикот. Ниту еден закон, ниту еден пропис не може да биде посилен од желбата и волјата на народот за постоење на сопствениот јазик - на македонскиот јазик.
 
 

Последни новости