fbpx

Прес конференции

Царовска поради неспособноста не подели свидетелства во јуни, а згора на се’ бара учениците сами да платат неверојатни 30 милиони денари за свидетелства во август

 Интегрален текст од изјава за медиуми – Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

Почитувани,

                  СДСМ и Мила Царовска го упропастија образованието.

                  Последниот скандал со свидетелствата е само врвот на сантата мраз наречена неспособност на власта.

                  Прв пат се случува на крајот на учебната година да нема свидетелства да им се поделат на учениците и според министерството на Царовска најверојатно ќе се делат дури пред почетокот на новата учебна година. Очигледно како и почетокот на учебната година лани, така и крајот на учебната година сега ги изненади властите. Срамно и бедно. 

                  Уште посрамно е објаснувањето дека не се делат свидетелства затоа што било пандемија за да не се прават гужви, а во исто време кафулињата, дискотеките и рестораните се полни со луѓе.

                  Вистината е дека Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на Мила Царовска немаат распишано тендер. 

                  Ете почитувани колкав е капацитетот на Царовска. Не може да подели свидетелства во јуни, а најавува квази реформи и дигитализација на образованието. 

                  Патем, од учениците се бараат по 200 денари од свидетелство, што ако се земе предвид дека има 150 илјади ученици излегува дека Царовска ги пљачка родителите за сума од неверојатни 30 милиони денари.

                  Во услови кога во Македонија скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија, кога бројот на социјални случаи за една година се зголемил за 10 илјади нови на претходните 22.500 случаи во социјален ризик, Царовска им зема од семејниот буџет на граѓаните за работа која според законот за основно и средно образование ги следува бесплатно. Ова покажува покрај другото дека се прави класичен криминал и кршење на законот кој гарантира бесплатно образование за секој ученик во основните и средните училишта.

                  За погрешните политики на Царовска во образованието може да се зборува до утре. Таа беше неспособна да го подготви системот за образование да почне на 1-ви септември, па бараше одложување од еден месец. Таа беше неспособна да направи национална платформа за онлајн учење иако помпезно ја најавуваше. Остави илјадници деца без соодветна можност цела година да го следат образованието бидејќи не набави компјутери за десетици илјади ученици. Наместо реформи, насила спроведува лажни фински модели иако за тоа беше критикувана и од експертите и од јавноста и од учениците и од родителите.

                  Поради Царовска, Македонија има една катастрофална учебна година. Единствено што знае министерката е да укинува, да укинува предмет како историја, да укине печатени учебници, а гледаме и практично да укине пракса за делење свидетелства на крајот на годината. 

                  Царовска за една учебна година колку што е министерка за образование ја покажа целата своја неспосбност.

                  Доста е!

Последни новости