fbpx

Прес конференции

Петрушевски: Куманово секојдневно се дави во комунални проблеми, но Димитриевски не заборави да набави нови службени возила за  удобството на партиските функционери

Почитувани,

Куманово секојдневно се дави во комунални проблеми својствени за претходниот век. Куманово, како најголема општина во Република Македонија, наместо да го развива и подобрува квалитетот на урбаното живеење, за жал, изминатите 30 години, под раководство исклучиво на кадри од СДСМ, се уназадува секој аспект од живеењето во општината.

И последните четири години, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски не направи ништо за развојот на Куманово. Овие четири години Максим Димитриевски нема реализирано ниту еден капитален проект ветен пред граѓаните. Но за жал, изминатите четири години Максим Димитриевски успеал да потроши над седум милијарди денари буџетски средства на граѓаните на општина Куманово.

Кумановци на Максим Димитриевски не му ја дадоа довербата само да вработува партиски послушници и да овозможува преку тендери богатење на поединци блиски до СДСМ, туку довербата му ја дадоа за проектите од изборната програма, кои за жал останаа само на хартија.

Нормалните европски општини од рангот на Куманово, проблемот со водоснабдување го решиле уште во минатиот век. Но, Димитриевски и СДСМ, иако пред четири години ветија ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ, денес, во 21 век најголемиот број на рурални населени места во општина Куманово се уште немаат водовод и канализација. Нешто што требало да се направи уште во минатиот век!

За жал, дури и градот Куманово се почесто има проблеми со водоводната мрежа. Имено, илјадниците жители на улицата „Никола Тесла“ и населбата Долно Којнаре веќе 6-ти ден се оставени без вода, поради честите дефекти во овој дел на градот, кои многу бавно и неквалитетно се санираат. И ова е производ на 30-годишното владеење на СДСМ со Куманово, чии неспособни кадри не ја реконструирале и сервисирале водоводната мрежа во тој дел на градот, изградена уште во далечната 1962 година. Но, затоа се ревносни во спроведување на огласи за привремени и трајни вработувања на нивни заслужни кадри.

Димитриевски и СДСМ пред да ја добијат довербата од граѓаните на Куманово им ветуваа сериозен пристап кон решавање на круцијалниот проблем на граѓаните на општина Куманово со водоснабдување на општината, со изградба на капитална инвестиција цевковод Куманово - Липково. Проектот е тотално заборавен од локалната власт, но никако не заборавија да набават нови службени возила за подобрување на удобството на партиските функционери згрижени во општината и ЈП. СДСМ и Димитриевски на Куманово му потрошија уште четири драгоцени години без никакво подобрување на условите за живот, па комотно може на следните локални избори да си излезат со потполно истите ветувања од изборите во 2017-та година.

Кумановци немаат повеќе време да губат на задоволувања на хировите на функционерите на СДСМ во градот. Куманово не сака повеќе локални шерифи кои ќе се богатат на грбот на народот.

На Куманово му се неопходни итни промени, кои ќе ги донесат нови луѓе со свежи идеи, а не излитените кадри на СДСМ, веќе видени на дело во изминатите 30 години.

 

 

 

Последни новости