fbpx

Прес конференции

Рашковска: Градоначалникот треба да признае на Беровчани дека не беше способен ниту клучниот проект за комплексот Беровско езеро да го реализира

Почитувани,

Поминаа повеќе од три ипол години од владеењето на градоначалникот на општина Берово, и сега на помалку од пет месеци до локалните избори време е да го потсетиме на неговата програма „За живот во Берово“, на која тој очигледно заборавил.

Да започнеме од неговиот клучен и стратешки проект, развивање на туризмот кој навистина е од витално значење за општината со посебно ставен акцент на комплексот Беровско езеро, едно од обележјата и еден од симболите по кое е препознатливо Берово во цела Македонија, па и пошироко.  Ревитализација и реконструкција на руинираното детско одморалиште и бунгаловите заедно со летната тераса и ресторанот, обновување на кајакарскиот клуб и изградба на модерни спортски терени во склоп на самиот комплекс. Рок за исполнување на овој клучен проект од програмата „За живот во Берово“ е 2021 година. Целни групи кои се засегнати од реализацијата на овој проект се туристите, посетителите, инвеститорите и сите граѓани на општина Берово. И за жал, вистината е сега ваква ревитализацијата на комплексот не е ниту започната, ништо од зацртаното во програмата не е ниту отпочнато, а не пак реализирано. За обновениот кајакарски клуб и за кајаците можеме само да сонуваме.

И како шлаг на вашата програма во контекст со ревитализацијата на Беровското езеро е воспоставување на контакти со домашни и странски инвеститори и зајакната меѓународна соработка со Република Бугарија, со цел решавање на проблемот со отворање на граничниот премин Клепало кој исто така е од витално и стратешко значење за целата Малешевија. И навистина пробавте да ја зајакнете меѓународната соработка со Република Бугарија, но од сето тоа добивме само слики од состаноците во вашата канцеларија и репрезентациите организирани во чест на соработката, но преминот уште е со статус кво, а од наша страна и она што беше направено за овие четири години е уште поруинирано, а од страната на Република Бугарија никако да се доасфалтираат останатите неколку километри за поврзување со граничниот премин.

Инаку и за овој стратешки проект рокот за реализација ви беше тековната 2021 година. Од самото тоа се гледа колку се успешни и овие ваши обиди за зајакнување на меѓународната и меѓуграничната соработка со Република Бугарија.

Епа затоа сега е време како татко на општината да ги погледнете во очи граѓаните и да им ја кажете вистината дека бесрамно во очи ги лажевте. Време е храбро и машки ако можете да им признете на граѓаните дека не успеавте да го реализирате вашиот единствен клучен и стратешки проект од вашата програма „За живот во Берово“.

 

 

 

Последни новости