fbpx

Прес конференции

Градоначалникот на Ѓорче Петров Наумовски два пати во шест месеци асфалтира иста улица

Интегрален текст од прес конференција за медиуми - Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Почитувани, во септември, пред речиси половина година, посочивме дека градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски гради кружен тек во скопско Волково без целосни документи, односно дивоградба. Го повикавме тогаш, а до сега нема одговор, да ја приложи на јавноста целосната документација за градба на кружниот тек во Волково.

Градење без документи е градење дивоградба. Добро е кога градоначалник гради, ама лош пример е кога гради на диво. Тоа е мафијашка работа, принцип на мафијата, изгради на сила, па легализирај.

Да е трагедијата поголема, Александар Наумовски изгради и асфалтираше кружен тек во Волково, а сега по само половина година, истиот го гребе асфалтот и наново асфалтира!

Еве ги зад мене фотографиите од самиот Наумовски како се фали на 26 ноември, а ја објавил на 27 ноември на социјалната мрежа фејсбук како асфалтира, а еве и вчера што објавил. Истата локација, истата позиција за фотографирање, исто асфалтирање, истата улица со само половина година разлика!

Образложението на Наумовски дека проектот е вратен на доработка затоа што не бил квалитетно изведен е само еден аспект од прашањата кои што се отвораат низ призмата за избор на изведувач.

Вториот аспект е дали зад сето ова наново работење и асфалтирање не стои недостаток на документација за која што посочивме уште пред половина година уште во септември, дека со општински пари и со пари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, не беше спроведен проект без целосна документација, односно без дозвола за градежни работи, кружен тек во Волково?

Имено, за да се изгради ваква сообраќајница, или кружен тек среде сообраќајница, мора да се има дозвола за градење. За да се добие таа дозвола за градење, мора да се има одобрен режим за сообраќај издаден од Град Скопје и од МВР. Без тие документи, дозвола и одобрение за градба нема, и градбата не смее да почне, односно ако почне би била дивоградба.

Наумовски мора да каже дали имаше инфраструктурен проект, дали имаше сообраќајно решение, дали имаше меѓуопштинска соработка за да може да гради на градска улица во Волково? Според наши сознанија, тие документи во момент на градење не биле издадени ниту од Град Скопје, ниту од МВР.

Наумовски за кружниот тек имаше градежен проект ама од Општина Ѓорче Петров кој што всушност не важи и со него не може да гради кружен тек. Со него е невозможно да се извади траен сообраќаен режим од МВР, не може да постави сообраќајна сигнализација, не може ништо легално!

За градба на сите улици, па и кружни текови важи истото, прво сообраќаен проект одобрен од МВР и од Град Скопје, потоа се прави инфраструктурен проект, па потоа се гради!

Се друго е дивоградба.

Дали нецелосна документација било причина финансиерот, Агенцијата да не изврши прием на проектот, дали заради тоа, не го исплатиле како што вели Наумовски, во целост, и дали заради тоа сега наново не се работи на асфалтирање на улицата и на кружниот тек во Волково?

Почитувани, замачкувањето очи со наводни проекти во интерес на граѓаните, како во случајот со кружниот тек во Волково, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, повеќе од половина година ги става граѓаните во позиција да не може да ги користат благодетите за кои што плаќаат данок на општината.

 

Прашање: Дали во пресрет на локалните избори планирате предизборни коалиции со некои од партиите надвор од оние традиционални коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ и дали можеби се планира коалиција со некоја од албанските политички партии?

Одговор: ВМРО-ДПМНЕ е во постојана комуникација со сите политички партии во Република Македонија , но за ВМРО-ДПМНЕ најважна е коалицијата со народот, од тука ВМРО-ДПМНЕ веќе има упатено апел и веќе има искажано и подадено рака до сите оние политички фактори во државата којшто сакаат да се приклучат кон борбата за рушење на режимот во Македонија.

Последни новости