fbpx

Прес конференции

Филипче не обезбеди вакцини, а сега казнува лекари затоа што дале лек на пациент, на крај граѓаните ќе го казнат!

Интегрален текст од прес конференција за медиуми - Д-р Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани, 

Во период на корона епидемија, Филипче и Фондот за здравствено осигурување ги казнуваат матичните лекари! 

Министре, знаете дека во овој период ниту еднаш не ги посетивте матичните лекари и не поразговаравте со нив за нивните потреби и услови во коишто работат без никаква помош и поткрепа од вас. И покрај тоа што се преоптеретени и изморени од работа, матичните лекари продолжуваат да работат се со цел да помогнат на што повеќе граѓани коишто лутаат низ хаотичниот здравствен систем којшто вие го создадовте. 

Зарем заслужија докторите, вие со Фондот да ги казнувате за технички работи. За некои пак има и по повеќе казни. Оттука казните се движат од 15 илјади денари до 25 илјади денари. За некои ординации достигнуваат дури и до 75 илјади денари. А зошто овие казни? Повеќето се за препорака за лек, неуредна евиденција или запишан во картон, а не и електронски, или пак обратно внесен е прегледот во систем, а не е запишан истиот во картон. 

Министре и вие сте лекар! 

Зарем медицински лица се казнуваат во период на епидемија на вакви работи? Зарем вие ако имате можност да препишете некој лек нема да му го препишете на пациентот, ќе го оставите да чека неколку дена или пак неколку недели?

Здравствениот систем не функционира, специјалистички прегледи скоро и да нема и не се достапни, ништо од вашите испорачани ветувања до сега.

И сега наместо награди за докторите и матичните лекари, вие со Фондот за здравство наместо да стопирате било какви казни поради епидемијата, вие на повеќе од 800 лекари веќе сте им испратиле известувања и рок за плаќање на казната. На други пак веќе сте им ги испратиле по пошта.

Дали тоа значи дека на повеќе од половина од ординации на матични лекари, ќе бидат казнети?

Срамно е!

Вакцини не обезбедивте на време, здравството го колабиравте, луѓето ги оставивте на милост и немилост, а сега како лекар наместо да му препишувате лек на пациентот, вие го казнувате. На крајот, вие ќе бидете казнети за овие постапки кои ги спроведувате и тоа од народот.

Последни новости