fbpx

Прес конференции

Коментар на денот-Владев: Проекти кои ги ветуваше Велковски во Свети Николе се сеуште нереализирани, тоа е одраз на неспособност и незаинтересираност

 Интегрален текст од „Коментар на денот“ на Дејан Владев, Претседател на ОК  ВМРО-ДПМНЕ-Свети Николе

Почитувани,

За време на предизборниот период во 2017 година, градоначалникот Велковски во својата програма За живот во Свети Николе ветуваше многу крупни проекти во интерес на граѓаните на Свети Николе.

Денеска, после неполни 4 години мандат, таа иста програма за која граѓаните му ја дадоа својата поддршка остана 80% нереализирана. 80% од ветените проекти не се реализирани, граѓаните имаат право да знаат зошто? Зошто ветените проекти за кои силно ги убедуваше граѓаните  се сеуште нереализирани?Дали поради неспособност, незнаење, незаинтересираност, страв или незрелост?  Зошто?

Еден од ветените проекти на Велковски со кои ќе ги подобрел условите за живот на граѓаните и развојот на бизнис климата во Свети Николе е проектот гасификација кој требаше да се заврши за периодот 2018 и 2019 година и тоа во три фази:

Првата фаза – гасификација на јавните установи и стопански објекти;

Втора фаза - гасификација на домаќинствата од центарот кон периферијата на градот;

Трета фаза – приклучување на домаќинствата и стопанските капацитети во селата.

Денеска сме 2021 година. Во Свети Николе нема гасификација ниту во јавните установи, ниту во стопанските објекти, а за  домаќинствата и да не зборуваме. Ветено, но нереализирано.

Почитувани,

Претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ како на централно  така и локално ниво донесе и изгради гасоводна мрежа во непосредна близина на Свети Николе.

После 4 години локална и централна власт на СДСМ, граѓаните на Свети Николе го немаат бенефитот, подобрените услови за живот и водењето на бизнис ветувани со гасификацијата на градот. Ниту е отидено на лице место, ниту пак е нешто допрено во овој период. Гасификацијата на Свети Николе останува само мисловна именка и уште едно нереализирано ветување.

Власта се добива, граѓаните ја даваат својата доверба.

Еве во Свети Николе дури и Велковски во 2017 година ја доби довербата од граѓаните за да го направи нашиот град поубаво место за живеење. Ама треба да си работник, да бидеш човек од збор, ветеното да го исполниш, да бидеш храбар и амбициозен, да се грижиш за своите граѓани, а не само за своите партиски војници, за да можеш да ја задржиш тешко стекнатата доверба и власт.

Градоначалникот Велковски ветуваше и изградба на спортска сала, куќа на спортот, изградба на монтажни гаражи, дом на пензионери, детски градинки, градски базен итн. Но, овие нереализирани проекти ќе бидат тема на наредни пресови на кои поединечно ќе ги запознаваме граѓаните со ветените, а нереализирани проекти.

Свети Николе е мал град. Граѓаните точно знаат што направил нивниот градоначалник. Со 80% нереализирана програма и ветени, а нереализирани проекти довербата на светиниколчани ја имате изгубено многу оддамна.

Се  ближат локалните избори, на тие избори истите тие граѓани ќе ве казнат и ќе изберат нова локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ветеното навремено и квалитетно ќе го реализира.

Последни новости