fbpx

Прес конференции

Здравковски до Царовска: Со укинувањето на печатените учебници ја спроведувате најголемата социјална поделба во Македонија

Почитувани,

Министерката Мила Царовска, со укинување на печатените учебници и воведување на дигитални, ја спроведува најдлабоката социјална поделба и дискриминација во последните години во Република Македонија. Таа ја вади на површина сета лага наречена „Едно општество за сите“.

Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1.300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење на онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории на граѓани.

Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца.

Образованието веќе нема да биде бесплатно, а социјалната нееднаквост меѓу учениците ќе се зголемува, со тоа и нерамноправноста и булингот, кој и онака е присутен во нашите училишта. Впрочем, видовте што се случуваше овие денови во Велес.

Без печатени учебници се врши нехуман експеримент врз идните генерации на Македонија и во превез на модернизација се спроведува разрушување на и онака кревкото образование.

Без КНИГА, без класична печатена КНИГА нема вовед во знаење и љубов кон знаењето, ниту пак ќе имаме успешно образование. Таа постои и во оние најмодерни земји во кои дигиталната книга е опција и за учење и за читање. За нашата Македонија КНИГАТА е насушна потреба и неа нема право никој да му ја одземе.

Нема право таа да ни ги осакатува децата, ниту пак Владата, со никакви наводно модерни, а всушност лажни реформи, со трошење на туѓи пари.

Ја прашуваме министерката дали под превезот на модернизацијата, покрај тоа што ги укинува и историјата, македонскиот јазик, народното творештво, културното наследство, ги укинува и учебниците, со што без пишана трага на хартија ќе биде многу полесно да се уништи и целиот образовен систем и идентитетот на идните генерации.

 

 

Последни новости