fbpx

Интервјуа

Стојаноска: Mоја лична борба e да докажaм дека само работата е таа која треба да биде единствена „виза“ за успехот

Ексклузивно за „Тетово инфо“, интервју на Носителката на Шестата изборна единица,  Дафина Стојаноска.

- Јас сум мајка на две деца, 20-годишна ќерка, студент по психологија, а синот ми е 16-годишен средношколец во гимназијата во Гостивар. Ќерката е пасионирана филмоманка и читателка на книги. Љубовта за филмот ја има наследено од татко и‘, а за читањето од мене и татко и‘ - заедно.  Синот има талент за кошарка, настапува во репрезентацијата до 16 години, како и во КК „Гостивар“. Тој талент е од кај татко му, кој е бивш кошаркар и репрезентативец на младинска лига. Воедно е и аматер глумец. Глуми во друштвото „Дунек“, каде годишно организираат по 2-3 претстави и веќе ги добива главните улоги. Не дека е мајкин син, туку и гостиварчани може да посведочат дека има добар талент, вели Дафина, инаку дипломиран стоматолог.

Тетово инфо : Вие сте по професија стоматолог. Дали им беше интересна вашата професија како избор за во иднина на Вашите деца?

- Двајцата одлучно имаат изјавено дека не сакаат да им се посветат на медицината и стоматологијата, како мене. Ова е најверојатно заради тоа што, кога беа мали, кога јас работев како приватен матичен стоматолог (работев двократно на смени и често пати отсуствував од дома), па страдаше нивната потреба за мајката, а поради моите обврски - вели Дафина во разговорот и самата потсетува дека треба да продолжи со муабетот за сопругот.

- Сите ме прашуваат за жената во политиката. Ова ништо веќе не е ни чудно, ни страшно. Иако познатата изрека гласеше дека „Позади секој успешен маж стои успешната жена“, јас би кажала за мојава состојба дека позади мојот успех стои силната поддршка на мојот сопруг. Затоа што имам сопруг што ме заменува, не само во буквално сите домашни работи (најмногу во кујната), туку и во оној дел кој за мене е најмногу болен - во воспитувањето и грижата за децата. За мене најголем успех во животот е ако успеам да воспитам и изгледам здрави, самостојни и паметни деца, притоа секако не потценувајќи го и успехот во политичката кариера - објаснува Стојаноска, инаку со моминско презиме Јованоска.

Тетово инфо: Како го поминувате слободното време? Кој е вашиот омилен спорт или спортист?

-Слободно време не сум имала наназад 20 години и повеќе. Не паметам кога, на пример, попладне сум можела да се одморам. Мислам дека тоа од студентски денови го немам направено. Ако ми се укаже можност, а се обидувам во последно време тоа да го ставам во агенда како задолжителна обврска, еднаш или два пати неделно да испешачам покрај кејот на Вардар во Гостивар. Бидејќи, покрај многуте обврски, имам малку време за една таква физичка активност, ако може да се нарече. Читам книги, кога можам. Филмови и серии со години немам гледано. Политичките емисии, согласно мојата определба, ме интересираат и наоѓам време за нив, најмногу во ситните ноќни часови.

На времето многу сакав да гледам тенис и идеален лик, не само како врвен спортист, туку и како психолошки профил за смиреност, ми бил на времето Иван Лендл, додека од оваа генерација Роже Федерер, смирен, со сигурни потези и без да ги изреволтира, ниту противникот, ниту публиката. Тој ми е денес омилен - потенцира Стојаноска, која пратеничка стана во 2016 година.

Тетово инфо : Често пати, во дел од вашите настапи, се посветувате на македонската историја. На кој историски лик си споменувате најмногу и кој е најтешкиот дел од историјата за Вас?

-Тоа е Христо Узунов, поврзан лик со историјата, со ВМРО, со она што никако не смееме да го избришеме (не сакам да помислам да го избришеме) и не смееме да го заборавиме. Посебно би ја истакнала неговата безрезервна и безусловна поддршка кон идејата, неговата прецизна и вредна архива, а најмногу и секако неговото славно и безвременско писмо до сите тогашни чесни револуционери. Историјата е таа која не потсетува како сме денес тука, како живееме во слободна и демократска држава и како треба да продолжиме. Она што било лошо, да биде поука да не се повтори, а доброто мора да се памети, да се пренесува низ генерациите. За најтежок датум го издвојувам 19-октомври 2018-та, кога се изгласа одлуката за отворање на Уставот,по што следеше промената на државното име.  Многу тешко го примив тоа. Не најдов друг збор, освен предавство, за тоа што се случи во парламентот. Верувајте  дека два дена чувствував болка во душата. Сфатив дека и за тоа треба да се бориме, да издржиме, да продолжиме. Еве, сега имам повторно обврска, ако го добијам вториот мандат, да продолжам. Значи, целиот живот е борба, па и ова е еден вид на борба за Македонија во која што, фала на Господ, нема да се даваат жртви со животи, но ќе се даваат жртви со чесност, работа и враќање на угледот и достоинството -објаснува Дафина. 

Тетово инфо : Од 2010-та ја имате првата партиска функција како секретар на Унијата на жени во Гостивар, па досега сте на многу одговорни места. Како се справувате со одговорноста пред граѓаните, како политичарка.

-Се справувам со сите обврски кои, секако, самата сум ги превзела на себе. Одговорноста, пред се‘, ми е најбитна,  да не направам грешка и да внимавам што со луѓето разговарам, што тие ме замолуваат, дали можам реално тоа да им го одговорам. Но, секако, никого не сум оставила без повратен одговор, без разлика дали одговорот е позитивен или негативен, за било каква молба. Да му возвратам дали тоа е средено, дали не може да се среди итн. Значи, многу е лесно за политичар да може да му одговори на секој соговорник она што соговорникот сака да го слушне, но за жал затоа ја добивме онаа слика дека политичарите се лажговци и дека сите се исти. Затоа се нафатив на оваа, јас ја нарекувам и моја лична борба, да докажеме дека само работата е таа која треба да биде единствена „виза“ за успехот. Јас сум навистина поборник за личен пример, бидејќи сум успеала на овој пат само и единствено преку работа и ништо друго. Затоа, нема да се откажам од оваа борба и ќе се трудам да најдам повеќемина што ќе ми се придружат - објаснува носителката на листата.

Дафина Стојаноска е родена 1974 година во Гостивар. Покрај стоматологија, има магистрирано Менаџмент на човечки ресурси во општествени дејности на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Освен како приватен стоматолог, од 2008 година работи во Подрачната единица на ФЗОМ во Гостивар.

Во 2013 година е избрана за носителка на советничката листа за локалните избори и координаторка на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Општина Гостивар. Во 2014 година, кога се одржуваа претседателски и предвремени парламентарни избори, бев назначена за претседателка на општинскиот изборен штаб во Гостивар. Во 2015 година станува членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2016 на предвремените парламентарни избори во 2016 година и за пратеник во македонското Собрание.

Последни новости