fbpx

Интервјуа

Министерката Ангеловска ја извести Светска банка дека нема да го потпише заемот, иако се расчисти дека мојот потпис не ни бил потребен!

Интервју со Гордана Димитриевска Кочоска, дополнителен заменик министер во Министерството за финансии за весникот Вечер

Владејачката партија Ве обвинува дека со тоа што повеќе од два месеца одбивате да ставите потпис, го кочите добивањето на заемот од Светска банка од 90 милиони евра. Затоа Владата реши да побара од Државната изборна комисија толкување дали овој заем од 90 милиони евра може да помине без вашиот потпис како дополнителен заменик-министер за финансии. Како работите дојдоа до таму?

-Како што јавноста веќе е информирана во однос на ова задолжување за кое се бара мое одобрување, до денес до мене не се доставени потребни податоци од кои ќе се увиди начинот на кој се дошло до процена на бараниот износ. Сметам дека секој одговорен професионалец пред да стави потпис на било кој документ мора да знае што потпишува и има право и должност да бара податоци, дотолку повеќе што во случајов се работи за заем од 90 милиони евра, средства кои треба да бидат вратени во иднина и тоа со соодветна камата како и секој заем.

Јас имам одговорност пред граѓаните да проверувам што и како потпишувам.

Владата оценила дека треба да се обрати до ДИК, што значи дека ова прашање треба да го адресирате до нив. Уште повеќе што ова покажува дека Владата не знаела за поделеноста на надлежностите, па и требало месец дена истите да ги преиспита.

Тоа што можам да го истакнам е дека ДИК, како што беше информирана јавноста, по ова прашање донесе Одлука со која утврди дека конкретниот заем не е предмет на двоен потпис, што значи дека министерката Ангеловска можела и сè уште може сама без мојот потпис да го потпише договорот за задолжување.

Ова не е и новина ако се има предвид дека во февруари имало задолжување во износ од 13.800.000 евра, исто така преку Светската банка (во однос на договорот за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување (во месец февруари), каде не се бараше мој потпис, а патем јас и тогаш бев дополнителен заменик-министер. Зошто ова не се направи без мене до сега доколку се ценело дека е неопходно, повторно ве упатувам да го поставите прашањето до надлежните.

Ако се согледа ситуацијата онака како што е поставена, не е јасно зошто сум обвинувана дека ја „кочам“ постапката. Можеби има врска со претстојните избори, можеби нема.

Мене принципите при вршење на професијата ми се најзначајни, а еден од основните принципи ми е професионален пристап кон работата, што значи не може ништо да се одобри без притоа истото да е издржано и аргументирано.

Да го заокружам одговорот на Вашето прашање, во однос на оправданоста на моето постапување ќе  укажам и на тоа дека и покрај Одлуката од ДИК за можноста за потпишување на овој заем без мое одобрување овој заем сè уште не е потпишан. Исто така морам да истакнам дека и покрај ваквите околности што практично значат дека заемот може да се потпише во секое време без мое одобрување, на 16.06.2020 официјално министерката Ангеловска ја извести СБ дека истиот нема да го потпише и одобрувањето на заемот го одложува за после избори. Оттука, оставам вие и граѓаните да ценат…

Што конкретно според Вас не е во ред во врска со овој заем од кој 34 милиони евра се за Министерството за здравство, а 54 милиони за Министерството за труд и социјална политика?

-Во повеќе наврати сум истакнала дека во одговорите кои ми беа парцијално доставувани имаше многу нелогичности на кои не добив никакво објаснување. Имено, нејасно е како во наменски кредит кој за цел има брз одговор на ковид-19 која е потребата од набавка на дронови?

Исто така, ако кредитот е за брз одговор на ковид, зошто е предвидено ретроактивно финансирање до 30 отсто од вкупниот кредит, или 27 милиони евра за трошоци настанати од 1 февруари. Ниту кои се тие трошоци. Ова уште повеќе ако се земе предвид дека првиот случај со инфициран од ковид-19 во Македонија е подоцна од 1 февруари.

Друго, не е јасна оправданоста на трошок од 800 илјади евра, од кои 360 илјади евра за ангажирање на експерти и остатокот за обука на медицинскиот кадар! Нели целта ни е дигитализација на општеството, зошто нема онлајн обуки и овие средства да се наменат за директна поддршка на граѓаните!?

Предвидена е надградба на системот Мој термин за 8,5 месеци, а предвидена е набавка на лекови за болните од ковид-19 за 6 месеци. И уште ред други нелогичности.

Претставничката на нашата држава во Светска банка Нина Фити Неделковска на расправа организирана во Владата според владиното соопштение објаснила дека оддолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгогодишната соработка меѓу банката и нашата земја. Дали мислите дека ова навистина можеше да се случи?

-Јас нема да навлегувам во изјавите и ставовите на владиниот претставник во Светска банка.  Сметам дека нема никаква причина за било какви недоразбирања со Светска банка, напротив ценам дека долгогодишната успешна соработка треба да продолжи и понатаму. Моето непотпишување на овој договор се должи на неодговарање на прашања и нејаснотии од страна на одговорните лица од домашните институции, кое е резултат на сите слабости и непрофесионализам на Владата предводена од СДСМ.

Не е во ред заради политички популизам да се говори дека некој би ја загрозил соработката со долгогодишни партнери на нашата држава. Исто така, не би било во ред и јас од својата позиција како ДЗМФ да одобрувам задолжување за кое немам податоци за процената на износите и намените. Проблемот е во постапувањата и некооперативноста на надлежните институции кои располагаат со податоците, а не со СБ и мислам дека тоа е јасно.

Наспроти неоснованите тврдења од Владата стои фактот дека моето постапување е во насока на добра соработка со Светската банка, за што говори и тоа дека во текот на минатата недела јас потпишав и Анекс кон договор за пренамена на средства од заемот од СБ за справување со кризата од ковид-19.

Дали во врска со недоразбирањата за овој заем сте контактирале со Фити Неделковска или, пак, со некои одговорни лица во Светска банка?

Да, имав комуникација со г-ѓа Фити и со други одговорни лица од СБ и ги образложив моите дилеми и прашања, но обврската за доставување на податоци и детали од самиот договор е на македонските институции, не на СБ.

Дали беше неопходно издавање нова обврзница и тоа токму сега кога на пазарот на капитал каматите растат?

-Потребата од обезбедување на дополнителни финансиски средства е повеќе од очигледна и неопходна со оглед на намалената наплата на приходната страна од буџетот. Она што е многу важно сега е како ќе се искористат средствата обезбедени од еврообврзницата, но и од другите заеми, односно дали истите ќе бидат искористени само за тековни расходи или дел ќе се искористат и за капитални инвестиции кои ќе создадат додадена вредност и ќе и помогнат на економијата побрзо да ја надмине кризата.

Вие први посочивте дека е потребен ребаланс на буџетот. Дали бевте вклучена во него и како го оценувате прекроениот буџет.

-Јас побарав да се направи ребаланс на буџетот и доставив конкретни предлози за кратење на непродуктивните расходи до министерката, но истите не беа целосно земени предвид во направениот ребаланс. Не бев вклучена во подготовката на ребалансот и сметам дека ребалансираниот буџет е направен на нереални основи, односно преценети приходи и нереално високи расходи без суштински кратења на непродуктивните расходи. Доколку не се направи уште еден ребаланс во кој ќе се скратат сите непродуктивни расходи, а ќе се зголеми реализацијата на капиталните расходи сметам дека Македонија ќе ја чекаат повеќе години опоравување од кризата.

Како ги оценувате владините антикризни мерки, од кои дел произлегоа од Министерството за финансии и ефектите од нив?

-Многу пати имам зборувано дека сите мерки кои ги донесе владата се со задоцнување. Денес гледаме дека се делат платежни картички. Дали некој се праша како истите овие луѓе преживувале во април. Зар тоа не е задоцнување. До крајот на месец мај за месец април плата немаа земено над 30.000 лица кои се во редовен работен однос. Како тие го преживеале тој период? Исто така секојдневно стигнуваат информации дека дел од граѓаните кои ги исполнуваат критериумите не добиле картички, како и информациите дека има доделено картички на исти граѓани по два или три основи, како на пример по основ на невработеност, но и по основ на лица вработени со ниски примања?

Од друга страна, мерката за доделување на картички наменети за здравствените работници, што треба да подразбере некаков стимул за нивната работа, ценам дека навистина е несоодветен. Ова, прво со оглед дека  износот од картичката се пресметува како процент од плата, што е спротивно со одредбите од Законот за исплата на плати, каде има директна забрана за исплата на плата и надоместоци во форма на бонови и натура, а од друга страна нејасно е зошто стимулот за овие вработени не е во форма на исплата на паричен надоместок.

Да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период даде многу други значајни предлози за надминување на кризата, но од причини за нас непознати истите не беа прифатени.

Со мерките насочени кон граѓаните не се опфатени сите, на пример нема решенија за пензионерите, за невработените кои не се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Дали тоа е во ред? Всушност, повеќе субјекти овие мерки ги оценија како предизборен поткуп на гласачите. Кое е вашето мислење?

-Нормално, кога имате исплата на субвенции, финансиска поддршка и слично непосредно пред одржување на избори дека треба да има основана аргументација и оправданост за таквите постапки. Ние сме во период кога од настанување на состојбата со пандемијата изминаа веќе три месеци, зошто токму баш сега се вршат исплатите, а не претходно, никој не одговори со аргументи. Донесоа уредба за ученици над 16-годишна возраст, ама не гледам дека некој се праша што се случува со оние ученици кои поради недоволно финансиски средства не можат да учествуваат во наставата (нема компјутер, пристап до интернет и слично). Се праша ли некој што со нив?

Според Вашите изјави, со министерката за финансии и нејзиниот тим имате лоша соработка уште откога седнавте во заменичката фотелја. Како функционирате сега во министерството и забележувате ли некои неправилности во неговата работа? Дали пред избори имате опструкции во работата?

-Најпрво да потенцирам, јас никогаш не сум изјавила дека имаме лоша соработка со министерката и нејзиниот тим туку на недоволна кооперативност во смисла на споделување на информации и на непочитување на моите законски права и надлежности.

Мојата позиција како дополнителен заменик-министер е специфична од аспект на надлежностите, која произлегува од Законот за Влада.

Задолжување е потребно, ама и рационално трошење

Потребата од задолжување е неминовна во овој период, а имајќи предвид дека и БДП паѓа логично е дека јавниот долг како процент е поголем. Сепак, клучна во овие моменти е потребата од рационално користење на позајмените средства со цел економијата што полесно да го преброди овој период и побрзо да закрепне.

Последни новости