fbpx

Говори

Мицкоски со порака до сите идни градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ: Да бидете достапни за секого, со парите од општината да бидете штедливи и не смее да има повеќе бетон од зеленило

Добровечер победнички Штип!

Добровечер ВМРО-ДПМНЕ!

Во Македонија се некако почнувало од овде, од Штип, па така и оваа вечер, започнува победничкиот од, победничката патека на идниот градоначалник овде во Штип, Иван Јорданов. Ве молам со еден голем аплауз да го поздравиме идниот градоначалник на Штип Иван Јорданов.

Голем поздрав и за последниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев, благодарам за се што направивте и за ВМРО-ДПМНЕ, за Македонија но и за Штип.

Голем поздрав до пратениците во Парламентот, Никола Мицевски, тука е со нас Благица Ласовска.

Голем поздрав и до поранешните пратеници. Голем поздрав и благодарност на сите членови, сипматизери на ВМРО-ДПМНЕ кои што се дел од Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани, Патриотскиот институт, општинскиот комитет, месните комитети. 

И голем поздрав до штипјани кои што овде се вечерва со нас. Ви благодарам, што не мотивирате и што ни давате сила и енергија да се бориме за Македонија, за Штип, за ВМРО-ДПМНЕ, и за вас.

Штип бил честопати во минатото предвесник на многу работи и за првпат тие работи се случувале и започнувале токму овде во Штип. И претпоставувам дека многумина очекуваат од мене еден политички говор кој што ќе изобилува со критика, стереотипи, клише на нешто што е секојдневие овде во Штип но и низ цела Македонија на една неспособност, неработа би рекол многу надминост, но јас денеска одлучив, а така ќе биде и во текот на оваа кампања за локалните избори да направам еден поинаков почеток во моето обраќање до Вас. И седнав вчера и напишав едно писмо до идниот градоначалник на Штип, а тоа е Иван Јорданов. Ќе ми дозволите да го прочитам тоа писмо на глас, овде пред Вас.

(Писмо до идниот градоначалник, Штип- 22 август 2021 година)

Во блиското Ново Село велат и татнежите на реката Отиња значеле истрели од куршуми. Што само потврдува колку бурна историја е напишана во овој историски предел на камен, сонце и страдање на нашиот народ.

Ако Македонија била маченица низ вековите, тогаш Штип било нејзиното пркосно срце кое силно чукало за нашата слобода, за заедничката иднина.

Колку голема била љубовта на штипјанецот од Ново Село Тодор Александров кон својата татковина, за да може да го победи како очајот, така и тешката болест на неговите ослабени гради и да вдахне вера кај цел еден народ, да го исправи одново на нозе и да биде подготвен за борба? Каква голема човечка особина и каква железна енергија е потребна да го поведеш одново еден осакатен народ по толку преживеани катастрофи. Факт е дека Тодор Александров во тој однос е единствениот историски пример, но и паметник кој кажува какви обврски имаме кон нашата земја и во таа смисла пред нас самите.

Во Штип е роден и Емануел Чучков кој е еден од активните учесници на президиумот на АСНОМ, како и генералот Михајло Апостолски кои се луѓе со активна верба во вредностите на нашата државност, слободарска мисла и дострел.

Ацо Шопов кој е бисерот на нашата најбогата поезија, која со моќта на македонскиот збор ги коваше синтагмите кои го сочинуваат нашиот уникатен јазичен идентитет, или пак Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил, како и Никола Кљусев, Киро Глигоров, родени штипјани кои ги поставуваа темелите на независноста, го крепеа духот на народот и со својата мудрост ги решаваа проблемите кои се издигнуваа над остварувањето на нашиот сон за своја држава.

Секој еден од тие титани беше единствен не само во својата татковина туку и во светот. А, такви луѓе во историјата не се повторуваат. Ете зошто е толку голема почитта за овие луѓе.

Иване!!!

Не ги споменувам овие имиња за да предизвикам некаква наивна емоција, туку да ти предочам каков само габаритот на Штип, Македонија и обврската да се служи на народот. Одговорноста кон овие имиња и нивното дело е огромна, но и одговорноста е за сегашноста и иднината е уште поголема,

А, каква е реалноста и сегашноста во пресрет на овие избори.

Народот е длабоко разочаран од политичарите.

Политиката се претвори во една нечовечка арена на бескрупулозна игра, на подмолни удари, местенки, процеси. 

На еден континуитет на патење, без резултати.

На едно сеопшто валкање на секој и на секого.

На една мачнина кај луѓето кај кои, кога ќе се спомне политика се чувствува бодеж во стомакот и чувство на гадење.

Сакаат да ве направат аполитични, за да ве направат незаинтересирани за моментите кога се одлучува за вашата иднина, исполнети со една суптилна, но многу гласна порака и заклучок дека сите се исти.

Тој впечаток дека сите сме исти е клучот за пеколот за да тие продолжат да владеат, и во исто време да ја крадат нашата заедничка иднина.

Тоа се оние пораки кои го принудуваат народот да си мисли „крадеа претходните, крадат и овие“. Епа не е нормално така!

И јас како и секој еден нормален човек со чувство на гадење гледам на политиката за жал во Македонија, но надополнето со едно друго длабоко и јасно чвуство дека не сме сите исти и дека на нас, на оваа генерација Иване е товарот да ги промениме работите. И да кажеме доста беше!

1. Доста беше од некадарни партиски паразити на власта да ги фаќаат местата на способните во општините и државната администрација. Да направиш Иване способна и професионална администрација на компетентни луѓе кои ќе одговораат на потребите на граѓаните. Избери ги најдобрите, така ќе имаш резултати.

2. Доста беше од локални бизнис моќници, и новокомпонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните.

И таквата брза заработувачка прави да имаме денес градоначалници кои станале кметови одлепени од народот затоа што канцелариите им се полни со куферчиња пари за брзи маркици за градба.

Затоа најчесто таквите градоначалници од власта ги викаат со популарно име „комшии“, кои што во секоја нова зграда, ако претходно не заиграло куферчето пари добиле нов стан, а колку повеќе згради толку повеќе и станови.

Затоа Иване кога ќе ти дојде некој таков веднаш да го избркаш така силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег, и да го поздравиш со пријава до полиција. За памет да не им текне на сите идни да ти се доближат со такви идеи.

3. Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Кога ќе се гради, треба да се гради паметно и со план за иднината. А, од зеленило, дрва, паркови никогаш доста. Мора Иване да ги има повеќе.

Природата е нешто што е трајна вредност. Нови паркови, нови велосипедски патеки, пристапни влезови, зелен и хуман град.

4. Да посветиш Иване внимание на лицата со посебни потреби. Тоа се исклучително интелегентни луѓе, а ние нашето внимание не смееме да го штедиме. Нашата држава си поигрува со нивната тешка судбина, ти треба да бидеш нивниот глас за нивните права.

5. Кон трошењето на парите во општината мора да имаш пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста е расипништво какво што гледаме денес. Службени ручеци, гозби, на државна сметка платени од гладниот народ. На секој ставен залак Иване на уста на сметка на граѓаните, знај дека има пола милион луѓе во државава што живеат во потполн глад. Запамети го ова. Биди хуман, помагај. Решавај проблеми.

6. За 4 години не смее да има урбано место кое нема да има канализација, водовод кој се гради за да има пристојни услови за живот. А, не како сега. Кофите на рамо по свежа вода, ама важно полна им е устата со Европа, а недела го прогласиле за неработен ден, во услови кога 60 илјади наши сограѓани останаа без работа.

Четири години нов автопат нема изградено, освен оние кои ги наследија од ввремето на ВМРО-ДПМНЕ. Не смее да има поголемо населено место без нов асфалт. Потребни се конекции помеѓу населените места.

7. Денес илјадници луѓе остануваат без работа, а градоначалниците на власта ги штитат газдите кои немилосрдно печалат на трудот на работниците, додека работникот е незаштитен. Мора да се бориш за секое работно место, и да носиш нови инвестиции. Нов елан, народот да почувствува нова енергија и да бидеш заштитник и двигател на развојот на економијата.

8. Мора Иване да бидеш транспарентен и достапен. Да не се случи како сегашната власт само да се гледаат градоначалниците по ток шоу емисии или по кафеани и ресторани. Работа не чека, а ние ќе ја имаме одговорноста.

9. Се што ќе ветиш, да оствариш, и да работиш повеќе од тоа за да исполниш и повеќе од ветеното.

10. На крај, Иване најважното, твојот противник и актуелен градоначалник во една емисија се поистовети себеси со ГОСПОД. Немој да заборавиш никогаш, никогаш, ама баш никогаш немој да заборавиш, ти му служиш на народот, а не тој тебе, и не си Господ. Далеку од тоа. Треба да бидеш слуга на народот, на својот град, на својата татковина. И никогаш да не ги разочараш штипјани и Македонија.

Само така, ќе го исполниме нашиот сон Иване, нашата визија на поврзани градови, на хумани и зелени средини. Само така ќе стане и достижен европскиот сон за Македонија.

Ти и секој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги запаметите овие работи.

Драги штипјани,

Драги пријатели,

Штип се развиваше, Штип се градеше до пред четири години, за тоа што го имаше Илчо Захариев.

Штип ќе се развива и Штип ќе се гради за тоа што од 17-ти октомври ќе го има Иван Јорданов.

Во една прилика Илчо ми кажа дека светот Христијан останува на младите. А, јас ќе му помогам на Иван како на мое дете. А, јас пак Иван го знам од мали нозе. Чесен и вреден, со искрен жар за помош и докажување.

Штип го има најдоброто решение за ново поглавје, за промени и силни скокови напред. ВМРО ќе победи и во Штип, зошто Штип е ветерот на промените, предвесникот на најдобрите времиња кои доаѓаат. Да си ги решиме прво проблемите дома, да градиме мостови, да ја поддржиме културата, спортот, младите така и огништата повторно ќе засветат. Ќе обезбедиме иднина за нашите деца, зошто нели од секогаш и засекогаш Македонија е за сите луѓе. Заеднички да ја отпочнеме новата етапа, новото поглавје од развојот на Македонија. Високо кренати главите, и да се бориме за своите домови и за нашата иднина. За секој еден од вас почитувани, одлучува.

За победа, за Штип за нашата Македонија, и заедно да славиме на 17-ти октомври!

Да сте ми здрави и живи! И заедно со победникот на идните локални избори, идниот градски татко Иван Јорданов.

 

Последни новости