fbpx

Говори

Најбројната победничка коалиција „За обнова на Македонија“ ќе ги испрати во пензија политичарите кои го разочараа народот и донесоа криминал

Интегрален текст од говор на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани претседатели и претставници на политичките партии и група избирачи од победничката Коалиција на овие избори, Коалицијата за Обнова на Македонија,

Денес имаме чест да ја претставиме најбројната победничка Коалиција за Обнова на Македонија која ќе настапи на претстојните парламентарни избори и ќе ја формира идната влада. Ние се обединуваме околу заедничка платформа, вредности и принципи во кои веруваме. Затоа што самото име на Коалицијата кажува дека она што во овој момент и е најнеопходно на нашата татковина е токму обновата.

Обновата не е само слогани или пак политичка фраза, туку суштина и вредност која мораме да ја исполниме затоа што тоа е насушна потреба на држава која е западната во тешка криза, разурнати вредности, и сериозно разнишани институции. Како Коалиција имаме одговорност пред нас самите да работиме напорно за постигнување на резултати кои ќе донесат подобра иднина и поголема сигурност за сите во државата, но пред се имаме одговорност кон граѓаните кои во нас гледаат надеж за подобри времиња.

Мора да се издигнеме над сивилото кое ни ја дава денешната слика за политиката и политичарите во Македонија, ние мора да наметнуваме нови вредности, нови принципи и нов начин на делување. Народот е презаситен од секојдневни партиски пресметки, преписки, во докажувања кој е полош, во говорења за проблеми без решенија и во наметнување на тезата дека сите се исти. Јас како политичар, а верувам и ние како Коалиција за обнова на Македонија мораме да покажеме дека може подобро и мораме поинаку. Одбивам партиски да се пресметувам, да говорам само за проблеми, затоа што во исто време ќе критикувам, но и ќе нудам решенија. Со зборови нема да кажувам колку сме различни од власта и СДСМ, туку со дела ќе ја направиме разликата од кои најголема корист ќе имаат токму граѓаните. Токму затоа сите реформи,сите заложби, принципи и вредности околу кои се обединуваме можеме да ги обединиме под името на еден значаен проект кој се нарекува обнова на Македонија.

Сите заедно се обединуваме и ветуваме макотрпна работа околу ветувањата кои ќе донесат повеќе резултати за секого. Повеќе за работниците, повеќе за невработените, повеќе за бизнисот, за младите, пензионерите, земјоделците, повеќе за социјално ранливите категории на граѓани. Ова е коалиција која ќе ја има најтешката задача досега во овие 29 години независност да ја обнови секоја разурната клетка во општеството чија криминализираност расте, декаденција која се продлабочува.

Лесно е да се направи разлика помеѓу владејачка коалиција за владеење на криминалот и нашата коалиција за обнова. Но она што нас не чека е работа.

Македонија мора да си ги врати своите чеда во своите домови, но и да обезбеди подобри услови на тие кои веќе се тука. Затоа ни е потребна економија. А економијата ќе значи зголемени плати за 25 проценти повеќе, пониски даноци, рамен данок од 8%, капитални инвестиции кои ќе бидат секоја година најмалку 90% реализирани од тоа што било испланирано, зголемени пензии за 20 отсто. Обнова која ќе донесе индустријализација на економијата, но и странски и домашни инвестиции од најмалку 4милијарди евра. Нам ни треба обнова која ќе обезбеди 20 % повисока плата за вработените во здравството, достоинство за универзитетскиот кадар и 100 илјади денари плата за редовните професори, почитување на колективниот договор за повисоки плати во основното и средното образование. Македонија мора конечно да се гасифицира што ќе значи гас до секој дом и бесплатен приклучок за гас на секое семејство, енергетска обнова на домовите за што државата ќе покрие 50% од трошоците, и исто толку ќе инвестира во купување на сончеви колектори. Воедно нам ни треба обнова во која здравството ќе го кренеме на вистинското потребно ниво и ќе изградиме мрежа од 4 клинички центри во земјава и ќе обезбедиме нулта толеранција кон корупцијата. Здравство насочено кон граѓанинот, а не кон приватните бизнис интереси. Ова е коалиција која ќе ја предводи обновата која мора да ги реконструира сите регионални патишта во државава или најмалку 1000 километри патишта со нов асфалт и ќе овозможиме ново автопатско поврзување на Велес, Прилеп со Битола,со што од Скопје до Битола ќе се стигне за час и половина, коалиција која ќе изгради нови експресни и брзи патишта. Мораме да инвестираме и во човечкиот потенцијал и да бараме професионализам. Македонија има премногу одговорни позиции водени од неодговорни луѓе и тоа мора да се промени.

За да го постигнеме сето ова мора работа, многу работа и посветеност.

Почитувани,

Знам дека во периодот пред изборите е време кога се ветува се и сешто, ќе чуете се и сешто. Ќе ви велат дека можеле повеќе, а знаете дека не можат апсолутно ништо. И сосема оправдано огромен дел од граѓаните чувствуваат апатија и мачнина од она што го има на политичката сцена. Тоа е така затоа што народот е премногу разочаран и тешко може да ја забележи разликата, се додека не добијат шанса вистинските за таа работа. И затоа секој од граѓаните треба да се запраша кому би му ја довериле довербата кому би му ја дале шансата да ја поправи вашата куќа,вашиот дом? Оние кои скапо се рекламираат, а немаат никакви резултати зад себе, кои премногу ветуваат, а ништо не прават, и е докажано дека не умеат или оние кои нудат обнова, имаат нови луѓе, тука се со идеја, кауза и срце, и кои заслужуваат шанса затоа што сакаат да ја оправдаат довербата. Нова генерација која допрва ќе каже што знае и што умее. А довербата од граѓаните е најтешката обврска која може еден човек да ја прифати, затоа што таа е одговорност мора потоа и да се исполни.

Идната победничка Коалиција значи обединување околу идеја, цел и кауза каде врвниот интерес е иднината на Македонија. Претставниците на политичките партии денес присутни се тука затоа што веруваат во заедничката иднина, и вистински ја сакаат Македонија, и покрај сите привилегии и подмитливи понуди кои може да стигнат од една корумпирана влада во заминување како актуелната, тие останаа, беа истрајни и препознаа квалитет во идната коалиција, која ќе ја донесе обновата. И јас на секој еден од вас се заблагодарувам за изразената поддршка и лојалност, која пред се е лојалност кон нашата заедничка држава Република Македонија и лојалност и грижа за граѓаните. Ова е најбројната Коалиција околу која се обединуваат Македонците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, Коалиција на работниците, средната класа, на земјоделците, стопанството, невработените, сиромашните, на оние кои сакаат промени. А воедно во име на таа обнова ги повикувам и останатите граѓани, Албанците, Египќаните и сите останати да поддржат обнова која ќе значи подобар живот, повеќе за секого, повеќе пари, повеќе економија, повеќе иднина, повеќе инвестиции, повеќе решени проблеми, повеќе остварени ветувања.

Не е живот ова што денес го имаме, ова е неуспешна приказна на малкумина кои поради сопствени интереси и бегство од одговорност држат под заложништво цела една држава. Но секој почеток има и свој крај, а нивниот доаѓа набрзо. Ова блокот за обнова кој ќе испрати во пензија политичари кои го разочараа народот и ќе донесе повеќе за секого. Тоа им го ветив на сите луѓе кои ме поддржуваат од првиот ден, на оние кој веруваат во нас, и оние кои се колебаат, а стојам пред нив и им велам заедно ќе успееме.

Денес и официјално со Коалицијата за Обнова, која е коалиција на обичниот народ кој сака промени, го започнуваме финалето на една битка за подобар живот во кој секој глас е важен. Победата е извесна, а она што доаѓа по неа се вистинските промени кон подобро кои ќе донесат повеќе за секого. Вистински бум од работа, вистински бум резултати кои ќе донесат европска иднина тука во нашите домови.

Оваа коалиција за обнова, коалиција за надеж, верба и вредности која што умее и ќе го испорача тоа. Македонија може повеќе за секого, и обновата ќе победи.

Последни новости