fbpx

Говори

Патот кои вие го одбравте не одведе во рекет и криминал, време е за обнова на Македонија

Интегрален текст од говор – Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 6

Почитуван претседателе на ВМРО-ДПМНЕ, господин Христијан Мицкоски,

Почитувани членови на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани мои сопартијци и коалициони партнери,

Изминативе три години, кога зборував од говорницата на Собранието на Република Македонија, се обраќав најпрво до македонската јавност и чувствував голема одговорност за секој искажан збор таму.

Денес, се обраќам пред најголемите мои поддржувачи, но во истовреме и критичари, и искрено не верував дека ова за мене ќе биде навистина потешко и ќе ми предизвика толку емоции и голема трема.

Најпрво, се заблагодарувам на сите за изминатиов тежок период кој заедно го поминавме и од кој заедно излеговме уште посилни, посплотени и најподготвени за изборната победа која ни претстои.

Да се биде успешен, значи многу работа, посветеност и никогаш откажување. Да се биде успешна, значи многу работа, посветеност и никогаш откажување.

Ова го кажувам, затоа што за мене не постои разлика, кога се мисли на себевложување. Жена или маж, одговорноста и довербата кои ги добивме за претстојните избори ние шест носители на пратеничките листи, значат уште поголем наш заеднички ангажман, уште поголема мотивираност и секако најголема желба да се порази најголемото зло што ја снајде Република Македонија за изминативе три години владеење на СДСМ.

Пред нас е период во кој секој еден од нас треба да сфати дека на Македонија и’ е потребен спас. Тој спас можеме само ние да го донесеме, не затоа што сме најголемата политичка организација во државава, туку затоа што знаеме да ја сакаме својата држава и својот народ и затоа мораме да докажеме дека ние навистина можеме да ја спасиме Македонија од натамошно нејзино уништување.

Нашата победа на 12 – ти април ќе го заврши поглавјето на криминал и корупција и ќе го започне процесот на обнова на Македонија. Обнова од темели, зашто до темели ни го срушија достоинството, зашто до темели ни ја срушија економијата и зашто до темели ни го уништија гнездото.

Сакам да искажам и огромна благодарност до сите колеги од изминатиот мандат и да им ветам дека ќе продолжиме со истото темпо и истиот елан. Се’ е минливо и менливо во животот. Остануваат само делата да зборуваат за секој еден од нас. Дали тоа ќе бидат добри дела, оставаме на историјата тоа да го запише и сочува. Факт е дека изминатиот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата доживеа и издржа многу, а за паметење, за вечно паметење е дека 39 горди и достоинствени пратеници останавме до крајот во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Не’ чека многу работа до 12 – ти април, но уште повеќе после 12 – ти април. Затоа, да го започнеме силно и храбро нашиот пат до победата и да не застанеме тука. Патот до победата и после неа е патот кој ќе го изоди цело ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нашите коалициони партнери, и секако со нашиот лидер и иден премиер – проф. Д-р. Христијан Мицкоски.

И сосема за крај, на оние кои се декларираат дека се на прав пат, имам само едно да им порачам: „Патот кој вие го избравте не’ одведе во рекет и криминал. Ја згрешивте трасата уште на самиот старт, ама не ја исправивте ниту до самиот крај. Затоа, време е за обнова на Македонија со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“!

Да сме живи и здрави и сите заедно да ја донесеме победата за обнова на Македонија на 12 – ти април!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Република Македонија!

Последни новости