fbpx

Говори

Во 2021 година ќе продолжиме да тонеме во корупција, задолжување и непродуктивни трошоци и мерки кои нема да ја подигнат економијата

 Говор на Никола Мицевски, Координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

Почитувани,

                  Пред нас е Буџет за 2021 година. После кризната од здравствен и економски аспект 2020 година, новата година треба да донесе рестарт и враќање на секојдневниот живот во нормала. Но, желбите се едно, а можностите се друго, па така и со овој Буџет којшто власта го предлага само поради обврската истиот да се изгласа до крајот на оваа година, а не дека истиот ќе биде реализиран. Тоа ќе го докажеме на првиот ребаланс кога ќе го правиме а шампиони сте за тие работи.

                  Македонија ја привршува 2020 година како најлоша година за економијата, а тоа не велам јас тоа не го коментира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа го кажуваат фактите. Тоа што 2020 година завршува, не значи дека проблемите во 2021 ќе изостанат, особено што имаме Влада која нема стратегија. Ќе се задржам на одредени сегменти, ќе пробам да ги продискутирам затоа што навистина од она што го ветувате до она што го реализирате има голема разлика а фактите стојат пред нас.

  • Имаме поголем пад на економија за 2020 година од очекуваниот. Падот нема да биде 3,4% согласно првичниот Ребаланс, но нема да биде ни 4,4% како вториот Ребаланс. Падот на БДП ќе е многу поголем и ќе биде близок до предвидувањата на ММФ за кој што велевте нема да се случи и тоа се планира да биде некаде на минус 5,4%. За првите 9 месеци падот на економијата е 5,9% во однос на истиот период од 2019 година. Падот во Србија според ММФ се очекува да биде 2,5%, а во Бугарија 4% а кај нас 5,4 %. Гледајќи ги проценките на Владата за 2020 година и моменталната состојба заклучокот е,она што го кажувавме цело време дека се згреши во проценките, а милијардата што ја потрошија за економските мерки не ги даде резултатите кои ги очекуваа.

                  Индексот на индустриско производство во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година изнесува 94,8, односно пад од 5%. Најголем пад има во дејностите производство на прехранбени производи, тутунски производи, кожа, хемикалии и хемиски производи, други неметални минерални производи. За првите десет месеци индустриското производство има пад од 11,3% во однос на минатата година. Ако се задржи трендот и во ноември и декември, падот и во последниот квартал ќе е неминовен. Во 2021 година можеби нема да има вакви падови, но растот што се очекува нема да биде доволен за да се покрие 2020 година. Во најдобар случај ќе ни требаат две години за да се вратиме на нивото пред кризата. Власта нема план или стратегија за поддршка и рестартирање на економијата, туку само реклами и финансиски заеми (а не грантови) кои што претставуваат задолжувања и кои што ги плаќаат граѓаните на Македонија. Индустриските капацитети во Македонија не гледаат долгорочни решенија, туку ад хок мерки од ден за ден.

  • Во делот со јавниот долг. Заклучно со 30.09.2020 јавниот долг на Република Македонија е на ниво од 6,57 милијарди евра, односно 60,7%. Од почетокот на годината до крај на третиот квартал јавниот долг пораснал за над 1 милијарда евра. Ова ниво во апсолутен и релативен износ е историски највисоко досега. Владата во фискалната стратегија за периодот 2021 – 23 нема објавено колку ќе изнесува јавниот долг во овие години и како планира истиот да го намали со цел креирање на фискални амортизери во случај на понатамошни предизвици. Согласно со проекциите на МФ на крајот на 2020 година јавниот долг ќе изнесува 60,8%. Ова предвидување е под претпоставка ако се реализира предвидувањето на МФ за економски пад од 4,4%. Меѓутоа гледаме дека тоа ќе биде уште поголемо. Според најновата Стратегија за управување со јавен долг идната година и во 2022 година јавниот долг ќе биде 65%, но познавајќи ги капацитетите на власта нема да сме изненадени дека и тоа ниво ќе го надминат. За враќање на јавниот долг на ниво под 60%, може да се надеваме во 2025 година, но и тоа ќе е дел од низата лажни ветувања на оваа старо нова Влада.
  • Буџетскиот дефицит за првите девет месеци изнесува 583 милиони евра, од кои во првите три месеци бил 120 милиони евра, период во која сеуште немаше рестрикции поради корана кризата и датумот за избори не беше одложен. Значи во период кога ја немаме корона кризата се задолжувате а велите дека сите задолжувања ги правите само по однос на корона кризата и замислете првиот квартал поминал со 120 милиони евра задолжувања. До крајот на годината, буџетскиот дефицит се очекува да изнесува рекордни 920 милиони евра. Владата планира во последните три месеци од 2020 година просечниот месечен буџетски дефицит да биде 56 милиони евра, односно до крајот на годината да потроши речиси 170 милиони евра повеќе отколку што ќе прибере. 170 милиони евра пари на буџетските обврзници во Македонија.

                  Со Предлог Буџетот за 2021 година буџетскиот дефицит се планира да изнесува над 560 милиони евра, односно 4,9% од БДП. Ваквото предвидување во релативен износ може да испадне за жал неточно, а буџетскиот дефицит поголем од предвиденото. Прво вкупните приходи со Буџетот се планираат да бидат повисоки за 8,3% во однос на актуелниот ребаланс, што звучи добро, но е тешко остварливо. При очекуван економскиот раст од 4,1%, а стапката на инфлација околу 1,5%, односно вкупно 5,6%, во услови на непроменет даночен систем, е нереално да се стигне до толку драстично зголемени приходи. Објаснувањето на Владата е дека сузбивањето на сивата економија ќе биде доволно за ваков раст на приходите. Повеќе од јасно е дека приходната страна нема да се реализира, но исто така е јасно дека власта нема капацитет за реализација на капитални инвестиции од страната на јавните расходи, па традиционалното потфрлање на тоа поле ќе допринесе за буџетскиот дефицит да изнесува „само“ 560 милиони евра. Втора причина за тоа дека буџетскиот дефицит можеби ќе биде над 5% од БДП е тоа што износот на БДП што го планираат за идната година нема да го остварат.

  • Бројот на невработени лица расте драстично. Бидејќи нема многу време нема да се задржувам на овој дел иако знаете дека бројот на невработени лица за само 10 месеци е зголемен за 50 000 илјади лица во наредниот период се очекува дополнително зголемување на овој број односно на бројот на невработени.

Кој што не претставува само број туку тоа се живи граѓани на Република Македонија.

  • Падот на продуктивноста е еден од најголемите проблеми со кој што се соочува оваа Влада. Свесни сте дека продуктивноста која што ја имаме односно вкупната продуктивност за разлика од држави соседни држави на Република Македонија е многу помал и тоа е нешто на што треба да се работи во наредниот период.
  • Капиталните расходи за 10 месеци изнесуваат 151 милиони евра, односно реализацијата за 10 месеци изнесува 48,6% од Ребалансот на Буџетот во време на вонредна состојба, Владата направи Ребаланс. Во однос на првично планираниот Буџет реализацијата на капиталните расходи изнесува 39%. И можам слободно да ве прогласам за шампиони за нереализација на капитални расходи затоа што бројките покажуваат секогаш кога СДСМ е на власт бројките односно реализацијата на капиталните расходи кои ја придвижуваат економијата е катастрофално лошо. за Да годинава ја имаме најслабата реализација и најслабо зафатените средства од вкупниот буџет кој што изнесуваат 9,28%. Во кризните 2008 и 2009 изнесувале 16% и 17,5%, а во последниот Буџет кој го предложила Влада на ВМРО – ДПМНЕ имало недостижни 13% капитални расходи во однос на целиот Буџет. По овие бројки се гледа односот на владеачките гарнитури кон државата, но и вложувањето во идниот развој на истата.
  • Во текот на својот мандат старото – новото мнозинство водеше неизвесна даночна политика и притоа беа фокусирани на покачување на давачките. Во својот минат мандат воведоа прогресивен данок на доход со стапка 80% повисока од основната, 10% и 18%. По неполна година ваквата грешка пробаа да ја корегираат, со тоа што ја одложија примената за 2023 година. Министерката Нина Ангеловска по само два месеци откако дојде на чело на МФ одржа прес конференција за тоа колку губи македонската економија со ваквиот предлог. Покрај овој данок, СДСМ на два пати ја зголеми акцизата и тоа првиот пат само за нафтата (3,54 денари), а вториот пат на почетокот на здравствената криза за 3,54 денари за сите видови гориво. За потсетување, воведениот прогресивен данок на личен доход беше донесен на еден месец од почетокот на неговата примена, а со измени во Законот за данок на добивка на неколку денови пред новата фискална година се воведоа сериозни измени на товар на правните лица. Во неколку наврати стопанските комори протестираа поради неизвесната даночна политика на власта. Во својата програма мнозинството најавува покачување на даноците со следните реченици

                  „Ќе се отвори процес на разговори за даночниот систем во поглед на соодносот меѓу директните и индиректните даноци, односно за соодносот на оданочување на имотот, доходот и потрошувачката според примерот на развиените земји и спецификите на нашата економија. Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивно оданочување на вкупните лични приходи, по претходно осмислен систем на прогресивно оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална анализа и јавна дебата, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз“.

                  Со ваквата најава се внесува неизвесност кај економските субјекти и се одвраќаат потенцијални инвеститори со оглед дека крајниот исход е непредвидлив и сериозно може да влијае врз одлуката за инвестирање.

                  Од 24.11.2020, Заев преку интервју најави зголемување и на данокот на имот, а во Буџетот за 2021 воопшто не е наведено дека се размислува за таков чекор.

                  Во поглед на неизвесноста треба да се напомене и дека СДСМ ја зголемуваше минималната плата на само неколку месеци пред стапување во сила на новиот минимален праг, додека во време на ВМРО – ДПМНЕ, покачувањето на минималната плата беше однапред предвидено за неколку години. Ваквите промени доведоа до тоа да затворат неколку текстилни компании.

  • Втор квартал по ред Македонија бележи нето-одлив на СДИ! Во вториот квартал од 2020 година беше забележан нето-одлив на странски инвестиции од -9.3 милиони евра, додека во третиот квартал нето-одлив од -5.4 милиони евра, или вкупно во последните два квартали од почетокот на кризата -14.7 милиони евра нето-одлив на СДИ. Податоците за Бугарија покажуваат прилив на СДИ во вториот квартал од годината од 143 милиони евра, додека цели 465 милиони евра во третиот квартал, или вкупно 638 милиони евра во последните два кваратали од 2020 година. Србија во истиот период бележи уште поголем приливна СДИ. Имено, во вториот квартал е забележан прилив од 650 милиони евра, додека 277 милиони евра во третиот квартал, што значи 930 милиони евра приливна СДИ во период от од почетокот на кризата.

                  Тоа се фактите за 2020 година, но и очекувањата за 2021 година. Овој Предлог Буџет за 2021 година нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, зголемени пензии, зголемени стипендии, мерки за почист воздух, гасификација, амбулантни возила, нови автопати, изградба на железница и многу други проекти кои се на барање на граѓаните и проекти кои ќе имаат позитивен ефект врз македонската економија на среден и долг рок.

                  Нема да потсетувам за сите амандмани поднесени за здравството нема да ве потсетувам за амандманите кои што вие самите ги ветувавте за заштита на животната средина и спречување на загадувањето на воздухот заедно со загадување на воздухот заедно со невладиниот сектор и луѓето кои што навистина се грижат за ова пред кои имате дадено ветување и вие. Нема да ве потсетувам веќе по седми пат односно веќе по четврти откако сте на власт за интервентниот фонд за земјоделството и сите средства кои што ги планиравме за земјоделците и откупните центри кои што се јавуваат при откуп скоро на секој земјоделски производ. Нема да ве потсетувам за делот на образованието и она што сакавме да го донесеме за професорите и учениците кои што немаат можности. Во делот на транспортот срамота е да ве потсетувам веќе за вашите ветувања неизградба на автопатот Битола-Прилеп- Велес, Битола Меџитлија граничен премин, Кичево Битола изградба на локални патишта регионални патишта, продолжувањето со гасификацијата, меѓутоа она што би сакал да го кажам денес а за кое што ќе ве потсетам бидејќи денеска е моментот колегите од Прилеп, прилепските пратеници Ане Лашкоска и Петар Ристоски предложија амандман за обезбедување на 2,8 милиони евра за исплата на заостанатите придонеси на вработените во Еурокомпозит Прилеп. За ова нешто во 2019 година донесовте закон во Собранието на Република Македонија, а во буџетот за 2021 година не се предвидени средства за оваа намена. Истите вие кои што ги смирувавте овие граѓани и ветувавте дека после изборите ќе им бидат решени проблемите остануваат на улица и денеска се наоѓаат пред Собранието на Република Македонија протестираат но за жал нема кој да ги прими. Тоа се фактите, 2021 година нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, зголемени пензии, мерки за почист воздух, гасификација. Нема да донесе амбулантни возила, нови автопати, изградба на железнички и многу други проекти кои се на барање на граѓаните и проекти кои што ќе имаат позитивен ефект врз македонската економија на среден и долг рок.

                  Ќе продолжиме да тонеме во безидејноста, краткорочните популистички мерки, задолжувањето, максималното исцрпување на буџетот во непродуктивни трошоци, во мерки кои што нема да ја подигнат и помогнат економијата за 2021 година.

Последни новости