fbpx

Говори

Стојаноски до власта: Буџетот за 2021 година е неодржлив, да се прифатат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ кои значат стимулирање на економијата

Говор на собраниска расправа во Комисија за финасирање и буџет на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски

Почитувани присутни, почитувани медиуми, Министер.

Внимателно го слушав вашето експозе за буџетот за 2021 година кој го најавувате бомбастично како и сите мерки досега.

Рековте дека овој Буџет има три цели:

  • Поддршка на здравството
  • Поддршка на економијата
  • Системски реформи во правосудството и евроатланските интеграции.

Исто така рековте дека е Буџет за брз економски рестарт.

Реков дека ќе се служам со факти и бројки искомуницирани од вас, до тоа ќе се држам и во оваа дискусија.

Господине Министер, не мислам како Вас. Ова не е Буџет што ќе ги исполни овие цели, туку напротив ова е Буџет што дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја втурне државата во уште поголема сиромаштија и безперспективност. Неразвоен и креиран без концепт, нема јасна визија и е поставен на постулати кои се неодржливи. Креиран е стихијно, без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој на економијата. За жал и пред да започне годината морам да констатирам дека вака структуираниот Буџет е првата лага за 2021 година.

Ќе ви аргументирам дел по дел.

Прво самата содржина ви е контрадикторна. Велите Буџет за економска стабилност и забрзан раст, што едното со другото се спротиставени. Имено стабилноста и растот не се исти. Растот по суштина значи нестабилност.

Оваа година ќе го имаме најголемиот планиран буџет во историјата на Република Македонија од 4,2 милијарди евра.

Целиот Буџет е поставен врз очекувањето, оптимистичкото очекување на стивнувањето на пандемијата во првите три месеци од 2021 што треба да донесе раст на БДП и економско заздравување.

Проектираниот дефицит е 4,9%, а проектираната стапка на раст е 4,1% што е апсолутно неможно особено во посткризна година, тоа значи дека буџетскиот дефицит ќе биде поголем од растот на економијата и тоа значи дека нема да има финансиска консолидација на економијата, туку и во 2021 гдоина ќе имаме зголемување на јавниот долг на државата, нешто кое според кажувањата на вицепремиерот Битиќи наредната година може да дојде до блиску 70% од БДП.

Господине Министер растот од 4.1 процент во 2021 година е невозможен заради два фактора:

  • Дефлација – Луѓето трошат пари во согласност со очекуваниот просечен долгорочен приход, односно ќе трошат околку колку што заработуваат и онолку колку што ќе заработуваат во догледно време. Кризата погоди многу луѓе кои согласно овие текови ќе им треба доста време да се вратат на нормалната потрошувачка дури и нормализацијата да се случи преку ноќ, а нема да се случи.
  • Јавен долг – Наредната година ќе имаме бруто долг од над 1,5 милијарда евра, а нето долг од 567 милиони евра. Не создадовте продуктивни трошења, населението нема пари да троши, приватниот сектор е доволно погоден за да не инвестира, владата поради намалениот фискален простор и неспособноста неможе да инверстира доволно во капиталните инвестици, од каде тој раст ?

Концепиравте условно кажано затегнат буџет, кој и без никакво непредвидено трошење ќе биде половина милијарда во минус, а секогаш има дополнителни непредвидени трошења. И 2021 со сигурност ќе ја завшриме со дефицит над 900 милиони евра. Па така уште недонесен буџетот веќе зборуваме за ребаланс.

Приходите во Буџетот  во износ од 3.4 милијарди евра се посебна нереална и недостижна приказна.

За приходите реагираат и од економските и стопанските комори во Република Македонија. Едноставно овие проекции се нереални во време кога земјава се соочува со тешки последици од пандемијата. Многу од очекуваните приходи не можат да се спроведат во пракса. Нереални се очекувањата за обезбедување приходи од 3.5 милијарди евра во ситуација на незавршена пандемија, намален извоз на стоки и услуги, економската активност е забавена, намалена потрошувачка, безпарица.

Па така очекувате да соберете над 1.8 милијарди пари од даноци или 64% од вкупните приходи, што значи дека тука ќе се изврши невидена репресија врз даночните обврзници, ќе се казнува на секој чекор исто како што и полицијата сега казнува на секој чекор.Па така догодина за три пати ќе се зголеми данокот на имот за сите оние што поседуваат недвижности, како втор стан, куќа, деловен простор што не се живее во него, викендичка. Замислете владата планира да собере 236 милиони евра повеќе од даноци од минатата година!Приходот од казни се очекува да се зголеми за 8.1%. Сте вметнале и приход од потенцијална продажба на државни фирми и државно земјоделско земјиште. Основно правило е дека во криза не се оттуѓува имот поради помалата вредност, а втората теза е дека не можете да планирате приход од нешта за кои не знаете дали, ниту по која цена ќе се оттуѓат. Само овој аргумент ви ја руши целата проекција за приходите.

Во Буџетот зголемена е ставката за капитални инвестции и тоа не за 20%  како што најавивте во однос на вториот ребаланс, туку намалена е за 3,4% споредено со Буџетот за 2020 односно 820 милиони денари.  Тоа е помалку за 15 милиони евра од првично предвидените за 2020 година. Замолувам да не се манипилира со бројка.

Слабата реализација на капиталните инвестиции изминативе три години се покажа како ограничувачки фактор за растот на економијата. Ова поведение има репрекусии пред се врз загуба во економскиот раст но и врз обидите за зголемување на конкурентноста на макдонската економија. И тука не можете да се вадите на пандемијата бидејќи проблемот е во потенцијалот за нивната реализација и слабиот техничко - организациски аспект на владата за да ги реализира. Првото самото нивно планирање и реализација одат тешко.Капиталните инвестиции наместо да бидат мотор што ќе помогне во ревитализација на економијата тие се укотвен брод.

Тоа што имаме буџет од 4 милијарди евра значи дека треба да вложуваме повеќе од апсолутната сума во капитални инвестиции, а не помалку.

Исклучиво е важно да се реализираат капитални инвестици бидејќи тие заедно со дигатилзацијата и странските директни инвестиции се единствените контрибутори кои можат да ја избават Македонија од економското фијаско во кое што е западната. Но за жал од тоа што е наведено во буџетот морам да констатирам дека се работи за капитални инвестции кои се внесени неколку години, а за кој абер нема да се реализираат. Тие се инвестиции останати од времето на ВМРО –ДПМНЕ кои или не се почнати или се закочени во реализацијата. Клиничкиот центар во Ѓорче Петров веќе е заборавен.

Оваа ставка се користи само колку да се намали притисокот од јавноста и од стручната фела, а веќе на првиот ребаланс овие средства ќе бидат скратени за да има 5 и 6-ти пакет за помош, нели избори доаѓаат.

Странските директни инвестиции се друга приказна. Секаде во светот тие се бараат и се крерираат услови за нивно носење, само нашата влада ги намалува ставките за нив. Емануел Макрон лично се вклучи во телефонски разговори со инвеститори за да инвестираат во Франција и изработи план France Reboot од 100 милијарди евра за привлекување на странски инвестиции ама Зоран Заев и генијалците кои ја доведоа Македонија до економско фијаско ги кратат средствата. Само во последниов месец се раскинаа два договори со странски инвеститори.

Велат економски брз рестарт. Ајде да видиме што вели буџетот за нивниот брз економски рестарт. Ставката во програмата Д за економски развој се намалува за цели 17,41%.

Ставката во програмата Д5 за привлекување на СДИ во слободните економски зони се намалува за цели 38,67% или 563 милиони денари помалку, а ставката во програмата Д4 за Економска промоција се намалува за цели 37,50%. Еве ги розевите лаги на дело.

За животната средина намалени се средства од износ од 93 милиони денари помалку односно 9,5% од првично планираниот буџет за 2020 година. Во програмата С за унапредување на животната средина намалени се 6,7% или 21 милион помалку, а во категоријата за аерозагадување има 20 милиони денари помалку.Земјоделците ќе се соочат со една од потешките години досега, намалени се доста средства од програмите на Министерстовто за земјоделие и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Господине Министер велите дека еден од приоритетите во новиот Буџет е правосудството. Ајде да видиме. Имено, восудствотосте предвиделе 6,7 проценти помалку од планираниот буџет за 2020 година или 243 милиони денари помалку. За јавното обвинителство сте превиделе 8,4% или 80 милиони денари помалку. Ама тука веројатно сте мислеле дека ви е приоритет кога сте ја планирале ставката за привремени вработувања во Министерството за правда на Република Македонија каде ставката за привремени вработувања сте ја зголемиле за фантастични 190%.

Воедно најмало учество во вкупните расходи по Владини програми има Јакнење на владеењето на правото со 0,01%.

Велите приоритет се и Евроатланските интеграции. Ај да видиме во МНР каква е таа приоритетизација. За испомош во ДКП ставката ја имате намалено за 100%, за иселеништово 63%, за интеграција во НАТО сте намалиле 50%, ама за привремените вработувања сте зголемиле 211%. Веројатно ова е приоритетот.

Парите се трошат недомаќински за вдомување на партиски војници, за заситување на бизнис интереси,за купување гласови и за лично богатење. Тоа што недомаќински се трошат парите и што се стеснува фискалниот простор ни го намалува маневарот за здраствени мерки кои можат да спасат животи. На Македонија и е повеќе од потребен полициски час. Не е логично на 20 заболени дневно да имаме полициски час, а на илјадници не. Согласно експертите таквото делумно затворање би ја чинело Република Македонија 11 милиони евра месечно. Ние тие пари ги немаме бидејќи се трошат за богатење на елитата на СДСМ. Само за паралела Грција понуди помош од 3.3 милијарди евра на нејзиното стопанство. Ние нема да го заштитиме нашето населениепоради наравот на оваа влада која донесе економско фијаско.

Ставката за плати и надоместови за 2021 година е за над 24,5 милиони евра поголема од годинава. Ќе се потрошат близу 6 милиони евра повеќе за патни трошоци и за дневници. За греење, мобилни телефони и превоз владата на СДСМ и Заев ќе потроши 12 милиони евра повеќе од лани. За договорни услуги ќе се потрошата 72 милиони евра повеќе. Оваа година се зголемуваат и ставките за привремени вработувањаза 21%, набавка на нови возила. И со оглед дека знам дека ќе се обидете да ја извртите оваа теза декларативно ќе ви набројам дел каде се:

-претседателот Стево Пендаровски ќе потроши 1.000.000 денари за набавка на нови возила – ставка 486 .

-Владата на РМ ја зголемува ставката 427 – привремени вработувања за 19%.

-Министерство за политички систем ја зголемува ставката 483 – купување мебел за 200% .

- МНР ја зголемува ставката 427 – привремени вработувања за 211%.

- Министерството за финансии ја зголемува ставката 427 – приверемени вработувања за 34%.

- Министерството за економија ги зголемува ставките 427 – привремени вработувања за 1.500.000 денари и 486 – купување возила за 1.800.000 денари.

- Министерството за транспорт и врски ја зголемува ставката 427 – привремени вработувања за рекордни 1860% односно 7.350.000 милиони денари.

- Дирекција за технолошко индустриски развојни зони ја зголемува ставката 486 – купување на возила за 50%, УЈП за 66%.

- МТСП ја зголемува ставката 483 за купување на мебел за 148% а ставката 486 купување возила за 158%.

Нема да има лап топи за учениците и други ИТ помагала, ама затоа ќе има зголемување на ставката 483 купување на мебел во МИА за цели 240%.

Луѓе умираат по ходници, за брза помош возила ќе се бараат донации на фејсбук, здравствените работници ќе се борат голораки со вирусот, 50.000 луѓе се останати без работа, безброј ученици не следат настава затоа што не можат да си дозволат, фирми едвај врзуваат крај со крај, сиромаштијата галопирачки расте, бројот на бездомници е зголемен за 50%, а елитата на СДСМ и партиските војници дури и во време на луксуз не се откажуваат од привилегиите.

ВМРО – ДПМНЕ како во ребалнсот така и сега ќе учевствува во оваа расправа за буџетот со цел и желба да помогне.

Поднесовме 390 амандмани, а заедно со другите опозициони парламентарни партии имаме над 450. Во тие амандмани се водевме по три приоритети:

  • Заштита на здравјето на граѓаните
  • Вистинско стиумулирање на економијата преку капитални инвестиции и
  • Заштита на населението преку спречување на аерозагадувањето и загадувањето на животната средина.

Секој од овие амандмани произлегува од комуникација со граѓаните и со стручната јавност и секој од овие амандамни преставува излез од здравствено – економската криза во која е западната Република Македонија.

Сметам дека е поприоритетно да набавиме 50 амбулантни возила за потребите на медицинскиот персонал, од тоа да потрошиме 1.000.000 денари за набавка на возила за Стево Пенадровски. Многу е поважно да ги направиме ПЦР тестовите бесплатни од колку да се вработат партиски војници во Министерството за НР или МТИВ. Ајде охрабрете се и соберете сили за да обезбедиме средства за сите невработени медицински лица и тие веднаш да почнат со борбата со вирусот наместо да пикате луѓе во администрацијата.

Се надевам дека мнозинството ќе се охрабри и ќе дискутира за истите и за доброто на народот и граѓаните на Република Македонија ќе ги прифати.

Последни новости