23.08.2025

Мицкоски: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили ги решаваа проблемите, 4 години потоа највредна работа е што немаат ниту една афера зад себе со која ќе донесат срам

Почитувани присутни,

Драги пријатели,

Честа е огромна да се присуствува на политичкиот саем кој е одговор на прашањето што работеа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата последните 4 години. Тоа за нас претставува и огромна одговорност, затоа што не бегаме од сите наши решенија, од целата наша работа, и од проектите кои ги направиме изминатите 4 години.

Вредноста на една личност не се состои од зборовите, туку од делата, не од памфлетите, туку од енергијата вложена за постигнување на успех. Притоа образот и честа се најскапата работа која може да се задржи, и за која нема манипулации, лажења, ниту неискрен однос.

Поважно од се е стоечки, исправено и со гордо крената глава да кажеме дека поминавме низ еден тежок период каде во исто време ги вадевме општините од бездната во која беа, после едно долгогодишно запоставување и решававме проблеми на граѓаните. Од тие 4 години, 3 години секој еден градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаше централна влада која немаше слух и имаше поинакви и други приоритети на чија листа не беа локалните проблеми на граѓаните. Со сопствени сили, без партнерски однос со владата, општините и градоначалниците ги решаваа проблемите.

Минувавме сами, без помош каква треба да има од сопствената влада, низ секоја непогода, пожар, поплава, блокирани сметки какви затекнаа по последните локални избори,  измамени граѓани. Многу добро ги паметам часовите и часовите поминати во состаноци, наоѓање решенија, телефонирања од мојот кабинет за да помогнеме, да се премостат проблемите. Многумина помогнаа, многумина се заложија. 4 години подоцна можам да кажам дека одговоривте на дадената доверба, го задржавте вашиот образот, образот на ВМРО-ДПМНЕ И коалицијата пред граѓаните.

4 години потоа највредната работа е што немате ниту една афера зад себе, ниту еден криминален случај, и ниту една работа со која ќе донесете срам, кон партијата, кон вашите семејства и најважно пред граѓаните. Ова го споменувам бидејќи навиките и искуството од минатото говорат за огромната надменост, бахатост, многу криминални зделки која нанесуваа срам и голема дамка врз општините и неодговорност спрема граѓаните. Покажавме дека 4 години работиме за секој еден човек, и дека програмата која ја ветивме во најголем дел вие ја остваривте. Покажавте срце и енергија за вашите општини, со секоја промена која ја направивте. Ги вративте вашите општини на вистинскиот пат, патот на промените, инвестициите, на градењето паркови, улици, градинки, училишта. Одговорно и посветено. Работливо, без ветување на чуда, но со многу ентузијазам и сите атоми на енергија вложени за градење на подобра општина и обезбедување на подобра иднина. Најважно е што останавте луѓе врз кој можат да се потпрат граѓаните.

Запомнете, и тие што ќе ја добијат довербата повторно, останете човекот врз кој можат граѓаните да се потпрат. Нивниот глас, и нивната рака во општината. Борци за нивните права, за нивните решенија на проблемите. Мора да се имаме едни со други. И за секој еден збор што го кажувам подготвен сум да зборувам со дела, одговорно и со бројки.

Во изминативе 4 години изградивме и реконструиравме улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра.

Направени се 46,840 метри нови водоводи, изградени се канализации од должина над 91 илјади метри.

Изградени или во завршна фаза на градење 7 пазари од затворен тип.

Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици.

Во делот на образованието реконструирани и модернизирани се повеќе од  400 училишта. Поставени се фотоволтаици на поголем број на училиштата, обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и обезбедено е бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства во голем број на општини, со доградба и реконструкција на училиштатата се воведе и еднодневна сменска настава. Реконструирани и модернизирани се над 70 детски градинки, а новоизградени се неколку десетици градинки за оваа цел се инвестирани повеќе од една милијарда денари.

Завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта или детски рекреативни терени.

Изграден нов полузатворен градски пазар на површина од 1200 м2 со обезбедни паркинг места во Штип.

После долги години изграден е нов покриен пазар во Велес.

Во завршна фаза е изградбата на модерен градски пазар со простории за трговија, катна гаража и канцеларии во Радовиш.

Изградена е пречистителна станица за отпадни води во с. Видовиште со финансиска конструкција од околу 2 милиони денари.

Направена е изградба и реконструкција на 20тина повеќенаменски спортски и детски игралишта во општина Охрид.

Во општина Демир Хисар изградени се две игралишта за кошарка и тенис.

Во населба Илинден беше пуштен во употреба нов фудбалски терен.

Изградени се спортски центри во Стајковци, Хиподром, Инџиково и Идризово. Вкупната инвестиција изнесува над 15.000.000 денари во општина Гази Баба.

И во интерес на времето тука ќе запрам бидејќи можам да редам стотици и стотици проекти коишто во секоја една од општините се изработени. Има многу, многу вакви проекти за кои детално ќе говорат и градоначалниците во наредниот период.

А за тоа како изгледа поддршката на централната Влада на општините најдобро се гледа од инвестираните 500 милиони евра за капитални проекти за локален развој за општините. За само една година по преземањето на одговорноста на централната влада се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повици од кои на вториот повик имаше 887 од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти по општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи. Свесен сум и за сите недостатоци и големи потреби на граѓаните. Но, нашата работа е за секој еден граѓанин и навистина сум горд на постигнатото и на промените коишто ги правиме заедно.

Драги пријатели,

Прашањето кое го поставуваат и кое се однесува природно на тоа да кажеме од што сме незадоволни и има ли некоја грешка која беше направена во изминативе 4 години.

Верувајте кога ќе правите објективна анализа, секогаш е изговорот дека можело повеќе да се направи. И веројатно тоа е точно, но мора и да ги знаете часовите поминати во работа, но и тоа што нашите градоначалници беа апсолутна опозиција на централната Влада.

Веднаш ќе кажам дека друга грешка беше што веруваме дека некои луѓе ќе дадат многу повеќе од тоа што видовме. Тие луѓе иако сега не ја имаат нашата поддршка ниту се дел од нашата коалиција, свесен сум дека беа нашиот погрешен избор. И лекцијата морам да напоменам е научена. Жалам што за нив го вложив мојот личен кредибилитет, и колективно придонесовме да тие станат градоначалници. Не само што не ја оправдаа довербата која им ја дадовме, туку ги изневерија и нашите вредности кои сите останати градоначалници ги бранеа со работа и со дела изминатите 4 години. Но, секое искуство е драгоцено за да не се повтори грешката. И тоа нема да се повтори. Најважно е што сега одиме со сигурни кандидати и со сигурни луѓе кои непогрешливо ќе придонесат за развојот на општните и локалната самоуправа.

Сакам и да испратам и пораки и за следните локални избори. На овие избори е сосема извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и овие избори во најголем дел ќе се решат работите уште во првиот круг. Тука очекувам ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да издвојуваат победа во најголемиот дел од општините уште во првиот круг. И тоа го говорат анкетите но и нашето чувство кое го имаме изградено врз нашето искуство од комуникацијата со граѓаните. Но сакам да кажам дека секоја победа мора да се заслужи со работа и со чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција. Тоа значи дека ние мораме да ја сработиме победата и да не ги разочараме граѓаните. А ние, и јас како човек во животот не сме добиле ништо незаслужено. Затоа мора да се стисне секоја рака, да се побара поддршка од секој човек. Затоа што луѓето на Македонија заслужуваат шанса каква ќе понудиме и избор кој ќе биде вистинскиот. Тоа се луѓето кои ги нудиме за кандидати за градоначалници и по мое искрено верување идни градоначалници. Секој еден кандидат ќе биде вашиот човек во општината. Вашиот одговор за решавање на прашањата кои ги мачат граѓаните. И секој еден кандидат мора да се држи до вредностите и принципите кои се се во животот на еден човек. Моралниот кодекс подразбира секогаш да кревате телефон на граѓаните, да решавате проблеми и да создавате подобра иднина. Имаме многу работа што не чека.

Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар.

Градоначалникот мора да биде работлив, чесен и достоен – човек што ќе ја носи довербата не со зборови туку со дела.

Градоначалникот мора да биде секој ден со граѓаните – на улиците, маалата, меѓу луѓето. Прв да дојде на работа и последен да замине.

Градоначалникот мора да биде транспарентен – секоја потрошена пара да биде јасна, секоја одлука да биде за општото добро.

Градоначалникот мора да биде одговорен – затоа што секоја негова одлука го менува животот на илјадници луѓе.

Градоначалникот мора да биде човек со морален кодекс – чесност, правичност, скромност и трудољубивост.

И токму такви луѓе ни требаат. Не политичари што мислат на следниот изборен циклус, туку градоначалници што мислат на идните генерации. Не луѓе што ветуваат, туку луѓе што исполнуваат. Не оние што бегаат од проблемите, туку оние што ги решаваат проблемите.

Само со такви градоначалници ќе изградиме градови во кои ќе сакаме да живееме, општини со коишто ќе се гордееме, и иднина што ќе биде подобра од денешнината.

И само така ќе се направи разлика со оние кои во вашата општина и нашата Македонија ја однесоа во бездна. Секој еден човек во Македонија знае дека тие не се никаква алтернатива. Едноставно не се репер за она што сакаме заедно да го постигнеме. И затоа натпреварот наш ќе биде да ја поминеме летвичката која сега ја поставуваме. Без афери, без надмено, бахато однесување, со многу работа и многу труд. Без луксузирање туку со служење кон целите кои после 4 години работа мора да значат подобра општина и подобар живот за сите граѓани. Секое спротивно однесување ќе биде санкционирано, без двоумење и без потешкотија сите мора да знаат дека се еднакви пред законот и дека мора да се служи на народот.

Воедно свесен сум дека целата наша огромна желба да ја менуваме кон подобро Македонија ја знаат и нашите противници, кои веројатно уште не се вратени од долгите летни одмори. Можеби тие спијат на увото дека времето работи за нив, но ние работиме за народот и сè додека тоа е така уште долго тие ќе бидат таму каде што се во опозиција. Но тоа им создава нелагодност и нервоза. И наместо борба со идеи и борба на концепти за развој нивната борба ќе биде изобилие со негативна кампања, борба во лажење и многу, многу конструкции и манипулација. И во таа смисла, тие и нивните прокси играчи нема дно кое нема да го пробијат. Но тоа нас не прави спокојни дека сме на вистинскиот пат и нема да потклекнеме, ниту пак тој процес на понуда на Македонија која оди напред и е повторно на народот и на вистинската страна е нешто од кое ќе се откажеме, напротив ќе продолжиме да го водиме заедно тој процес.

И кога велам дека не се алтернатива, ние ќе се менуваме и надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните. Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. И затоа веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време на градење заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква генерации и генерации млади луѓе чекаат. Дека сме на тој пат говорат и бројките од макроекономијата кои велат дека имаме зголемен извоз, зголемен БДП, раздвижена економија, раст на стопанството и времето на реално чувствување на овие резултати кај реалниот човек доаѓа. Не сум човек кој ги гледа работите од дистанца, и затоа промените во Владата ќе значат уште посилно темпо и уште поголеми заеднички успеси кои ќе оделотворат дека сме на правиот пат и граѓаните го направиле вистинскиот избор.

Воедно и нема да се заборави дека на овие избори ќе се направат и на површина ќе излезат сè уште живите непринципиелни коалиции на криминалот, корупцијата и личните интереси. Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во Владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго време ќе биде опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија СДС. Јас ќе бидам многу јасен и многу прецизен овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во владата, и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат. Македонија ќе им каже не на СДС и ДУИ и нема да се вратиме во минатото каде што здружно го грабаа РЕК, купуваа трговски центри среде Скопје, внучињата стануваа познати милионери, играа фудбалчиња по институциите, се удираа во гради дека владеат со Македонија а кога се смени владата усвет и мајка бежанија фатија за да не одговараат пред законот.

И кога зборуваме за чесност и за одговорност во политиката, мора да ја откриеме и вистината за валканите игри што се подготвуваат зад кулисите.

Повеќе од јасно е дека ДУИ и СДСМ имаат таен план, но не за народот, туку против народот. Тоа е сценарио мислено и координирано меѓу овие две партии – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз кој што доаѓа.

Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ – нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција. Коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори.

Ова се добро познати работи на кои сме навикнати од нив. Тоа се нивните матрици – манипулација, подметнувања, измами. И затоа велам дека не само што не се промениле СДСМ и ДУИ, туку тие сакаат да докажат дека и непроменети можат повторно да го прелажат народот. Но, народот е мудар, народот е искусен.

Тоа не е демократија, тоа е измама!

Тоа не е слобода, тоа е диктатура прикриена со изборни ливчиња.

Но сакам јавно да им порачам: за бадијала ви е! Народот ве прочита. Народот знае дека сте политички измамници, гробари на демократијата, слуги на криминалот и на своите лични привилегии. И токму затоа, колку повеќе магла создавате, толку посилна ќе биде светлината на нашата победа.

МАКЕДОНИЈА ВИ ПАМЕТИ.

МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ЗАБОРАВИ.

И МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВИ ДОКАЖЕ ДЕКА Е ПОСИЛНА ОД ВАС И ДЕКА НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА ЈА ПОТЦЕНУВА!

ВМРО-ДПМНЕ е гаранција дека овој народ ќе ја врати иднината во свои раце, дека ќе ја врати правдата и редот и дека ќе ја закопа токму таа длабока држава која 30 години ја гуши државата.

Затоа велам – да не дозволиме маглата да победи над вистината!

Да не дозволиме измамата да победи над правдата!

Ајде масовно, сите заедно, да ја обезбедиме победата на овие локални избори!   

И ние нема да чекаме изборите едноставно да дојдат, туку ќе излеземе со име и чест, со образ и понуда. Сакам да објавам дека партијата уште од понеделник го отпочнува процесот на пишување на програма за локалните избори. И на тие програми веќе работи тим од експерти на партијата, професори, експерти и луѓе од различни профили и со различни искуства. Но и ќе бидат вклучени граѓаните. Програмите за наредните локални избори кои се пишуваат ќе бидат одговорот на потребите за граѓаните и решенија за нивните проблеми. Ќе ги повикаме масовно да се вклучат во изработка на програмите и да предложат идеи, предлози, проекти или проблеми за кои ќе понудиме решенија. Тие програми нема да бидат памфлет, туку реален одговор за тоа што му е вистински потребно на народот. За таа цел граѓаните ќе може да предложат некоја идеја во отворените штабови на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата или на некој од штандовите кои ќе бидат на плоштадите низ градовите, или по електронски пат нa официјална електронска пошта која ќе биде јавно достапна. Акцијата која ќе се одвива во наредните денови под слоганот “Предложи! Вистинска идеја за вашата општина”, тоа значи да се одговори на вистинската потреба на граѓаните, да се чуе нивниот глас во политиките кои ќе донесат резултати во наредниот период. Да се направи вистинскиот избор. Заедно  можеме да победиме и заедно да изградиме иднина. Сите други детали од оваа акција ќе ги чуете на почетокот на следната седмица.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Овој политички саем кој е новина на политичката сцена и проектите кои ќе ги чуете во наредните денови е гаранција за тоа што подржуваме и што заедно ќе направиме многу повеќе од тоа што го направивме до сега.

Денес, мои сограѓани, стоиме пред еден избор кој нема да ја одреди само нашата сегашност, туку и иднината на нашите деца и идните генерации. Историјата нè учи дека најголемите промени никогаш не доаѓале лесно, но секогаш започнувале со една одлука, а тоа е  вистинската одлука.

Знам дека совршенство не постои. Совршените времиња никогаш нема да дојдат сами од себе. Но токму затоа, вистинската големина на еден народ е во тоа што и во тешкотиите, и во неправдите, и во пречките – не се откажува, туку продолжува да чекори. Македонија не е создадена за да се предава. Македонија е создадена за да се бори, за да победи, за да стои исправена и горда пред светот.

Борбата за нашата татковина мора да продолжи. Затоа што таа борба не е само политичка, туку и  човечка. Таа е морална. Таа е нашата должност. Ние сме должни да останеме на браникот на идејата за подобра Македонија. Ние сме должни да покажеме дека сме генерација која не се плаши од жртви, затоа што знае дека иднината вреди повеќе од удобноста на сегашноста.

Да, пред нас ќе има искушенија. Ќе има сомнежи, ќе има луѓе кои ќе се обидат да ја потценат нашата сила. Но секој пат кога некој ќе рече „не може“, ние ќе докажеме дека можело. Секој пат кога ќе речат „завршено е“, ние ќе започнеме одново. Секој пат кога ќе посакаат да нè свиткаат, ние ќе покажеме дека македонскиот дух не се крши.

Запомнете – нашата сила не е во поединецот, туку во заедништвото. Кога сме заедно, кога чекориме како еден, тогаш сме непобедливи. И тогаш, Македонија не е само земја на мапата – таа е симбол на верба, на победа, на борба.

Затоа, денес браќа и сестри ви велам: време е за вистинска одлука. Време е за вистински избор. Избор кој нема да биде лесен, но кој ќе биде исправен. Избор кој ќе ја испише историјата со златни букви.

И ако стоиме заедно, ако не се плашиме, ако веруваме – тогаш нема сила којашто ќе нè запре. Заедно ќе победиме. Заедно ќе донесеме резултати. Заедно ќе покажеме дека Македонија е поголема од сите предизвици.

Нека од ова место се роди новата енергија, нека од оваа борба се роди нова надеж, и нека од оваа генерација се роди новата победа! Македонија ќе победи затоа што ние веруваме во неа.

Пред нас е избор – и тој избор ќе покаже кои сме ние. Дали сме ќе повторам генерација што се плаши и се откажува, или сме генерација што верува и победува.

Го знам одговорот. Јас верувам во вас. Јас верувам во македонскиот народ и сите граѓани, Македонци, Албанци Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Верувам дека заедно ќе бидеме пламенот што ќе ја осветли темнината, каменот што нема да се скрши од бури, реката што никој не може да ја запре.

И затоа, време е да се донесе вистинската одлука! Време е да се направи вистинскиот избор! Да покажеме дека нема сила што може да нè сопре, нема темнина што може да нè изгасне, нема неправда што може да нè покори.

Заедно ќе победиме! Заедно ќе донесеме резултати! Заедно ќе ја испишеме новата историја на Македонија!

Нека живее надежта!

Бог да ја благослови нашата Македонија!