Кога СДСМ зборува за инвестиции во здравството, логиката вели „добра ноќ“

Соопштение до јавноста - реакција на соопштението на СДСМ на тема здравство

Кога СДСМ зборува за инвестиции во здравството, логиката вели „добра ноќ“. Наместо да ги поздрават проектите и делата кои тие никогаш не ни помислија да ги прават, од Бихаќка упорно се противат на инвестициите во здравството и подобрување на квалитетот на услугите кои ги добиваат граѓаните.

Тоа и не е толку чудно за СДСМ, имајќи предвид дека подоброто здравје на граѓаните никогаш не било ни примарна ни секундарна цел на СДСМ.

СДСМ е партијата која во цела своја историја кога го раководела здравството не променила две сијалици во некоја болница. Не заковала ниту една шајка.

Единствени инвестиции на СДСМ во здравството се ѓерданите и бисерите кои Владо Димов им ги купуваше на своите колешки, како и стентовите кои под маса ценкајќи се за цената на човечкиот живот ги продаваа високи функционери на СДСМ.

За разлика од големата нула на СДСМ кој здравството го остави во руини, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ветува, инвестира и реализира.

Покрај досега вложеното во инфраструктура и опрема, токму сега во Македонија е во тек најголемиот инвестициски циклус во еден момент во здравствената инфраструктура во вредност од над 4,5 милијарди денари или 74,6 милиони евра.

Во моментот се градат или реконструираат 10 болници во Република Македонија:

- во тек е изградбата на новата Клиничка болница во Штип;

- отпочнати се градежните работи за темелна внатрешна реконструкција на УК за хируршки болести „Св.Наум Охридски“;

- во тек е и реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо;

- во тек е целосна реконструкција и адаптација на болничкиот објект во Кичево;

- во тек е реконструкција на општата болница во Велес која се очекува да заврши до крајот на месецов;

- во тек е изградба на бункер во ГОБ „8 Септември“;

- интензивно се одвиваат градежните работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект на Општа болница Струмица;

- во болницата во Битола веќе е во финална фаза комплетната надворешна реконструкција на болницата;

- во тек е комплетна внатрешна реконструкција на прилепската болница;

- се одвиваат градежни работи за нов Ургентен центар во Куманово;

Ова се конкретни дела кои граѓаните ги гледаат и кои директно влијаат на подобрување на условите во здравствениот систем. Затоа граѓаните веќе 10 изборни циклуси по ред својата максимална доверба им ја даваат на луѓето кои реално се грижат за нивното подобро здравје и поквалитетен живот.

СДСМ и покрај десеттиот по ред пораз на избори продолжува со црните кампањи полни со лаги и манипулации од нивните фабрики за афери. Затоа СДСМ ќе остане уште долго во опозиција, далеку од можноста повторно да ги раскрчми здравството и државата.

         

 

Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

10 јануари, 2017 - 18:03