ВМРО-ДПМНЕ ОК Куманово:

Зошто фирмите на кои сте им платиле 500 илјади евра за чистење снег не си ја вршат работата?

ВМРО-ДПМНЕ и денеска го прозва градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски за неисчистените улици од снег.

Почитувани!

Состојбата со навеаниот снег по улиците и тротоарите во Куманово станува алармантна. Вчера, загрижени од проблемот кој ја загрозува безбедноста на граѓаните, побаравме од градоначалникот да преземе соодветни мерки. Но како што гледате, денеска со новиот снег што паѓа, состојбата станува уште полоша. Додека надлежните служби во другите градови навремено почнаа со чистење, во Куманово локалната власт предводена од градоначалникот и СДСМ не презеде ништо за чистење на снегот, кој неколку дена стои по улиците на градот и го попречува сообраќајот. Она што уште повеќе зборува за неодговорноста е и податокот дека општината има склучено договор за Зимско одржување на улици од снег и подмразица во Општина Куманово за период од 2016 до 2018 година, и тоа верувале или не, на 5-јануари или пред точно 5 дена. Потпишаниот договор е во износ од 30.157.437,00 денари или 489 569 евра. Договорот е потпишан со Друштво за градежништво,проектирање и трговија КАТ-ИНГ ГРАДБА ДОО Скопје и е во износ од 13.978.716 денари или 226 927евра, и со фирмата “Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги “КООП ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Куманово” во вредност од 16.178.720 денари или 262 641 евра. Револтирани од ваквото неодговорно однесување на локалната власт би сакале да прашаме:
Како е можно господине Дамјановски толку доцна, поточно на 5-ти јануари, во сред зима да потпишувате договор за чистење на снегот? Вчера спомнавте дека екипи работеле на терен, и дека има околу 280 километри кои треба да се исчистат. Како и до кога планирате да ги исчистите улиците, ако се знае дека еве веќе 6-ти ден, речиси ништо не е чисто по градот? Барате трпение од граѓаните а уште одамна трпението е при крај за многу проблеми во градот кои вешто ги прикривате и не ги решавате.

Уште еднаш би сакале да прашаме- 
Кога ќе се осмелите да преземете одговорност за тоа што граѓаните на Куманово свесно ги ставате во голем ризик ? Се прашувате ли Вие и СДСМ како граѓаните на Куманово ги извршуваат своите секојдневни потреби по улиците преполни со снег? Како луѓето со здравствени проблеми навремено да стигнат да примат лекарска помош или пак дали деновиве граѓаните се чувствуваат безбедно по улиците на Куманово? Зошто дозволивте граѓаните секојдневно да се изложуваат на опасности ако се знае, дека сите надлежни служби беа навремено информирани за временските прилики? 
Дали советниците од СДСМ, конечно се разбудија денеска од зимскиот сон, и излегоа на терен да ги најдат фирмите задолжени за чистење на снегот? Ако не успеат во текот на денот,тогаш ги повикуваме да ни се приклучат во нашите напори да се реши овој проблем. 
Почитувани! Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го повикува градоначалникот, да не бара изговори како до сега, и веднаш да преземе мерки за чистење на улиците. Оваа снежна голгота треба конечно да заврши и веќе никогаш да не се повторува.

10 јануари, 2017 - 17:43