Според извештајот на фондацијата Херитиџ, Македонија се искачи на 31 место на индексот на економски слободи

Интегрален текст од прес конференција на Лука Кржалоски

Почитувани,

За успешните економски политики кои ги води Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пристигнуваат признанија од многу еминентни странски институции, списанија и фондации.

Пред само неколку дена Европската Комисија, македонската економија ја оцени како стабилна, со прогнозиран раст на БДП од 3.2%, што е еден од највисоките растови во Европа и очекуван пад на невработеноста која се прогнозира да падне на најниски досега 22%.

Оваа прогноза на ЕК е идентична со таргетот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поставен за периодот до 2018-тата година.

Дека македонската економија бележи значајни успеси и позитивни трендови, покажува и извештајот за економски слободи на престижната американската фондација Херитиџ.

Според овој извештај Македонија се искачи на 31 место на индексот на економски слободи Херитиџ и влезе во категоријата слободни држави.

Извештајот покажува значително искачување на Македонија во рок од една година, од 47-то на 31-то место, додека оценката е подобрена на 70,7 поени.

Фондација Херитиџ ги оценува државите според четири категории, владеењето на правото, големина на државниот апарат и долгот, ефикасност на регулаторниот режим и слобода на трговијата.

Македонија вообичаено највисоките оценки ги добива во гарантирањето на слободен пристап до својот пазар и отвореноста за трговија со други држави, даноците и намалувањето на регулаторните пречки за водење бизнис.

Со овие резултати, Македонија е единствената држава од Балканот која се најде во категоријата на главно слободни држави во Европа, во друштво со развиените економии на Германија, Чешка, Австрија, Ерменија и други.

Овие резултати кои ги постигнува македонската економија и покрај наметната политичка криза од опозицијата, се благодарение на големиот број на реформи и проекти кои ги спорведе ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години.

Од економски изолирана држава, Македонија во изминатите години бележи постојан раст и развој.

Покрај Европска Комисија и Херитиџ, прогресот на Македонија е забележан и од Светската Банка во извештајот „Дуинг бизнис“ каде Македонија како резултат на успешните економски политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 9 години забележа раст од 84 места, па од некогашното 94-то место во време на СДСМ, денес Македонија е рангирана на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа.

Благодарение на овие успешни политики, во изминатите години невработеноста се намали од рекордните 38% од времето на СДСМ на сегашните 23,4%, а во Македонија се отворија многу нови фабрики и нови работни места.

ВМРО-ДПМНЕ, нема да застане тука и во иднина главниот фокус ќе биде на растот и развојот на економијата и намалување на невработеноста.

17 февруари, 2017 - 15:06