Колумна на Влатко Ѓорчев

Унитарност и уставен поредок, не двојазичност и федерализација

Досегашните мои искуства од речиси сите изборни циклуси во Македонија биле во Третата и Шестата изборна единица. Искуствата што сакам да ги споделам на неколку дена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори 2016 година се само краток вовед во важноста на нашиот пристап за овие избори. Се работи за Македонија која оди напред. Се работи за нашата унитарност, но и уставен поредок. Се работи за иднината на нашите деца и внуци.

И истокот и западот на Македонија се нешто скапоцено, нешто прекрасно. Тие се дел од нас, дел од нашата Македонија. На едната страна се Шар Планина, Бистра, Стогово и Сува Гора, а на другата страна се Осоговските Планини, Малешевските Планини и Солунска Глава над општина Чашка.

На едната страна се Брегалница и кањонот на Злетовска Река, а на другата страна се Радика, Дрим и Вруток, во кој извира македонскиот Вардар, што ја краси нашата прекрасна Македонија. На едната страна се Бигорски, Рајчица и Лешок, на другата страна се „Св. Јоаким Осоговски“ и Лесново.

Во Шестата изборна единица се планините околу Галичник, околу Ростуше, кај реканскиот крај. Во Третата изборна единица се полињата околу Kочанското Поле, Овчеполието, Скопското Поле кај Илинден, Петровец и Зелениково.

На едната страна е тетовскиот грав, а на другата страна е малешевскиот компир. На едната страна е јарболот кај Стража со нашето македонско знаме, а на другата страна е истиот таков јарбол со истото наше знаме на кривините кај Сарамзалино, Лозово и Kаратманово.

И ќе му се стопли на човек душата. Ќе се потсетам на сите посети, сите средби, сите прегратки. Сите победи, сите изборни битки, сите митинзи и сите состаноци.

Во Третата изборна единица бев распореден во февруари 2006 година во предвечерието на парламентарните избори во јули 2006 година. Заедно победувавме на изборите во 2006, 2008, 2011 и во 2014 година. Заедно со трудот на илјадници луѓе победивме на сите избори, а истокот стана и остана тоа што отсекогаш историски бил: бастион на македонските идеали и вмровската идеја.

Таму дојдов од Шестата изборна единица каде што бев координатор од ИK на ВМРО-ДПМНЕ во 2004, 2005 и првите 2 месеца од 2006 година. Во таа Шеста изборна единица ги теравме претседателските избори во 2004 година за Сашко Kедев против Бранко Црвенковски.

Во таа 2004 година ни ги претепаа набљудувачите, ги наполнија кутиите. Со пиштоли ни ги избркаа членовите на избирачките одбори. Големите демократи од СДСМ верификуваа стотици избирачки места каде што резултатот беше 200 спрема нула, 300 спрема нула или 700 спрема нула.

Во штабот во Тетово ни поставија бомба на покривот, а радиусот на дупката во покривот беше еден метар. Во таа просторија држевме неброено состаноци, а ако бевме таму кога пукна бомбата, тогаш немаше да остане жив човек во таа просторија.

Тоа се минатите епизоди од нашата кауза, од нашите битки, од нашиот пат. Пат за кој вреди да се потсетиме. Сеќавања што треба да ги негуваме. Емоции кои во себе ги носиме. И за Третата и за Шестата изборна единица. И за истокот и за западот на нашата прекрасна Македонија.

За митинзите во Штип и за песните од кои се ежи секој Македонец. За енергијата на Штип и Велес. За Велес и одењето од врата на врата по велешките маала. По тие ридови и улички на овој македонски револуционерен град.

За планините и пасиштата во Чашка. За полињата околу Градско, за село Виничани во кое речиси секое семејство има 3 деца. За општина Лозово, за јарболот покрај патот, за лозјата, житото и тутунот под широкото македонско небо.

За ветерот во Свети Николе и митингот кога смрзнавме од тој истиот ветер што речиси ќе го однесеше платното од бината. Kога накиснавме додека чекоревме кон митингот во Скопје. Kога се собиравме кај Сајмиште, па со илјадници знамиња, транспаренти и песни тргнувавме накај плоштадот.

За Пробиштип и Злетово, за љубовта кон Македонија во тие места. За Kратово и неговите мостови – и оние од историјата, направените, и оние недовршените, исто историски, од транзицијата и ветувањата на СДСМ за пруга кон Бугарија.

За општина Ранковце со сите свои населени места, во сите села, за сите наши посети и собири таму. За Kрива Паланка, за Богородица и за манастирот. За одењата по населбите низ градот и селата, за сите мини-митинзи што сме ги имале таму.

За Чешиново-Облешево и сите штркови, нивните гнезда и оризот кој се гледа до недоглед. За општина Kарбинци и сите наши победи, сите кампањи и новата градинка што ја отворивме.

За Kочани и собирите што ги имавме во Пантелеј под отворено небо и со комитски дух. За нашата Виница, за секоја комитска вечер. За вмровското село Истибања во кое најголемата изборна неизвесност е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има 600 или 700 гласа, а СДСМ дали ќе има 100 или 150 гласа. За општина Зрновци каде што има голем раст на третородени деца каде што вечно ќе се слуша реката Зрновка, општина во која живее духот на нашиот народ и каде што се негуваат нашите идеали.

За Македонска Kаменица каде што топлината на нашите луѓе ти го допира срцето. За Делчево каде што потомците на народот на големиот Гоце Делчев ја чуваат државата за која тој се бореше, крвавеше и гинеше.

За Берово и Малешевијата, за одбележувањето на Петлец, местото каде што загинал Даме Груев и неговиот гроб во Русиново. За општина Пехчево и сите наши победи таму.

За Илинден, Петровец и Зелениково, кои се скопскиот дел од Третата изборна единица, со сите проекти, фабрики, улици и игралишта што таму сме ги пуштиле. Простете ако некое место не го спомнав, но толкав е просторот, едноставно нема место с` да се наброи.

Сега патот ме носи повторно кон западниот дел на Македонија, кон Шестата изборна единица, на потегот Тетово – Гостивар – Дебар.

Kон Лешок и Брвеница, заедно со Седларце. Kон Јегуновце и Вратница. Kон Жилче и Ратае, Рогачево, Јелошник, Јеловјане и Глоѓи. Kон Милетино, Радиовце и Стенче. Kон Јанчиште и Прељубиште, кон Сараќино, Непроштено, Теарце и Туденце. Kон тетовските маала каде што чекори нашиот народ, каде што живеат многу луѓе со свои очекувања, проблеми, желби, поплаки и барања.

Kон Гостивар, кон Врапчиште, Бањица и Дебреше. Kај јарболот кај Зубовце и Галате. Назад кај нашите луѓе во Тумчевиште и Волковија, кај Стенче и во Челопек. Во Вруток каде што извира нашата најголема река.

Назад во Ростуше, во Битуше, Жировница и Требиште. Повторно во Маврово, Никофорово и Леуново. Повторно со нашите луѓе во Скудриње и Могорче, со кои заедно бевме на изборите во 2004 година.

Повторно во Дебар, во Отишани и Џепиште, во Горно и Долно Kосоврасти. Заедно со луѓето во Центар Жупа, во Новак, во Броштица, Мелничани, Голем и Мал Папрадник. Проштевајте за сите места што не ги спомнав одделно, но толкав е просторот.

Ќе бидеме заедно и ќе се држиме заедно. Во различен дел во државата, но во нашата иста Македонија, со истите идеали и мисли. Со куп проекти што ќе ги реализираме.

Македонија се сака и во источниот и во западниот дел. И во јужните делови, и на север и во централниот дел. Се сака и во малите и во големите места. Нека ни е на сите со среќа. Да живее Македонија!

За Македонија што оди напред! За унитарност и уставен поредок, а не двојазичност и федерализација!

21 ноември, 2016 - 12:52