Колумна на Влатко Ѓорчев

Тие маршираат и се конфронтираат

Kако да се задржи кохезијата во демократските општества, особено кога се поларизирани? Kако да се затворат силните несогласувања? Kако да се обедини граѓанството после големи политички и програмски конфронтации?

Одговорот е едноставен: преку избори, а после тоа да се почитува резултатот од тие избори. Да се учествува во демократскиот процес, да се презентира својата опција и својата програма, а после тоа одговорно да се прифати резултатот од изборот на народот.

Затоа што во сржта на демократијата е синтагмата „ние, народот“, односно „ние, граѓаните“. Владата треба да биде од народот, за народот. Избрана од народот, легитимирана од гласачите, за народот и во негово име.

Сето друго е киднапирање на изборниот процес, извртување на демократијата. Така се таложи лутината, која може да прерасне во гнев. Изборот на народот треба и мора да се почитува, затоа што тоа е сржта на претставничката демократија.

Избраните претставници, делегирани од народот, верификувани од гласачите се клучниот фактор. Другите фактори треба да бидат споредни, а не доминантни. Да учествуваат, да сугерираат, да помагаат и да набљудуваат, но никако да бидат главниот носител на политичките процеси.

На кого тоа најмногу се однесува? На еден дел од таканаречените „невладини организации“, односно НВО, од кои некои станаа политички организации, политички форуми и политички платформи, затскривајќи се зад димната завеса наречена НВО. Истовремено, дел од таквите структури немаат никаков изборен или општествен легитимитет, туку грст луѓе, неколку НВО претприемачи, кои решиле да бидат политички актери и политички фактори без било каков изборен легитимитет.

Нивните политички ставови, позиции и активизам се добродојдени. Тоа се нивни и сечии права. Но, проблемот е што кога истите луѓе настапуваат од радикални позиции, кои се деструктивни, кои го нарушуваат политичкиот процес и го дестабилизираат општеството.

Тие маршираат и се конфронтираат. Редовно користат говор на омраза кон своите опоненти, а себеси се претставуваат за светци, за авангарда, за цивилно општество.

Секој кој не се согласува со нив го нарекуваат со најпогрдните имиња. Ги замолчуваат своите критичари со цела низа на етикети, со епитети, со погрдни имиња. Измислувањето на афети и местенките се нивна редовна пракса.

Ако нешто не е по нивно, тогаш одат во конфронтација. Редовно ја напаѓаат полицијата. Секаков поредок е состојба која треба да се наруши, а тензијата треба да се зголеми до максимум. Така ја правдаат својата „кауза“, така ја наоѓаат смислата за нивното постоење.

И, редовно се претставуваат себеси како „жртви“. Себевиктимизацијата е доведена до совршенство, до мисловна нирвана, до аксиома во која себеси се убедиле или сакаат барем да убедат дел од околината.

Тие најчесто се елитисти, кои го презираат она што значи избор на народот, традиција, обичаи, наследство. Тие не го сакаат јавниот дискурс, затоа што молчаливото мнозинство не ги прифаќа нивните идеи и нивните концепти. Не ги прифаќа позерите кои немаат автентичност, кои немаат демократски легитимитет и кои едноставно не поминуваат кај народот.

Затоа се гласни. Гласни и агресивни. Гласни, агресивни и упорни, но малобројни. Kако „шарената револуција“, односно шарената манипулација која ја видовме оваа година. Во град од 600.000 луѓе одвај собираа по околу 1.000 луѓе.

Но, народот ги гледаше и ги процени. Остануваат уште 60 денови. Се ближат изборите, Македонија ќе гласа. Тогаш ќе стигне пораката од народот. Тој е врховниот арбитар, а не неколку НВО со нивните поддржувачи. Народот ги чека изборите.

21 ноември, 2016 - 12:50