Шарените револуции бркаат инвеститори

Додека трае политичката криза во Македонија, добро е да се гледаат, читаат и слушаат изјавите ѓто доаѓаат од разни адреси. Да се слушаат внимателно, да се анализираат и да се стават во поширок контекст.

И да се анализира целата ситуација затоа што така се гледаат контурите и траекторијата на целата криза што се случува во Македонија последниве 2 години. Навистина, поминаа цели 2 години, во кои темелно се дестабилизира државата и цела низа институции.

Значи, по 2 години треба да се резимира што ни донесе како држава и народ целата оваа криза, лансираните афери, шарената револуција, преговорите, договорите, предвремените избори, платформите, преговорите за коалиција и целиот корпус на прашања што се отвори. Одиме по ред.

Kризата што ни ја донесе СДСМ не донесе ама баш ништо добро за економијата. Не донесе фабрики, туку ги избрка. Не донесе продуктивност, туку ја намали. Не донесе инвеститори, туку ги одврати. Не го подобри буџетот, туку го оптовари.

На пример, пред да почне кризата, Македонија имаше динамика во која секој месец, буквално секој месец имаше најава за нова голема фабрика или пуштање во работа на некоја нова голема фабрика.

Таквите вести со нови фабрики продолжија и по почнувањето на кризата, но се проретчија. Имаше и има инвеститори, домашни и странски, кои го чекаат исходот од сето ова, па нивните инвестиции и фабрики се оставени за некои подобри времиња или заминале на други места во кои нема шарени револуции со шарени манипулации.

Kризата на Заев и на СДСМ донесе зголемување на каматите. Наместо државата да плаќа камати од 3,25 отсто, со целиот деструктивен ангажман на СДСМ и нивниот заменик-министер, се дојде до камата до 5,25 отсто. Не е сеедно, туку се работи за огромна, огромна разлика и големи штети.

Падна и дисциплината, фокусот и брзината на државата. Забавени се десетици и десетици проекти. На многу места не се потпишуваат еден куп документи и бирократски процедури, затоа што во воздухот има неизвесност. На многу места се случува „чекај и види“, а тоа „чекај и види“ трае со месеци и месеци.

Во делот на внатрешната политика, јасни се огромните штети што ги предизвика оваа криза. Веќе се гледа дека постои темелен, системски обид за редефинирање на државата и уставното уредување.

Се оди на „нов“ Рамковен договор, кој носи јасни елементи на федерализам, а федерациите на Балканот немаат некоја голема функционалност (Босна и Херцеговина), ниту, пак, имаат некој долг век на траење (СФРЈ).

Државата се врати во неизвесноста на минатите децении, а сето тоа поради хроничниот проблем на СДСМ да обезбеди поддршка и мнозинство од македонските гласови. Заев и СДСМ влегоа во ветувања, платформи и концепти кои се многу опасни за унитарноста на државата.

Наместо стабилизација на состојбите и релаксирање на меѓуетничките односи, се случи нивно повторно отворање и оспорување, жолчно дебатирање, одговори и прозивки, со отворање стари рани и стари дебати, кои генерално не се добри, ниту се многу полезни.

Понатаму, максимално се компромитира меѓународната положба да државата. Од средена држава, која оди напред, која спроведува реформи и носи инвестиции, кризата ја направи Македонија проблематична држава. Наместо да продолжи Македонија да биде асоцирана со нови фабрики, автопатишта и туризам, Македонија последниве години се асоцира со политичка криза која ја донесоа, предизвикаа и ескалираа СДСМ и Зоран Заев, заедно со нивните поддржувачи.

Се загрози и регионалната позиција на Македонија на Балканот. Изминативе недели и месеци слушнавме проблематични изјави од повеќе балкански политичари, а кои се однесуваат на Македонија. Се гледа и се чувствува дека проблемите во Македонија се повод некои од нив да испратат проблематични пораки, а меѓу редови се читаат и некои анахрони концепти од минатото.

Се наруши и суверенитетот на државата, односно самостојноста во одлучувањето. Од држава што чекореше самостојно, што носеше одлуки во својот парламент и преку својата влада, се доби недефинирана состојба во која олеснувачи, медијатори, амбасадори и други претставници стануваат секојдневен фактор, секојдневен субјект и учесници во дневната политика.

Јасно е дека треба да се има комуникација со нашите сојузници и пријатели, особено за стратешките прашања, но секојдневното менаџирање од нивна страна едноставно не ги решава проблемите.

Македонија во последниве 25 години никогаш немала поголемо мешање и поголемо вклучување на одредени фактори од последниве 2 години, а истовремено никогаш не била понефункционална, повеќе блокирана и повеќе поларизирана. Kога треба да се сумира резултатот, каков е резултатот од сето тоа?

Kолку повеќе се мешаа одредени фактори, колку повеќе се вклучуваа во микроменаџирање и секојдневно носење на одлуки, толку повеќе државата стануваше и станува понефункционална, повеќе блокирана, до моментот кога веќе цела година има техничка влада, со губење на процесот на самостојно одлучување за обични, секојдневни работи. И, некој може ова да го прогласи за голем успех?

Од средена држава, со инвестиции и намалување на невработеноста, со еден куп на проекти, со успешна меѓуетничка приказна, со најмали даноци, со најголем раст на пензиите, Заев и СДСМ ја доведоа државата во тоа да биде на патерици, а тие продолжуваат со нивната операција.

Но, целата оваа лакрдија станува јасна за с` повеќе македонски граѓани. Дури и оние што беа скептици кон предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ, денес ги гледаат чекорите, обврските и ветувањата на Заев и СДСМ, а кои се крајно проблематични од аспект на државноста на Македонија.

Затоа, новите избори се најдоброто решение. Граѓаните да гласаат и да го дадат мислењето за целата оваа работа. Да кажат што мислат за сето ова. И, да се изгласаат 61 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата како најдобар гарант за државноста и економски напредок.

Влатко ЃОРЧЕВ

11 февруари, 2017 - 08:16