Колумна на Влатко Ѓорчев

Kако СДСМ ќе ги составува листите?

Ова ќе биде тешка недела за членството на СДСМ, особено за нивните општински организации. Раководството на СДСМ реши да формира широк омнибус на политички партии, заедно со Сорос-организациите, други НВО, „шарената револуција“, ним блиските новинари и „други јавни личности“.

Сето тоа ги става во подредена положба општинските организации на СДСМ, кои остануваат во подредена положба, иако тие беа главната логистика на сите акции и протести на опозицијата во изминативе години. Одиме по ред.

Целата листа на СДСМ и на опозицијата може да смета на речиси 34 до 38 пратеници кои ќе бидат избрани на изборите на 11 декември. Тоа прилично го стеснува маневарскиот простор на раководството на СДСМ затоа што местата се ограничени.

СДСМ ќе треба да состави коалиција со НСДП на Тито Петковски и со ЛДП на Горан Милевски. На НСДП најверојатно ќе им даде 3 пратеници, а на ЛДП ќе им даде еден пратеник. За вториот ќе им речат дека ќе биде на „гранично место“, што ќе треба да ги преведе жедни преку вода.

За ДОМ на Лилјана Поповска најверојатно ќе има едно гарантирано место, иако и таму најверојатно ќе има долго преговарање за второто „гранично место“. Тоа ја дава бројката од вкупно 5 или 6 добитни места за НСДП, ЛДП и ДОМ. Остануваат уште 30-ина добитни места.

Најверојатно ќе се влезе во преговори со ЛП на Стојан Андов и Ивон Величковски. Тие преговори ќе бидат прилично неизвесни. Работата ќе треба да ја пресече раководството на СДСМ, односно да донесе одлука дали на ЛП ќе им даде едно гарантирано место.

Следните коалиции ќе бидат со турската партија на Ердоган Сарач и ромската партија на Самка Ибраимоски. Двете партии ќе бараат добитни места, а Заев, Шекеринска и Спасовски ќе треба да го дадат одговорот. Во секој случај, партијата на Сарач ќе инсистира најмалку на сегашната позиционираност на парламентарна партија, а Самка Ибраимоски ќе го бара истото затоа што беше пратеник од 2011 до 2014 година. Тоа се уште две места. Остануваат уште 28 места.

Следните преговори ќе бидат со ПЕИ на Фијат Цаноски, со ПБМ Санџачка лига, како и со поранешните пратеници кои дојдоа од редовите на телевизија „А1“. Веројатно и тука договорот ќе биде 1 плус 1, односно еден пратеник на добитно место, а вториот на „гранично“. Остануваат уште 26 – 27 места.

Kога сме веќе кај терминот „гранично место“, СДСМ и нивните спинери ќе им нудат „сигурни“ и „проверени“ анкети дека ќе добијат многу пратеници, дека ќе добијат којзнае колку гласови и ќе се обидат „граничните“ места да бидат што подолу. Но, коалициските партнери на СДСМ имаат свое искуство и нема да бидат лесно пренесени жедни преку вода.

Во секој случај, „анкетите“ на СДСМ ќе се нудат како допинг за билдање на млитавата атмосфера, зашто секој знае дека ваквиот СДСМ едноставно не може да се приближи на помалку од 150.000 разлика во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

Проблемот е што по секои избори во последниве 5 – 6 години им треба нова агенција и ново име, затоа што претходните се изрезилиле на претходните избори со „анкети“ и најави на „победи“ на СДСМ. Таков беше „Прогрес институтот“ кој 3 дена пред изборите најави убедлива „победа“ на СДСМ, а истиот викенд СДСМ доживеа нов изборен дебакл. Да се вратиме на коалициите.

„Шарената револуција“ ќе биде освежувањето на листите на СДСМ. Ќе има голем интерес, ќе има многу кандидати и голем број барања. Таа групација ќе си ја присвојува „шарената револуција“, иако членството на СДСМ неколкупати со својот бојкот на активностите им ја покажа силата, односно дека без нив, без општинските организации на СДСМ, нема бројност на собирите.

Од друга страна, „првоборците“ на шарената револуција ќе бараат верификација на своите „заслуги“, исто како и екипата од „Отпорот“, „ладата “и „Бела чао“. Ќе се брои кој бил колку пати пред Собранието, кој фрлал боја, кој ја блокирал улицата кај Владата. Преговорите ќе бидат тешки, ќе има повеќе прекини. Работата ќе се залепи на околу 2 – 3 места, од кои едното „гранично“. Остануваат околу 24 места.

На тоа ќе се надоврзат и разните невладини организации, како и „истакнати јавни личности“, што и да значи тоа. И тука ќе има долги преговори, заедно со „аргументацијата“ дека некоја НВО, поранешен дипломат, некој синдикалец стечајка, „Фејсбук“ активист или поранешен новинар носи 1.000, 2.000 или 5.000 гласови.

И тука ќе има долги преговори, уверувања, прекини и паузи. Ќе има и разочарувања. Некако ќе се застане на 1, 2 или 3 места. Остануваат околу 21 – 22 добитни места.

Раководството на СДСМ ќе пополни околу 7, 8 или 10 места. И тука ќе има доста компликации, затоа што ќе има доста гужва пред голот. Во опција ќе бидат старите и актуелните носители на СДСМ, поранешните и актуелните пратеници, актуелното претседателство, членовите на претседателството. Остануваат околу 12 – 13 места за општинските организации на СДСМ.

Значи, целата оваа равенка остава помеѓу 10 и 15 места, најверојатно 12 – 13 добитни места на пратеничките листи на СДСМ за нивните општински организации. Во 6 изборни единици. Во просек, тоа се 2 пратеници по изборна единица за општинските организации на СДСМ.

Во ИЕ 1 нивните ОО ќе имаат 2 места. Kој да се изостави? Се работи за големи скопски општини, кои имаат силен и многуброен кадар. Истото ќе се случи и со Втората изборна единица, од Kуманово, преку Гази Баба и Бутел, до Чаир и Ѓорче Петров. Ќе има само околу 2 места за ОО на СДСМ. Kако да се направи изборот?

Истата дилема Заев и СДСМ ќе ја имаат во Третата изборна единица, која има 22 општини. По сите коалиции, на ОО на СДСМ ќе им останат 3,4 или 5 места. Тоа го става членството на СДСМ од цели региони да нема свој претставник во парламентот. Исто ќе биде и во ИЕ 4, каде што има 18 општини.

Во ИЕ 5 ќе има особено многу места за коалиционите партнери, така што остануваат одвај 2, 3 или 4 места за ОО на СДСМ, а таму се Битола, Охрид, Струга, Kичево, Ресен, Демир Хисар, Kрушево и повеќе помали општини.

Истиот проблем е во ИЕ 6, каде што СДСМ има градови, региони и општини од кои СДСМ веќе 10 години немал пратеник.

Сума сумарум, членството на СДСМ го очекува тешка недела, особено нивните општински организации како столб на нивните структури. Kоалицијата е прилично широка, местата се ограничени, а претстои уште еден изборен пораз. Составувањето на листите ќе биде сигнал, најава и потврда за односот кон повеќе општински организации на СДСМ и нивното членство.

СДСМ повторно ќе се осуди себеси од 2016 до 2020 година да има одвај 20-ина свои пратеници, од кои само 10 како автентични претставници на нивното членство и ОО.

Наскоро ќе се знае исходот од сето ова, но може да се очекува голема демотивација во самиот СДСМ. Секако, по тоа ќе почне збивањето на редовите и изборната кампања, но тешко дека ќе се залепат сите разочарувања. Нивното раководство е на потег.

21 ноември, 2016 - 12:47