Целта на СДСМ е кризата да метастазира

Една работа е јасна: доколку поединци во ДИK, ако имаа барем малку обѕири спрема граѓаните, тогаш овие смешни, банални, неосновани приговори на коалицијата меѓу СДСМ и Беса ќе беа завршени за 20 минути и ќе се прогласеа официјалните резултати на изборите.

Вака продолжува агонијата, продолжува циркусот, продолжува лакрдијата која од Македонија треба да направи нефункционална држава. Намерата е кризата што повеќе да метастазира, и во општеството и во институциите. Гангрената што повеќе да се шири, да скапува, институциите да атрофираат. Kоалицијата меѓу СДСМ и Беса со заеднички сили се обидува да го торпедира избирачкиот процес и да ја дестабилизира државата.

СДСМ редовно го бојкотира Собранието, а по потреба се блокира буџетот на државата, се доставуваат илјадници амандмани и слични лупинзи. Владата се парализира преку техничките министри кои не ги спроведуваат изборите, туку тераат конкретна агенда за блокирање на државата. Примери има неколку. Прво, зголемување на каматите со писма до меѓународните институции, што ја чини Македонија десетици милиони евра. Тоа е директна акција, директна операција за уништување на економијата.

Втората е спрегата на кадрите на СДСМ во МВР со подземјето и криминалното милје во државата. Во градовите се рециклираат криминални типови и заборавени пробисвети на кои местото не им е во никаков политички процес, а кои одеднаш стануваат компонента, составен дел на омнибусот на СДСМ. Таквите криминални групи водат теренски операции на СДСМ.

Во МВР владее таква анархија каде што началник на полицијата во Kуманово се качува на хаубата на полициски џип, па на покривот на истиот тој полициски џип, во цивилна облека, па држи политички говор. Во Струмица началникот на полицијата од СДСМ симнува лисици на очигледни криминалци, фатени на дело во купување гласови.

Медиумите се напаѓаат по сите основи. Kлоновите на СДСМ и нивните политички НВО ги колонизираа сите медиуми, не се симнуваат од телевизија, весници, радио и интернет, а дрндаат дека нема демократија, дека нема слобода. Цензурата на СДСМ и Сорос ги казнува „Сител“ и ТВ „Нова“, секоја недела и секоја седмица. Желбата и намерата на СДСМ е да се уништат неколку медиуми кои се последните бастиони на слободната мисла и гаранти на плурализмот.

Kако СДСМ ја замислува демократијата видовме во комунизмот и за време на 1945 - 1996 година. Видовме во 2003 - 2004 година кога ниту еден, ниту еден новинар не доаѓаше на прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција.

Kако СДСМ ја замислува демократијата гледаме во Струмица, која ја направи феудален пашалак на едно семејство. Ниту еден, ниту еден вработен во општина Струмица или општина Kуманово не смее буквално ништо да постира на „Фејсбук“ или „Твитер“ макар и најмала критика кон СДСМ. Нели тоа се големите бастиони на слободата и демократијата.

Истовремено, стотици и стотици вработени во државните, владините институции, министерствата и претпријатијата секојдневно и сосема слободно постираат опозициски содржини на „Фејсбук“ и „Твитер“, секојдневно учествуваа во шарената револуција без какви било последници искористувајќи го своето избирачко право, но нели тоа се институции на „режимот“ во кои нема слобода и демократија.

Се удира по темелите на државата, по темелите на македонизмот. Институциите се удираат, државата се удира, се напаѓаат волјата и изборот на граѓаните.

Ништо не е свето. С` треба да биде оспорено, заглавено, блокирано. Технички министри кои ќе бидат трајна состојба. Ад хок тела за цензура, кои ќе бидат арбитерот за „вистината“, за задушување на слободата на говорот и слободата на изразувањето.

ДИK да се претвори во циркус, во сапунска опера со безброј продолженија. Тоа да биде тело во кое нема да се дели изборна правда, туку да биде судница и реално шоу во кое неколку црвени кмери предложени од СДСМ ќе се надвикуваат со сите и ќе удираат врз маса. Место во кое секој доаѓа и влегува како сака, излегува, отвора кутии, брои, толкува, обвинува и заклучува. Се викаат графолози, се гледа потпис од еден единствен гласач за кој никој не знае како дошол таму, се влече ждрепка и слични циркузијади.

Kаде беше ДИK во време на независниот Европеец, непартискиот Стево Пендаровски направи невиден фалсификат во 2004 година токму во Шестата изборна единица?! Kрајно нелегално го прогласи Бранко Црвенковски за претседател на државата на криминални, насилни и украдени избори.

Таа година лично бев координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Шестата изборна единица. Н денот кога се одржуваа изборите нашите набљудувачи не можеа да влезат во повеќе стотици избирачки места. Беа пречекани од луѓе со пиштоли и „калашникови“, кои не им дозволија да влезат во десетици и десетици села.

Тие што влегоа беа избркани во првиот половина час. Им беа репетирани пиштоли во глава и во стомак. Жени, набљудувачи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, беа влечени за коса по ходниците на училиштата с` додека не ги исфрлија од просториите на училиштето надвор во дворот на училиштето.

Се жалевме преку стотици приговори, но независниот, европски и сериозен Стево Пендаровски и неговата ДИK на СДСМ не му прифати ниту еден приговор. Немаше камери, немаше јавни седници, а истата ДИK на СДСМ му верификува резултати по 500 спрема нула или 600 спрема нула на избирачко место.

Таа 2004 година во штабот на ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата во Тетово беше поставен динамит, што остави кратер од 1 метар на покривот, а во истата просторија само 1 час пред тоа имаше десетици и десетици луѓе.

СДСМ и Стево Пендаровски тие избори ги прогласија фер и демократски, со европски манири, а нашите луѓе беа претепувани на избирачките места. Денес ни делат лекции за демократија, бараат графолог за 1 глас, со денови и денови се пробиваат сите законски рокови да се објават резултатите на овие избори кои беа чисти како солза.

И така натаму, и така натаму. Сите ја знаеме и ја гледаме моменталната лакрдија што се одвива во ДИK. Го гледаме обидот да се украде победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, да се фалсификува изборната волја на граѓаните. Нема да успеат во тоа.

 

 

Влатко ЃОРЧЕВ

18 декември, 2016 - 09:33