Угриноски:

За општина Вевчани минатата година беше година на високи капитални инвестиции

  • Општина Вевчани беше една од единиците на локална самоуправа во која изминатата година се реализираа голем број на активности. Генерално, како ја оценувате работата на општината со која раководите во изминатата 2016 година?  

Со гордост можам да кажам дека испративме уште една успешна година за општина Вевчани. И покрај тоа што изминатата 2016 година ја одбележаа низа политички кризи, “шарени револуции“, предвремени парламентарни избори, притисоци и блокирања на работата на институциите, за општина Вевчани минатата година беше година на високи капитални инвестиции. Заедно со мојот тим, макотрпно работевме на реализацијата на повеќе проекти кои што значат подобар и поквалитетен живот за жителите на нашето Вевчани. Се работеше на подобрување на патната инфраструктура, дел од улиците во Вевчани поради автентичноста и потребата од зачувување и негување на традиционалниот стил на градење се реконструираа и поплочија со камен, за прв пат после подолг временски период се исчисти одводната каналска мрежа вон урбаниот опфат на Вевчани, се уреди просторот пред локалитетот Вевчански извори кој со години претставуваше една грда слика за самиот локалитет, се изградија повеќе канализациони линии, крупни инвестициони вложувања се реализираа во рамките на новиот спортско образовен комплекс во Вевчани, отпочна со реализација многу значајна инвестиција на една приватна компанија што е појдовна основа за привлекување и на други инвеститори во општината, се организираа и поддржаа повеќе културни и спротски настани со што значително се подобри културно забавниот амбиент во општината.

  • Кои се најзначајните проекти кои се реализираа во општина Вевчани во изминатата година?

Како и секоја година, со оглед на временскиот период на случување, работата на општината во 2016 година започна со подготовките за организација на забавен дел, музичка програма, медиумска и техничка поддршка во рамките на Вевчански карневал кој традиционално се одржува на 13 и 14 Јануари. За таа цел, вечерта на 12 и 13 Јануари се организира музичка програма во центарот на Вевчани со гостување на познати домашни и странски музички групи. Со создавањето на услови за работа на терен, се продолжи со интензивните градежни активности како дел од повеќе проекти кои беа во застој поради зимскиот период, а кои отпочнаа со реализација во текот на 2016 година. Извршивме расчистување на каналската мрежа за одводнување вон урбаниот опфат која долго време беше запоставена. Продолживме со изградбата и реконструкција на локалните улици. Дел од нив беа поплочени со бекатон, останатите со асфалт и камени плочи. Ги завршивме сите административни процедури и овозможивме приватната компанија АД “Макептрол“ Скопје да започне со својата инвестиција во рамките на која предвидено е изградба на бензиска пумпа и други пропратни содржини со комерцијална намена. После подолг временски период е остварен голем напредок во привлекување на инвеститори во општина Вевчани. Клучниот проект кој ја одбележа 2016 година е проектот во рамките на кој во исто време почна реализацијата на три инфраструктурни активности и тоа: изградба на шеталиште по должината на Вевчанска река, изградба на заобиколен пат со кој се поврзуваат основнот училиште, спротската сала и детската градинка и партерно уредување на спортско образовниот комлекс.  Овие проекти се од големо значење за комплетно завршување на новиот спортско образовен коплекс во рамките на кој се изградени ново основно училиште, нова спортска сала, тениско игралиште и во план е изградба на ново повеќенаменско отворело игралиште. Исто така, со изградбата на шеталиштето по Вевчанска река, значително ќе се подобри туристичката и рекреативната инфраструктура во општината. Изминатата година остваривме инвестииции и во изградба на канализационии линии. Извршивме доградба на канализациона линија на крак од канализациониот систем и изградивме нови канализациони кој ќе ги задоволат сегашните потреби, но се од големо значење за идниот развој и проширување на урбаниот опфат на општината. Значително се подобри енергетската ефикасност на детската градинка со реконструкција и изработка на нова термо фасада и изведбата на систем за загревање на санитарна топла вода со сончеви колектори. Се уреди коритото на Есеничка река, се изгради паркинг, пешачки патеки и простори за одмор, и амбиентално се осветли просторот пред локалитетот Вевчански извори со што оваа значајна туристичка дестинација доби поголема атрактивност. Неизоставен дел беа и бројните културни настани кои се ораганизираа во рамките на вевчанското културно лето, како и поддршката на други културни и спортски настани во општината организирани од од страна на други локални организации. Сумирано, голем број на активности и огромни финансиски средства беа инвестирани во Вевчани во изминатата година.

  • Во портфолиото на проекти на општина Вевчани можат да се забележат широк спектар на проекти од најразлични сектори, животна средина, туризам, локален развој, култура, инфраструктура и сл. Дали реализацијата на проектите е обезбедена од сопствени средства на буџетот на општината или станува збор за надворешни извори на финансирање?  

Општина Вевчани е една од најмалите и финансиски најслаби единици на локална самоуправа. Буџетот на општина е тековен, односно речиси и недоволен да ги покрие основните трошоци на работењето. За таа цел, многу е значајно да се води сметка за секој денар со цел навремено плаќање на обврските. Што се однесува до делот на капиталните инвестиции, нажалост истите се условени од обезбедувањето на надворешни средства на финансирање т.е. подготовка и аплицирање на проекти до домашни и странски институции кои доделуваат неповратни средства – грантови за оддредени цели. Токму тука лежи и успехот на општина Вевчани во способноста за апсорција на дополнителни средства за реализација на капитални проекти од најразлични донатори. Морам да ја истакнам спосноста на мојот тим за навремена и квалитетна подготовка на предлог проекти, како и големата ефикасност и успешност во одобрени аплицирани проекти. Посебно сакам да ја истакнам огромната поддршка која општина Вевчани континуирано ја добива од страна на Владата на РМ, не само финансиска туку и техничка и логистичка поодршка таму каде што е потребно. Континуирана е поддршката од страна на Министерството на култура на РМ која секоја година финансиски ја поддржува организацијата на забавниот дел, медиумската и техничка поддршка на Вевчански карневал, како и поддршката на културните настани во рамките на програмата Топол Културен Бран. Голема финансиска поддршка во делот на изградба и реконструкција на патишта, изработка на урбанистички планови и изградба на канализации добиваме од страна на Министерство за транспорт и врски на РМ. Минатата година користевме средства за изградба на канализациони линии и подготовка на техничка документација од страна на Министерството за животна средина на РМ, во рамките на програмата за инвестирање во животната средина.  Многу значајни и суштински се проектите кои се поддржуваат од страна на Министерство за локална самоуправа на РМ преку Бирото за регионален развој на РМ  и Центарот за развој на Југозападен плански регион на РМ. Значителено влијание врз подобрување на локалната инфраструктура придонесуваат и проектите финансирани од страна на Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој на РМ со чија помош изградивме нова и реконструиравме значителен дел од постоечката локална патна инфраструктура. Многу значајна и во право време е и поддршката од страна на Министерството за финансии и Европската Унија преку одобрениот ЕУ ИПА грант за рурална инфраструктура кој се администрира преку Светска банка, во рамките на кој во тек е реализација на три големи капитални инвестии во општина Вевчани. Покрај овие институции, повремено се остваруваат соработки со други домашни и странски институции во зависност од содржината и целта на самите проекти. Без поддршката и помошта од овие институции, реализацијата на капиталните проекти во општина Вевчани е практично невозможна.

  • Кои се вашите планови за работа во текот на оваа 2017 година?

Напоредно со реализацијата на проектите во текот на 2016 година, работевме на подготовка на нови проекти за општина Вевчани кој треба да отпочнат во наредната година. Ќе продолжиме со реализцијата на трите проекти кои беа започнати минатата година, а кои се во застој поради зимскиот период и лошите временски услови. Веќе се склучени договори и избран е изведувач за доградба на заобиколницата на потегот од Фабрика “Вевчанка“-Здравствен Дом Вевчани и изградба на пристапнио пат Иливја Воденица – Мали Лог. Овие две инвестиции ќе започнат по подобрување на временските услови. Во соработка со Агенцијата за просторно планирање на РМ изминатиот период активно работеме на изработка на нов урбанистички план за Вевчани. Во очекување сме на согласност од Министерството за транспорт и врски на РМ по однос на нацрт урбанистички план за Вевчани и се надеваме дека за брзо истиот ќе биде усвоен и ставен во употреба. Агенцијата за млади и спорт на РМ треба да започне со активности за проектирање и изградба на ново отворено спортско игралиште во рамките на спортско образовниот комплекс. Средствата за оваа намена веќе се планирани во Буџетот на РМ за 2017 година. Ова се проекти за кои веќе се склучени договори или се планирани средства во Буџетот на РМ за 2017 година. Во моментот,  во фаза на разгледување се седум аплицирани предлог проекти за кои доколку се одобрат финансиски средства планирано е да се реализираат во оваа 2017 година. Со формирањето на новата влада и нормализирање на работењето на институциите, ќе се создадат услови преговарање и планирање на нови програми и сето тоа е потврда дека високите капитални инвестиции во општина Вевчани кои се остварија во изминатите три години ќе продолжат и во оваа  2017 година, вели градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски.

20 јануари, 2017 - 15:48