Интервју со Градоначалникот на Општина Дојран, Борче Стамов

Во Дојран се случува сериозен инвестициски циклус

Дојран полека станува општина која вработува граѓани од соседните општини, како Богданци, Валандово и Гевгелија

Дојранското  езеро годинава  замрзна? Колку често се случува да замрзне езерото?

За нас во Дојран, снег и ваков студ се невообичаени дури ни за во зима. Успеваме да постигнеме да ги исчистиме сите локални патишта така што пристапот до сите населени места во општината не беше ограничен. На располагање имаме една машина-скип која има надградба за чистење снег, која ја набавивме пред две години, и деновиве постојано е во функција. И во минатото се случувало да замрзне крајбрежјето на езерот, но да замрзне скоро целата површина на езерото дури ни најстарите мои сограѓани не се сеќаваат. Тоа беше една исклучителна прилика на која бевме сведоци и која привлече голем број на авантуристи да ја видат оваа несекојдневна слика од Дојран. Засега нема опасност за живиот свет, за рибите мразот дојде како еден вид заштита од птиците кои ги има илјадници во текот на зимата.

 

Минатата година за Дојран имаше многу информации како за загаденоста на езерото и слично, а во суштина Дојран никогаш не бил посреден и почист, оттука како ги коментирате овие случувања?

И во други прилики реков дека се работи за одредена хајка против Дојран, пред се кон туризмот, кој го препородивме овде во Дојран. Дали беше целта да се покаже дека локалната власт е неспособна, или за прибирање на политички поени за претстојните локални избори, или пак можеби отварање на „тезга за работа“ на одредени невладини организации и екперти на кои им беше потребно да се покаже дека тука никој не води грижа за животната средина и ќе мора тие да се ангажираат користејќи фондови поголеми неколку пати од буџетот на општината, ќе видиме наскоро. Јасно е дека перјаниците на оваа кампања не се луѓе што му мислат добро на Дојран, колку и да се претставуваат како негови љубители. Исто така, јасно е дека тука нема да застанат, но ние во Дојран сме преживелае и надминале поголеми катастрофи од оваа на „загрижените еколози“.

Што превзема локалната власт за надминување на овие предизвици?

Општината го има за приоритет подобрувањето на квалитетот на водата во езерото, и токму оваа локална власт има вложено најмногу во тоа споредено со сите години наназад од постоењето на општината. Ја реконструиравме пречистителната станица, во која од изградбата во 1988 година се немаше ниту еден штраф сменето. Целосно ја реконстуиравме и го зголемивме три пати капацитетот на главната колекторска линија, обрачот околу езерото, а тоа ни дава можност понатаму да ја шириме секундарната канализациона мрежа. Во новата програма Реално на ВМРО-ДПМНЕ се изборивме да се изгради канализација и пречистителна станица во Николиќ, како и целосна модернизација на вториот блок на постојната пречистителна станица.

За подобрување на квалитетот на водата во езерото, мошне важно е повторното ставање во функција на каналот за регулација на водостојот кој се наоѓа во Грција. Седнавме со колегите од Кукуш, изработивме и аплициравме проект вреден 1.5 милиони евра, кој е во трета фаза и очекуваме да биде прифатен. Со тој проект, освен активирање на каналот Ѓолај, се предвидува 24 часовен мониторинг центар и чистење на делови од крајбрежјето кои се обраснати со дрвја. Тоа во иднина ќе спречи настани како овогодишниот кога во сред сезона некој ќе може да шпекулира со квалитетот на водата, од причини што во секој момент во текот на целата година ќе има јасна слика за нејзината биолошка и хемиска исправност.

Пред неколку месеци беше најавена странска инвестиција токму во Дојран од областа на земјоделието. За што поточно се работи?

После долго време нова голема инвестиција доаѓа во Дојран. Се работи за една од најиновативните земјоделски компании Инофрут од Холандија, која отвори македонска компанија „Дојрана фреш продуце“и веќе почна да ги расчистува површините на пропаднатиот Агролозар. Од она што го гледам се работи секој ден на тие површини, веќе се донесени дел од новите садници и во овој момент има околу 30 вработени. Ефектот од инвестицијата е повеќекратен, прво се новите вработувања, коисе најавени околу 130. Понатаму после долго време површините на пропаднатиот Агролозар повторно ќе се обработуваат, а во втора фаза ќе биде изграден и откупно-дистрибутивен центар токму во Дојран, што значи сериозен и сигурен парнер за сите земјоделци кои ќе соработуваат со оваа компанија, но и ново знаење, нова технологија за поголем принос и сигурен пласман. Во иднина ќе се работи и на брендирање на производството кое ќе се извезува од дојранскиот регион што ќе има додадена вредност за сите останати земјоделски производители.

Има ли други инвестиции кои се во тек во Дојран?

Бројот на невработени лица во општината е околу 150, со оваа, а и со другите инвестиции кои се во тек, ова ќе значи крај на проблемот со невработеноста. Дојран полека станува општина која вработува граѓани од сите соседни општини како Богданци, Валандово и Гевгелија. Отварањето на нови работни места не значи само решавање на проблемот со невработеноста, туку и зголемување на стандардот и зголемување на конкурентоста на пазарот на трудот.

Во Дојран се случува еден инвестициски циклус, кој го немало во блиско минато. Освен инвестиција на Инофрут, во тек се и две поголеми инвестиции во нашата општина.

Фабриката Дојран стил го зголемува капацитетот и вложува околу 10 милиони евра во модернизација и проширување на производството. Новата инвестиција во оваа фабрика значи продолжување на работниот век за најмалку 30 години и секако зголемување на бројот на работници таму, чија бројка сега се движи околу 300.

Веќе 5 месеци со полна пареа компанијата Сардич МЦ работи на новиот рудник во Казандол кој е мошне близу до населеното место Фурка, а дел од концесијата е на територија на општина Дојран. Се работи за 35 милиони евра англиска инвестиција, и чие производство на катоден бакар треба да започне за околу една година. Во рудникот планирано е директно да се вработат 100 луѓе, а индиректно околу 250 токму од нашиот валандовско-дојрански регион.

Ова е голем и сериозен инвестициски циклус кој се случува во општината, а дополнително се градат или се најавени и помали деловни објекти. Се на се, ќе значи сериозно раздвижување на локалната економија, на пазарот на трудот и во наредните години ќе донесе подобрување на животниот стандард. 

Какви други проекти се во тек?

Неодамна е завршен регионалниот пат Дојран – Николиќ, инвестиција вредна скоро милион евра. Завршена е и фитнес зонатаво Стар Дојран, проект на Агенцијата за млади и спорт. Завршен е и мини-плоштадот во Фурка. Завршена е реконструкцијата и конзервацијата на црквата Свети Пророк Илија во Стар Дојран. Во тек е изградбата на пазар во Нов Дојран, со кој стариот дом, ќе добие нова улога и ке биде ставен во функција на локалната економија.  Чекаме на усвојување на урбанистичкиот план за Нов Дојран со што ќе може да издадеме одобрение за градба на училишна спортска сала за која веќе има избрано изведувач. Преку партнерство со Југоисточниот регионот наскоро ќе се почне со градба на плажа во близина на Николиќ, со што и ова населено место ќе добие една нова туристичка дејност. Во тек е тендерска процедура за градба на дојранска мандра, со што повторно ќе го вратиме препознатливиот симбол – езерските колиби.

Со овие проекти, со проектите кои се реализираа изминатат година, и се започнати годинава, продолжува градежната офанзива која во Дојран веќе трета година по ред не застанала. Во овие три години изградивме 17 локални улици, инвестиравме повеќе во канализација и водовод и во секоја останата сфера, отколку во сите останати години заедно од постоењето на општината.

23 јануари, 2017 - 12:04