Марјан Ристески, градоначалник на општина Прилеп

Странски инвеститори бараат парцела повеќе за нов бизнис во индустириските зони

Сметам дека за 5 години бројката на вработени луѓе во ТИРЗ "Прилеп"  би достигнала над 5.000 вработувања, што ќе биде од особена важност не само за Прилеп туку и за целиот Пелагониски регион. Самата зона е многу атрактивна, блиску е до градот и се наоѓа веднаш покрај самиот магистрален пат кој води за Битола и Грција, вели прилепскиот градоначалник Ристески

Постои голема заинтересираност на инвеститорите за купување на плацови во индустриските зони и во ТИРЗ "Прилеп". Зошто е тоа така, зошто Прилеп стана атрактивна дестинација за инвеститорите во последните неколку години ?

Точно, Прилеп последните неколку години стана навистина интересна дестинација за инвеститорите, како домашни така и странски. Како никогаш досега во историјата на овој град имаме отворање на нови работни места и намалување на невработеноста. За тоа секако многу помогна изградбата на ТИРЗ "Прилеп" и индустриските зони Прилеп 1, Прилеп 2, Прилеп 3, а моментално се изработени и деталните планови за индустриските зони Прилеп 4 и Прилеп 5. Значи имаме една вистинска експанзија во овој дел. Во ТИРЗ "Прилеп", како што знаете веќе функционира големата мултинационална компанија "Гентерм" која произведува делови за најпознатите светски марки на автомобили. Моментално се изгради погон со површина од неколку илјади метри квадратни, каде што веќе работат околу 800 луѓе, а се планира за околу година ипол таа бројка да достигне и до 2.000 вработени. Ова е инвестиција од 20 милиони евра. "Гентерм" планира да изгради уште 2 нови сали, со што вкупната покриена површина под хали би достигнала околу 25.000 метри квадратни.

Во ТИРЗ "Прилеп" веќе е изграден и објектот на германски "Акомпласт". За да започне и оваа фабрика да функционира се чека уште само на докомплетирање на потребната опрема и дообука на луѓето кои ќе работат таму. Се надевам дека во многу скоро време свечено ќе го пуштиме и овој објект.

Да не заборавиме дека влезот во ТИРЗ "Прилеп" пред Нова година го најави и потврди и германскиот гигант "ВИК#, кој произведува електронски апарати, а во Прилеп ќе се произведуваат апарати за кафе. Инвестицијата во почетната фаза е планирана да биде околу 12 милиони евра, халата треба да се простира на површина од околу 10.000 метри квадратни и таму според првичните проценки и најави треба да се вработат околу 1.000 луѓе. Целиот процес се очекува да започне за 1 до 2 месеци.

Сметам дека за 5 години бројката на вработени луѓе во ТИРЗ "Прилеп# би достигнала над 5.000 вработувања, што ќе биде од особена важност не само за Прилеп туку и за целиот Пелагониски регион. Самата зона е многу атрактивна, блиску е до градот и се наоѓа веднаш покрај самиот магистрален пат кој води за Битола и Грција.

Мора да се потенцира дека освен директните вработувања, во иднина, од ТИРЗ "Прилеп# бенефит би имале уште од 500 до 1.000 луѓе преку услужните дејности кои ќе се нудат како: превоз, обезбедување, одржување хигиена, исхрана и слично.

И за сето ова да функционира, секако, најважна беше поддршката на Владата која во оваа зона вложи над 1 милион евра за изградба на комплетна, патна, комунална и електрична инфраструктура.

Освен во ТИРЗ "Прилеп" голема е заинтересираноста за купување на плацови и во другите индустриски зони кои ги споменавте ?

Најзаслужен фактор секако за овие инвестиции е носењето на новиот Генерален урбанистички план кој е од инвестициски карактер. Со новиот ГУП се обезбедени поголеми области за зоните за домување и индустрија, нови локации за изградба на објекти во согласност со потребите на граѓаните и бизнис секторот.

Со претходниот ГУП беа предвидени 405, а со новиот 597 хектари. Големината на опфатот изнесува 1928,8 хектари и е поголем за околу 400 хектари од претходниот опфат. Најголем дел од проширувањето се однесува на работните зони (индустрија, сервиси, стоваришта итн.) и простор за домување, со што директно се влијае за подобрување на условите за привлекување на свежи инвестиции кои директно придонесуваат за подинамичен економски развој на Општината.

Зоната "Прилеп 1" е веќе ставена во функција, дел од објектите започнаа со работа, а дел се градат. Инвеститорите ги имаат сите предуслови за да може да започнат со работа. Локалната самоуправа има вложено околу еден милион евра за изградба на инфраструктура во оваа зона. Последниот грант за оваа намена во висина од 130.000 евра го добивме од Светска банка. Капацитетот на целата зона, кога ќе се изградат сите предвидени фабрики во неа би бил околу 1.000 до 1.500 нови работни места. Оваа зона за брзо време ќе претставува пример во цела Македонија како треба да изгледа една современа индустриска зона.

Сега со завршувањето на изборниот процес продолжуваме со нови објави за продажба на 7 парцели во индустриската зона "Прилеп 2", наменети за мали и средни претпријатија. Ова е помала зона, наменета за помали обејкти, но од анализите на пазарот на капиталот и инвестициите во Македонија, особено за градот Прилеп, неопходна беше изградбата на една таква зона за мали претпријатија и се надевам дека капацитетот на оваа зона ќе достигне од 500 до 1.000 нови вработувања. Продажбата на локациите значи започнува веднаш штом ќе стигне дописот од Антикорупциска комисија дека можеме да продаваме. Инаку моментално огромна е заинтересираноста за купување на овие парцели. Донесен е исто така и Деталниот план во кој е предвидено на стариот пат за Битола продажба на уште десетина нови парцели, со големина од 3.000 до 30.000 м2, наменети за фабрики и погони од лесната и незагадувачка индустрија. На продажба наскоро ќе бидат дадени и околу 20 парцели во станбената населба "Градина".

Ќе се дадат на продажба и 4 парцели за изградба на згради, со стамбен и деловен простор, во кругот на касарната, тие влегоа во опфатот на ГУП-от и кои можат да бидат понудени на заинтересирани инвеститори. Исто така годинава ќе влезе за продажба и едно од најатрактивните земјишта, а тоа е просторот на старата општинска зграда каде што имаме околу 7.000 м2 за продажба. Досега се изработуваа Генералниот и Деталните урбанистички планови, а се преговараше и со дел од министерствата за нивно дислоцирање од тој простор, каде што тие сега имаат канцеларии. Потенцијалните инвеститори за ова земјиште ќе треба да учествуваат на електронската аукција кога оваа парцела ќе биде дадена за продажба.

За колку е намален бројот на невработени во Прилеп во последниот период ?

Според податоците на АВРМ во 2005 година во Прилеп имало 15.345 вработени, а во 2016 година тој број изнесува 21.323. Значи разликата изнесува некаде околу плус 6.000 нови вработувања за овој период. Прилеп во 90-тите години со една лоша политика и транзиција беше рекордер по невработеност во Европа.

Денес во АВРМ имаме заведено само 6.500 до 7.500 активни баратели на работа во Прилеп. Ако го земеме фактот дека во градот има моментално од 450 до 500 работни места кои се нудат на пазарот на трудот, а тешко се наоѓаат работници, тука треба да се постави прашањето и дали таа бројка од 6.500 невработени лица е реална.

Намалувањето на бројката на невработени беше навистина огромен предизвик за нас како локална самоуправа и секако неа ја постигнавме со голема помош на Владата и преку различните мерки кои се нудеа преку АВРМ, за вработување, особено на младите лица. Има примери кои започнале со само еден вработен преку проектот за самовработување, а сега имаат изградено фабрики во индустриската зона "Прилеп 1".

За инвестиции потребна е добра патна и комунална инфраструктура?

Да, тоа е еден од најважните фактори за привлекувањето на инвеститорите. За 12 години во Прилеп се изградија 200 км нови асфалтни патишта и улици. 200 км нова водоводна мрежа, околу 140 км нова канализациска мрежа. Кога станува збор за патната инфраструктура се започна со изградба на еден од капиталните проекти, а тоа експресниот пат Прилеп - Градско. Неговата должина е 33,5 км, а проценетата вредност на буџетот на инвестицијата изнесува околу 80 милиони евра. Патот ќе се гради во 3 фази, а веќе интензивно се гради втората фаза од Дреновската клисура до селото Фариш во должина од 10 км. инвестиција која чини околу 31 милион евра.

Инаку Прилеп е рекордер во Македонија во изградба на патна инфраструктура. Вклучувајќи тука изградба на улици во градот, во населените места, локални патишта и изградба и реконструкција на магистралните и регионалните патишта кои врват низ територијата на општина Прилеп, како што потенцирав претходно бројката достигнува 200 км. Секако тоа го наоправивме и со голема помош на Владата и Министерството за транспорт и врски.

Практично и да нема живо населено место кое нема асфалтиран пат, од 53 населени места на територијата на општина Прилеп останаа само уште 5 до 6 села без асфалт, а кои имаат само под 10 жители. Но и тие наскоро ќе добијат патна инфраструктура.

Кога се очекува да заврши капиталниот проект "Пречистителна станица° вреден околу 28 милиони евра?

Проектот треба комплетно да заврши до крајот на оваа 2017 година. Инаку целиот проект опфаќа замена на околу 80 км канализациска мрежа, а исто така и изградба на пречистителна станица. Со тоа Прилеп ќе биде еден од ретките градови во Македонија и во регионот кој целосно ќе го има решено овој проблем. Тука сакам да напоменам дека започна уште еден капитален проект за Прилеп, а тоа е носењето на гасоводната цевка од Штип до Неготино, а наредниве месеци треба да започне изградбата на гасоводната цевка која ќе ги поврзува Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола. Со овој проект огромен бенефит ќе имаат сите индустриски капацитети, како и домаќинствата.

Како општина колку имате направено инвестиции во областа на спортот и образованието?

Комплетно сите училишта во општина Прилеп, било тоа да се во населените места, било во градот се комплетно реконструирани. Имаме вложено преку 12 милиони евра во нивна реконструкција. Тое ретко која општина во Македонија го има постигнато. Со тој процес продолжуваме континуирано и понатаму спрема различните потреби на училиштата. Исто така се изградија и 4 нови градинки, во градот и населените места. Прилеп доби 4 нови спортски сали, а во најава е изградба на уште 3 нови спортски сали. Започна реконструкцијата на градскиот стадион "Гоце Делчев" со средства обезбедени од УЕФА преку ФФМ. Во инвестицијата со свои средства ќе учествува и локалната самоуправа со што стадионот ќе добие нов терен со дренажа, осветлување за ноќни натпревари, реконструкција на трибините, покривање на дел од трибините и нови столчиња. Со тоа стадионот ќе добие услови за одвивање на меѓународни натпревари.

Кои други инвестиции ќе ги очекуваат прилепчани во текот на наредниот период?

Планирано е Прилеп во наредниот период да добие уште најмалку 2 до 3 нови детски градинки и тоа во населбата „Точила", „Рид" и еден дел од ООУ "Рампо Левката" ќе биде адаптиран во градинка. Жителите на населбата Сточен пазар може да ја очекуваат доизградбата на подрачното училиште"Рампо Левката". Ќе се започне со изградба на нов театар во Прилеп, а и ќе се реконструира и Центарот за култура "Марко Цепенков". Планирана е реконструкција на спортскиот центар "Маркови Кули", со што ќе биде обновена спортската сала, отворениот базен, тениските терени, спортските игралишта и санација на фудбалскиот стадион и атлетската патека. Ќе ја обновиме спортската сала „Македонија", а во Прилеп се планира да бидат изградени уште 5 нови баскет игралишта и 3 нови училишни спортски сали. Ќе се реконструира исто така и старата чаршија во Прилеп. Ќе се продолжи со инвестиции во здравството и во набавка на нова опрема за здравствените установи. Кога станува пак збор за здравството мора да напоменам тука дека моментално во тек е капитална инвестиција во прилепската болница вредна околу 70 милиони денари, со која комплетно се реновираат сите одделенија во болницата, се набавуваат нови апарати, а се пратени на специјализација и нови лекари. Во иднина прилепчани може да очекуваат асфалтирање на нови улици и патишта, изградба на нови тротоари, пешачки зони, нови плоштади, нови паркови и детски игралишта, реконструкции на училиштата и секако отворање на нови работни места и инвестиции, се со цел подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани на oпштина Прилеп.

30 јануари, 2017 - 11:46