Ванчо Апостолов, градоначалник на Општина Неготино

Рестрикциите на вода за Неготино ќе бидат минато

„Спроведивме неколку паралелни проекти кои веќе даваат резултати, а со нивната комплетна реализација очекуваме редукциите на вода да бидат минато за неготинци“, вели Ванчо Апостолов, градоначалник на општина Неготино

Поведовте неколку проекти за проблемот со водоснабдувањето во Неготино, колку тие донесоа придобивки за граѓаните?

Како приоритет на локалната самоуправа, уште на самиот старт го поставив долгорочното решавање на деценискиот проблем со водоснабдувањето на територијата на општина Неготино. За таа цел реализиравме неколку паралелни проекти кои веќе даваат резултати, а со нивната комплетна реализација очекуваме редукциите на вода да бидат минато за неготинци. Започнавме со проектот за хидраулично регулирање на потисокот на водата за пиење, кој беше 10 бари и придонесување за настанување на чести дефекти на повеќе од 60 години старата и дотраена водоводна мрежа. Со овој проект, потисокот го намаливме на 2,5 до 4 бари, ја елиминиравме опасноста од пукање на цевките и губење драгоцени количини вода за пиење, а околу 35 литри вода во секунда се вратени во системот и доаѓаат до домовите на граѓаните. Во 2016 година заврши изградбата и ставени се во функција два нови резервоари за вода со зафатнина од 500 м3 и 250 м3 со кои се обезбедија нови количини вода за жителите од висока зона во Неготино, а се реши и прашањето со водоснабдувањето во селата Пепелиште и Тимјаник. Во моментов го завршуваме и проектот за реконструкција на старата со поставување нова водоводна мрежа на 10 улици во градот во должина од 8 километри, додека во 2017 година продолжуваме со реконструкција на водоводот на уште пет улици во градот.

Во Неготино има три индустриски зони, но колкав е интересот на инвеститорите за овој регион?

Започнавме со Индустриската зона „Неготино“ лоцирана на одлична местоположба покрај автопатот и железничката пруга на површина од 25 хектари. Продадени се сите 17 парцели и прашање на време е кога инвеститорот ќе почне со изградба на капацитетите од Г-2 лесна и незагадувачка индустрија. Имајќи го предвид огромниот интерес за парцелите, ја оформивме и Индустриската зона „Неготино 1“ на површина од 35 хектари, а брзо ќе биде комплетирана и документацијата за Индустриската зона Дуброво-Тремник на површина од 85 хектари, по што ќе ја објавиме и продажбата на парцелите. Очекуваме на овој простор да се изградат нови капацитети во кои ќе има работа и за граѓаните од нашата, но и од неколку соседни општини. Невработеноста во општина Неготино е на најниско ниво во последните 20 години, бидејќи ако во 2006 година во Центарот за вработување имаше 4.875 невработени, во август 2016 се евидентирани 1.085 лица кои бараат работа, од кои поголем дел се пасивни баратели.

За интензивен локален економски развој неопходна е и квалитетна инфраструктура. Што преземате на овој план?

Во изминатиот период изградивме и ставивме во функција неколку регионални патни правци, асфалтиравме улици во Неготино и населените места. Имајќи предвид дека ние сме претежно земјоделски крај со доминација на лозовите насади го ставивме во функција патот Курија-Паликура со што одењето до општина Росоман се скрати за 12 км. Ветеното го остваривме и со реконструкцијата и асфалтирањето на патот Неготино - Криволак во должина од 3 километри, а во најлозарскиот регион со најквалитетно грозје и вино - Дисанијата го ставивме во функција новиот пат од Тимјаник до Долни Дисан, а во неколку фази се реализира и асфалтирањето на патот од Горни Дисан до Вешје. Ги уредивме и ги асфалтиравме централните подрачја во Војшанци, Тремник, Курија, Долни Дисан и Тимјаник со поставување урбана опрема и облагородување на просторот. Исто така, поставивме водоводна, атмосферска и фекална мрежа во повеќе урбани зони во Неготино каде што се лоцирани поголем број стопански капацитети и го асфалтиравме целиот простор. Извршивме продажба на просторот на кој е лоцирана руинирана сала на ДТВ Партизан и на нејзино место на најатрактивниот простор во центарот на Неготино ќе се гради станбено-деловен центар П+4. Годинава планираме да ја објавиме на продажба локацијата каде што се наоѓа училишната зграда на старата Гимназија со план за изградба на станбено-деловен објект.

Гасификацијата во 2017 година треба да стаса и до Неготино, што ќе значи користењето на овој евтин енергенс и за граѓаните и за компаниите?

Гасоводот Штип - Неготино во должина од 36 километри е во вредност од 16.000.000 евра обезбедени од Владата, и според најавите, овој крак ќе биде завршен до крајот на оваа година. Тоа значи дека нашиот регион ќе добие поевтин и еколошки енергенс, кој ќе овозможи гасификација на домаќинствата која ќе се одвива постепено, а бенефитите ќе ги користат и стопанските капацитети во трите нови индустриски зони, како и постојните капацитети кои функционираат на територијата на општина Неготино. Пресметките покажуваат дека економските бенефити за нашите граѓани и за стопанствениците ќе бидат огромни, па токму затоа ние како локална самоуправа веќе сме во фаза на изготвување на неопходната техничка документација за создавање услови за секундарно приклучување на гасоводната мрежа.

Неготино е една од општините која доделува ваучери за новородени деца. Колку се задоволни родителите од оваа мерка?

Со една реченица - ефектите се над очекувањата. Од почетокот на оваа активност до денес наталитетот во општина Неготино е зголемен за 21 отсто, доделени се над 600 ваучери за новороденчиња во вредност од 7.000 денари за прво и 14.000 денари за трето новородено дете, а на лицата над 40-годишна возраст кои за првпат ќе стапат во брак им доделуваме вредносен ваучер од 30.000 денари. Овие мерки се оценети како мошне позитивни и стимулативни, што значи дека и во иднина несомнено и без задршка продолжуваме со реализацијата и на овој проект.

Покрај гасификацијата, на кои други проекти им давате приоритет?

Покрај гасификацијата и подобрување на водоснабдувањето како приоритетни, планираме и завршување и асфалтирање на патниот правец Горни Дисан - Вешје, патот од село Калањево до излетничкото место Бела вода. Потоа реконструкција и изградба на спортски-забавен парк кај Спомен-костурницата, изградба на нова површинска фонтана на градскиот плоштад, изградба на кружен тек на влезот во Неготино, асфалтирање улици во градот и во сите населени места, реконструкција на водоводната мрежа на пет улици и други инфраструктурни зафати со кои ќе ги подобриме севкупните услови за живеење на сите граѓани на општина Неготино.

24 јануари, 2017 - 13:20