Жика Стојановски, градоначалник на Општина Илинден

Инвестициските патишта и во 2017 водат кон Општина Илинден

Интензивно работевме на обнова на патиштата, на реализацијата на капиталниот проект за Подобрување на локалната патна инфастурктура, изградба, санација, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, кои се протегаат на должина од 275 километри низ целата општина, како и Подобрување на инфраструктурата во локалните економски зони и стопанските комплекси.

Благодарејќи на оптималното искористување на ресурсите и можностите, од 2008 година до денес во Општина Илинден реализирани се 180 инвестиции, од кои 33 странски директни инвестиции, а невработеноста која во 2008 година изнесуваше 38 %, денес изнесува 6 %

Зад нас е година во која поради парламентарните избори имаше многу ограничувања во реализацијата на проектите и во локалната заедница. Дали во вакви услови Општина Илинден го реализираше планираното?

-Иако бевме соочени со голем број сериозни предизвици, многу ограничувања, зад нас е уште една година што ја одбележаа многу активности, период во кој успеавме да го реализираме најголемиот дел од планираното. Реализиравме голем број на капитални проекти кои ги дефинираа граѓаните на Општина Илинден. Сето ова не ќе можевме да го сториме без нив, без нивната поддршка, за што искрено им се заблагодарувам.
Искористувајќи ги сите наши располжливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети во соочувањето со предизвиците, во изминатата година целосно се насочивме кон реализација на предвидените проекти, со цел обезбедување на одржлив економско-социјален рамномерен развој и просперитетна иднина на жителите во сите 12 населени места во Општина Илинден. Реализиравме голем број на проекти што придонесуваат Општина Илинден да биде подобро место за живеење, место со подобри услови за стопанисување, подобри услови за образование, за одржлив економски развој, повисок животен стандард и поквалитетен живот на населението.

Општина Илинден стана препознатлива по инвестицискиот бум, за што го понесе и епитетот „економски тигар" во регионот. На што се должи тоа што Општина Илинден е една од најпривлечните инвеститорски дестинации?

-Да, инвестицискиот циклус во Општина Илинден продолжува со несмалено темпо. Инвестициските патишта водат кон Општина Илинден зашто исполнително, посветено и одговорно континуирано создаваме услови за влез на нови инвестиции. Токму како резултат на спроведувањето и реализацијата на реален и ефективен концепт за овозможување поволни услови за влез на нови инвестиции, продолжи инвестицискиот циклус карактеристичен за Општина Илинден.
Показател, индикатор за одржлив Локален економски разво во Општина Илинден претставува изградбата и пуштањето во употреба на нови производствени погони, кои во континуитет креираат нови, реални, слободни работни места. Ова е тоа што ми дава сигурност и ми влева верба, дека делуваме денес за потребите на генерациите што доаѓаат, делуваме денес за одржлив локален економски развој, за потребите на стопанството, обезбедувајќи предуслови за поквалитетен живот.
Благодарејќи на оптималното искористување на ресурсите и можностите, од 2008 година до денес во Општина Илинден реализирани се 180 инвестиции, од кои 33 странски директни инвестиции, а невработеноста која во 2008 година изнесуваше 38 %, денес изнесува 6 %.

Колку квалитетната инфраструктура влијае во привлекувањето на нови инвестиции?

-Посветеноста на Општина Илинден е токму во создавањето на поволни услови за нови инвестиции, пред се преку реализацијата на многубројни капитални проекти во областа на инфраструктурата.
Интензивно работевме на обнова на патиштата, на реализацијата на капиталниот проект за Подобрување на локалната патна инфастурктура, изградба, санација, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, кои се протегаат на должина од 275 километри низ целата општина, како и Подобрување на инфраструктурата во локалните економски зони и стопанските комплекси.
Истовремено, зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите на Општина Илинден. Во таа насока, во делот на безбедноста на пешаците и велосипедистите како учесници во сообраќајот Општина Илинден континуирано инвестира во изградба и реконструкција на пешачки и велосипедски патеки. Во рамките на реализацијата на овој проект изградени се вкупно 15 километри пешачки и велосипедски патеки, патеки за спортување и рекреација, како и 7 нови мостови, од кои 6 пешачки.

Во изминатиот период медиумите информираат за вистинска градежна експанзија во Општина Илинден. Можете ли накраткo да ни кажете на кои проекти работевте?

-Реализиравме голем број на капитални проекти во повеќе области. Во делот на заштита на животната средина, во рамките на проектот за изградба на систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и од стопанските објекти, изградивме 4 сегменти од фекалната канализација со 4 пречистителни станици во 3 населени места, кои опфаќаат 1.400 домаќинства, односно 5.000 жители.
Во насока на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Општина Илинден презедовме обврски и надлежности кои не се директно во доменот на локалната самоуправа. Општина Илинден е прва и единствена локална самоуправа што реализираше проект од областа на здравството. Изградивме и пуштивме во употреба нов објект на Амбуланта во Миладиновци, која опфаќа 4.500 жители од 6 населени места: Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци и извршивме уредување на просторот околу амбулантата во населба Илинден.
Создавајќи услови за просперитетна иднина на населението и заедницата, во делот на детската заштита, со цел зголемување на капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст, им излеговме во пресрет на потребите на граѓаните изградивме нов дел и ја проширивме деската градинка „Гоце Делчев", која сега има капацитет за згрижување на 400 дечиња.
Како дел од Проектот за чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали во Општина Илинден, во 2016 година исчистени се 60 километри од каналската мрежа, што е за 14 километри повеќе од планираните 46 километри за оваа година.

Општина Илинден стана препознатлива и по вложувањата во областа на културата?

Во изминатиов период продолживме континуирано да работиме на обезбедување поволни услови за развој и за унапредување на културата која е белег на нашето постоење и значаен симбол на идентитетот на секој народ. Во таа насока, во 2016 година изградивме два нови домови на култура во населените места Марино и Миладиновци, со што денес жителите на сите 12 населени места во Општина Илинден имаат свој простор за општествено делување, а го реализиравме и уникатниот, единствен и оригинален проект „Галерија на отворено", кој опфаќа уредување на Домот на култура „Илинден".
Подобрувањето на квалитетот на живеење и животниот стандард на жителите од сите дванаесет населени места: Илинден, Марино, Кадино, Мралино, Миладиновци, Дељадровци, Бујковци, Мршевци, Текија, Бучинци, Бунарџик, Ајватовци, преку реализацијата на значителен број проекти, претставува наша заедничка определба. Убеден сум дека со поддршката и довербата што ја добиваме од граѓаните успеваме да ја реализираме визијата: Општина Илинден да прерасне во урбана, атрактивна и конкурентна општина во регионот и пошироко, со создадени услови за одржлив економски и социјален развој, како и квалитетен живот на сите граѓани.

23 јануари, 2017 - 12:38